Отишла во Турција да ги оперира очните капаци, но раните не зараснувале

Поради она што ѝ се случило не можела да излезе на улица...

Иркинката Анита Бордерс решила да се почести за својот 50-ти роденден со интервенција која на крајот ја чинела 10-пати повеќе и речиси ѝ го загрозила животот.

Таканаречениот „медицински туризам“ во Турција бележи голем раст, но не е секогаш без ризици. На ова предупредува и Анита Бродерс (51) од Ирска, која поминала низ трауматично искуство откако отпатувала во Истанбул на операција за подигнување на очните капаци. За да ги избегне високите цени за оваа услуга во Британија, оваа жена се одлучила за значително поевтина естетска процедура во Турција. Тоа требало да биде мал роденденски подарок за нејзиниот 50-ти роденден.

-Почнав да истражувам шест месеци однапред и наидов на една клиника во Турција. Сè чинеше дека клиниката е во ред. За операцијата потрошив 1.000 евра, надевајќи се на брза и успешна процедура. Меѓутоа, набргу по операцијата на очните капаци, сфатив дека нешто не е во ред. Раните не зараснуваа. Ги извадив завоите и ништо не изгледаше како што треба. Иако контактирав со клиниката, ми беше кажано дека тоа е „дел од процесот на закрепнување“, изјавила таа за „Кенеди Њуз ен Медиа“, а „People“ пишуваше за тоа.

Нејзиниот проблем се влошувал, и долните очни капаци почнале да паѓаат, откривајќи ја внатрешната слузокожа од окото и правејќи ја да изгледа морничаво. Анита се вратила во Турција каде ѝ била направена уште една операција, но проблемите се повториле.

- Ова ми го уништи 50-тиот роденден. Ја немав планираната прослава како што требаше. Тоа беше поразително. Живеев со тоа цела година. Пропуштив многу работи поради тоа. Моето семејство беше шокирано. Се чувствував нагрдено и изгледав деформирано. Не одев никаде освен на работа во мојот бар. Се чувствував како да не можам да излезам – додала таа.

Откако нејзините проблеми со очите продолжиле и по втората операција, Алиса изгубила надеж дека ќе добие помош од клиниката во Истанбул.

- Хирургот никогаш не презеде одговорност за своите постапки. Ми рекоа дека секоја постапка е ризик и дека јас сум ги потпишала документите. На крајот ми понудија отштета од 2.000 фунти (2.390 евра), што јас го нарекувам навреда. Оттогаш се немам слушнато со нив. Се чувствувам толку изневерено. Се каам што отидов во Турција на операција. Во Турција потпишувате документи, а немате поим што потпишувате. Тоа е опасно. Не сакам ова да му се случи на некој друг – истакнала таа.

По ваквото разочарување, после една година, Алиса отпатува во Канада на трета операција за да ги поправи нејзините очни капаци. Она што првично требало да биде евтина процедура, на крајот ја чинело речиси 11.000 долари.

Лапорта лут на УЕФА: Ни ветија повеќе пари, но добивме повеќе натпревари

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта се изјасни против новиот формат на Лигата на шампионите. Тој особено не го одобри поголемиот број натпревари на турнирот.

-Мислев дека ќе добиеме повеќе пари, но се покажа дека добивме повеќе натпревари. Да се ​​освои Лигата на шампионите е престижно, но очекував се да биде поинаку. Суперлигата? Таа е пожива од кога било и се е подготвено за неа. Потребно е само да се постигне разбирање со фудбалските организации. Барселона ќе се обиде да ја игра улогата на мост меѓу Суперлигата и федерациите, потенцираше газдата на каталонскиот клуб.

Лапорта се изјасни негативно и за натпреварите во Лигата на нациите.

-Јас сум против овој турнир. УЕФА го организира преку задната врата. Таму не се почитуваат правата на играчите, а клубовите плаќаат. Работите мора да се регулираат за да бидат во интерес на играчите и клубовите, додаде Лапорта.

СЗО повикува на итна акција по првиот потврден случај на колера во Либан

Светската здравствена организација (СЗО) е вознемирена од првиот потврден случај на колера во Либан по избувнувањето на актуелната криза и соопшти дека итно работи на спречување на поголема епидемија.

Либанските здравствени власти неделава го потврдија првиот случај на колера во услови на ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах, поддржан од Иран.

Колерата е заразна болест придружена со дијареа и повраќање и се шири преку контаминација на вода, на пример кога залихите на вода се загадени со измет. Ризикот од појава секогаш постои кога многу луѓе мора да живеат заедно во недоволно хигиенски услови.

Во Либан повеќе од милион луѓе се раселени поради израелските напади во борбата против Хезболах. Многумина живеат во несоодветни услови во засолништата или на отворено и немаат пристап до чиста вода.

По повеќе од 30 години колера во Либан повторно се појави во октомври 2022 година, кога беа регистрирани над 8.000 сомнителни случаи, а до јуни 2023 година, кога беше крајот на епидемијата, починаа 23 лица. Болеста е особено опасна за малите деца .

Во моментов се во терк тестирања на луѓе и преглед на примероци од вода. Во соработка со партнерските организации, СЗО се обидува да обезбеди повеќе чиста вода за пиење и да го подобри отстранувањето на отпадните води. Дополнително, во земјава веќе се донесени медицински материјали за лекување на болни од колера.

Кампањата за вакцинација против колера траеше од почетокот на август, но беше прекината поради ескалацијата на конфликтот меѓу Хезболах и Израел.

Пентагон: САД дадоа разузнавачки информации за лоцирање на лидерот на Хамас

САД дадоа разузнавачки информации за лоцирање на лидерот на Хамас, операцијата беше израелска.

Американската војска денеска соопшти дека нејзините сили немале никаква улога во израелската операција во која беше убиен лидерот на Хамас, Јахја Синвар, иако американското разузнавање му помогнало на Израел да ги лоцира лидерите на Хамас кои земаа заложници минатата година.

-Ова беше израелска операција. Американските сили не беа директно вклучени, рече портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.

Според него, САД помогнале да се обезбедат информации и разузнавачки информации поврзани со враќањето на заложниците и следењето и локацијата на лидерите на Хамас кои биле одговорни за држење на заложниците.

-И, се разбира, ова генерално придонесува за разбирање на ситуацијата. Но, повторно, ова беше израелска операција. И јас би ве упатил кај нив за да разговарате за деталите за тоа како помина операцијата, рече Рајдер на брифинг во Пентагон, пренесуваат британските медиуми.

Неговите коментари уследија по изјавата на американскиот претседател Џо Бајден дека му наредил на американскиот персонал за специјални операции и разузнавачки служби да му помогнат на Израел да ги „фати“ Синвар и другите милитантни лидери откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година.

По повод пристигнувањето на американската батерија THAAD за зајакнување на израелскиот систем за противвоздушна одбрана, Рајдер нагласи дека компонентите на ова оружје почнале да пристигнуваат во Израел.

-Системот ќе биде оперативно подготвен во блиска иднина. Нема да навлегувам во конкретни датуми... Ќе кажам дека е интегриран во воздушната одбрана на Израел, како и во пошироките регионални напори на САД за поддршка на одбраната на Израел, рече тој.

притисни ентер