Овој пат наместо трофеј од тенискиот терен, Мареј славеше за голфот. Трикратниот Грен слем шампион триумфираше на првиот ден на голфот Мајк Диксон, настан организиран од Британското здружение на тениски новинари (BTJA). Овој турнир се одржа на теренот за голф Ханбери Манор во Херефордшир и собра бројни познати личности и спортски ѕвезди, за да му оддадат почит на Мајк Диксон, легендарниот тениски новинар на Дејли Меил кој почина во јануари оваа година на 59-годишна возраст.
Диксон, познат по прекарот „Дико“, беше сакан член на редакцијата и еден од најпознатите тениски дописници, работејќи за Дејли Меил повеќе од три децении. Неговата смрт се случи само неколку недели пред неговиот 60-ти роденден додека го покриваше Австралија опен, турнир што тој особено го сакаше.
BTJA објави на социјалната мрежа X дека Мареј триумфирал, на големо задоволство на фановите на Шкотланѓанецот по неговото префрлување на голф. Во пораката им се заблагодарија на сите кои учествуваа и истакнаа дека Мареј го освоил својот прв трофеј во голфската кариера, истакнувајќи дека очекуваат да ги има уште многу.
Мареј, кој моментално има хендикеп 7, истакна дека целта му е да стигне до „нула“ (нула хендикеп) во следните неколку години. Попатно, на Мареј му помага 16-от светски голфер Боб Мекинтајр, неговиот сонародник, кој му одржува редовни лекции и го забрзува неговиот напредок.
Минатиот месец Мареј играше на турнирот Pro-Am на BMW PGA шампионатот во Вентворт, каде што го привлече вниманието на Мекинтајр, кој ја пофали неговата игра. "За некој кој нема големо искуство, играше одлично. Бев навистина импресиониран од неговата игра. Мислам дека наскоро ќе дојде до нула хендикеп", изјави Мекинтајр.
За Мареј ова е нов предизвик во кој ужива. „Чувството на нервоза е поинакво, бидејќи се чувствувам безбедно на тенискиот терен. Никогаш не мислев дека можам да заборавам како да играм тенис“, рече тој на турнирот во Вентворт.
Енди Мареј ја заврши тениската кариера во август оваа година, откако загуби во двојки на Олимписките игри, каде што играше со сонародникот Ден Еванс.
Неговата биографија на социјалната мрежа Х сега ја отсликува промената во спортот: порано пишуваше „Играм тенис“, но сега пишува „Играв тенис. Сега играм голф“.