Самостојна изложба на уметникот Зоран Арсовски – Бабата со наслов “Нови хоризонти”

Изложбата ќе биде отворена на 20 Јуни со почеток од 19.30 часот во НУ Центар за култура Крива Паланка.

Самостојна изложба на слики на современиот академски визуелен уметник Зоран Арсовски – Бабата со наслов “Нови хоризонти” ќе биде отворена на 20 Јуни со почеток од 19.30 часот во НУ Центар за култура Крива Паланка во рамки на манифестацијата Крива Паланка град на културата за 2024 година. Проектот е од национален интерес во културата од годишната програма за 2024 година на Министерство за култура.

Ова е негова 16-та по ред самостојна изложба со која ќе се претстави реномираниот сликар м-р Зоран Арсовски - Бабата пред љубителите на уметноста, овој пат пред Македонската публика, откако претходните проекти и изложби тој многу повеќе ги презентираше пред Меѓународната ликовна сцена. Арсовски е роден 1980 година во Куманово, Р. Македонија. Дипломирал 2005 година на Националната Ликовна Aкадемија во Софија, Р. Бугарија, насока Сликарство во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев. Во 2007 година Магистрирал на истата Академија и се стекнал со професионална квалификација Магистер по Сликарство.

Има учествувано на повеќе Меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти, уметнички фестивали и симпозиуми во земјава и странство. Работи во Национална установа Центар за култура „Трајко Прокопиев”- Куманово како Стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.

Сопственик е на уметничка Галерија „Art Gallery Arsovski" - Куманово.

За својата работа има добиено повеќе награди, признанија и дипломи.

За изложбата “Нови хоризонти” историчарот на уметноста, Роберт Цветковски ќе запише:

Не спорејќи го влијанието на општествениот контекст (пандемии, енергетски и економски кризи, војни и уништување на животната средина со неодговорно однесување на човекот), како и просторот и времето во коешто живееме и твориме, размислувајќи притоа за предизвиците пред нас, честопати, се обидуваме да ја видиме подалечната иднина. Тој мисловен конструкт ни е потребен за да можеме да се подготвиме за настаните коишто доаѓаат и ни е еволуциски впишан во нашата ментална програма за опстанок. Се разбира, повеќе луѓе од разни профили можат да дадат свои видувања во оваа насока, но се чини дека визуелните уметници можат да дадат најексплицитни проекции. Проекцијата на иднината и нејзиниот евентуален развој е во фокусот на проектот којшто сакаме да ви го претставиме а се работи за најновата изложба на академскиот сликар м-р Зоран Арсовски-Бабата насловен како “Нови хоризонти“. Велиме проект, затоа што е тематски поврзан со неговите претходни циклуси (“Тектонски пореметувања“ и “Космички бумеранг“) и претставува континуитет на едно истражување коешто доследно, согласно претходно поставените канони и стандарди, дава иновативни резултати и креативни решенија. Во содржинска смисла, екологијата е почетната точка на проектот а актуелната продукција е драматично предвидување на последиците од непочитувањето на животната средина и планетата воопшто. Во формално-техничка смисла, тука е веќе усовршената техника на акрил во комбинација со силикатни смоли, мајсторски аплицирана на платно од страна на Арсовски, и во сиот свој раскош и сјај еманира зрелост, прецизност и баланс.

Од ракурсот на консументот, она што е евидентно во најновиот циклус на остварувањата на Арсовски е следењето на претходно исцртаната траекторија а тоа подразбира експлозија од бои и форми, езотеричност, метафизика и трансценденција, секвенци на нов универзум, нови хоризонти во постојано превирање и констелација на флуидно напластени леери во диспозиција која сугерира континуирана трансформација на просторот, видена преку транзицијата на материјата во енергија и обратно. Исто така, во понудената колекција се чувствува трипартитна организација на композициската структура во којашто доминира колористична експресија (дела со нагласен третман на интензивни комплементарни и суплементарни бои нанесени со силни гестуални движења, надополнети со точкасти партии коишто симулираат перфорирани индустриски остатоци), апстрактно-асоцијативни експресионистички пејзажи (работени пред псевдохоризонт, изведени во колористично експресивен манир, од коишто извираат силуети на птици, луѓе, зооморфни ентитети) и надреални композиции (надополнети со објекти од животинска и растителна природа: петли, гасеници, полжави па дури и биоморфни структури во комбинација со остатоци од високо-технолошка ера). Вака поставената повеќеслојна структура во делата на Арсовски имплицира еден егзистенцијален дискурс во којшто филозофското и практичното, можното и неопходното, доброто и лошото мораат да бидат доведени до совршена рамнотежа.

Несомнено, понудениот материјал треба да се разбере и како повик кон факторите на сегашната цивилизација за освестување и преземање на итни мерки за спас на планетата; во спротивно, драматичните случувања од сликите на Арсовски ќе бидат реалност... Можеби ќе преживеат некои помали животни и растенијата ќе бидат со изменет колорит, па дури и ќе се појават некои нови постеволутивни органовидни форми, но отсуството на човекот говори дека состојбата е повеќе од алармантна. И токму тука, во упатениот апел ја гледаме вредноста на оваа изложба, надополнета, се разбира, и со техничката перфекција.

Трет ден расправа за ребалансот на Буџетот

На собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска трет ден по ред треба да продолжи општата расправа за ребалансот на Буџетот.

Според пратениците од власта, ова е најтешкиот ребаланс затоа што е врз база на најлошиот и најтешкиот Буџет. Посочија дека Буџетот кога бил предложен претходната власт кажала ќе биде развоен и ќе има реализација на капиталните инвестиции, а сега, велат, имаме потреба не само од фискална консолидација, туку и од консолидација на државата. Додека, па, според пратениците на опозицијата, овој ребаланс е најлошиот досега и со него нема раст на платите и пензиите, а зголемен е и јавниот долг од 58 на 68 отсто.

На вчерашниот втор ден, пратениците расправаа околу намалувањето на буџетот на судовите и јавните обвинителства. Според пратениците на опозицијата, институциите од судската власт треба да имаат поголеми буџети, додека, пак, според владините пратеници овој буџет им е премногу со доверба од само два проценти кај граѓаните.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски вчера на собраниската комисиска расправа истакна дека оваа Влада има намера да направи финансиска консолидација на целокупното стопанство, да ги екипира сите буџетски корисници и да направи контрола на непродуктивните трошења, ќе продолжи со зголемување на платите и пензиите, а обезбеди и средства од каде можеше за нормално функционирање на државата.

Реплицирајќи и на пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ според која овој ребаланс е најлошиот досега, Јанкуловски потенцира дека Владата ги креирала проекциите согласно состојбите што ги наследила.

-Ова е најлошиот ребаланс, и за граѓаните и за еконоимијата. Платите и пензиите во изминатите години растеа како никогаш досега, и просечната и минималната плата, а како резултат на тоа се подобруваше животот на граѓаните и тоа е непобитен факт, но и доказ за добрите политики на СДСМ. Во делот на пензиите, ако вие како ВМРО-ДПМНЕ ги зголемувавте 11 години како ние, наместо да ги лажете пензионерите со 600 денари, денеска ќе зборувавме за минимални пензии од 20 000 денари, Тренчевска.

Општата расправа за ребалансот на Буџетот трае најмногу три дена, а амандманската за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. Завчера, на првиот ден од расправата, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон.

Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти

Сончево и топло со слаб северен ветер

Времето денеска ќе биде претежно сончево и топло со слаб до умерен ветер од северен правец.

Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 20, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени Целзиусови. УВ индексот ќе изнесува 9.

Во Скопје ќе биде сончево и топло со слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.

Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), и во следните денови ќе преовладува сончево време со постепен пораст на температурата. Во почетокот на следната седмица повторно ќе дува умерен до засилен северен ветер.

Фото: Отворени Олимписките игри во Париз

Олимписките игри во Париз беа официјално отворени со спектакуларно отворање што се одржа на брегот на Сена во петокот.

Самите игри ги отвори францускиот претседател Емануел Макрон, откако на собирот се обратија претседателот на Организацискиот одбор на игрите, Тони Естанге и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах.

За прв пат отворањето на Игрите се случи во самиот град, а не на стадион, па за обезбедување на учесниците и гледачите, кои се собраа речиси 300.000, беа ангажирани 45.000 полицајци и илјадници војници.

А голем број гледачи можеа да уживаат во фантастично шоу кое не можеше да го расипе ниту силниот дожд кој ги „однесе“ и изведувачите и спортистите на свечената парада што се одржа на чамците на Сена.

На самиот почеток на отворањето, публиката ја крена на нозе мегапопуларната американска пејачка и танчерка Лејди Гага, која изведе два француски евергрини, симболичната песна од мјузиклот „Mon truc en plumes“ и песната на Едит Пјаф „ La vie en rose“.

Реставрацијата на катедралата Нотр Дам, која беше тешко оштетена во пожар во 2019 година, исто така одигра улога во церемонијата на отворањето. Париските занаетчии и градежници се претставени како танцуваат за да го создадат срцето потребно за реставрација на една вековна зграда во центарот на француската престолнина, а не бил заборавен и најпознатиот ѕвонар на црквата Нотр Дам, подгрбавениот Квазимодо од романот на Виктор Иго, кој ги надгледува работите од покривот на катедралата.

Една од најзапаметените точки на целото отворање беше настапот на глобално популарниот француски метал бенд Гоџира, кој во соработка со француско-швајцарската оперска пејачка Марина Виоти ја изведоа револуционерната песна „Аh! Ca ira“ додека се изведуваше Француската револуција на брегот на Сена.

Слоганот на Француската револуција беше „Слобода-еднаквост-братство“, па по настапот на Гоџира и Марина Виоти, кои ја претставуваа слободата, на ред дојде еднаквоста претставена со настапот на најслушаната франкофонска пејачка Аја Накамура, која облечена во златен комбинезон изведе микс од двата нејзини најголеми хита хитовите „Pookie“ и „Djadja“ и евергринот „For me Formidable“ на Шарл Азнавур, додека братството го претставуваше музејот Лувр.

За жал, силниот дожд го расипа настапот на еден од најистакнатите оперски пејачи од новата генерација, контратенорот и брејкденсер Јакуб Јозеф Орлински, кој ја изведе аријата „Дојди Химеро“ од операта на Жан-Филип Рамо.

Французите во целата изведба не ги заборавија своите клишеа како танчери од Канкан, кроасани, но не ги заборавија и своите големи писатели како Виктор Иго и Жил Верн и нивните безвременски дела како „Мезерите“, „Патување во Месечината“, „20.000 милји под морето“, како и големите пронаоѓачи како Монголфие, браќата Лумиер... За време на изведбата на француската химна од покривот на Гранд Пале, некои од големите жени од француската историја беа почестени.

Завршниот дел од свеченото отворање пред официјалниот дел го одбележаа модна ревија и модерна музика.

Пристигнувањето на местото на олимпиското знаме, кое на коњ го донесе припадник на француската жандармерија под Ајфеловата кула, беше феноменално.

На ова му претходеше 10-минутна сцена во која знамето на сребрен механички коњ на специјално направена платформа помина 6.500 метри по Сена за да го рашири олимпискиот дух низ градот.

На Игрите учествуваат 10.714 спортисти, во 32 спорта, од 206 земји и територии, плус група спортисти кои ќе се натпреваруваат под знамето на МОК, како и тим на бегалци.

Поради војната во Украина, Русија и Белорусија не учествуваат во екипните спортови.

Париз е домаќин по трет пат во историјата, по 1900 и 1924 година, со што како лидер му се придружи на Лондон, кој исто така трипати ги организирал Игрите, во 1908, 1948 и 2012 година.

Организацијата на Игрите ќе чини околу девет милијарди евра.

притисни ентер