Правилата за трансфери на ФИФА спротивни на законите на ЕУ

Судот на правдата на Европската унија (ЕУ) денеска пресуди дека одредени правила на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) кои ги регулираат трансферите на играчи меѓу клубовите се во спротивност со законите на ЕУ.

Одлуката доаѓа откако поранешниот француски репрезентативец Ласана Дијара правно ги оспори правилата на ФИФА по спорот со клубот кој датира од пред 10 години.

Дијара тврди дека ограничувањата на ФИФА значат дека тој не може да најде нов клуб откако неговиот договор со Локомотив Москва беше раскинат во 2014 година.

Правилата на ФИФА велат дека ако играчот го раскине договорот без „праведна причина“, играчот и секој клуб што сака да го ангажира се заеднички одговорни за плаќање на отштета на претходниот клуб.

„Тие правила го попречуваат слободното движење на играчите и конкуренцијата меѓу клубовите. Станува збор за такви што го попречуваат слободното движење на професионалните фудбалери“, се вели во соопштението на судот.

Судот додаде дека сегашните правила „наметнуваат значителни правни, финансиски и спортски ризици за играчите и клубовите што сакаат да ги вработат и кои ги попречуваат меѓународните трансфери на играчи“.

Дијара потпиша четиригодишен договор со Локомотив, кој беше раскинат една година подоцна, откако Дијара не беше задоволен од намалувањето на платата.

Локомотива бараше отштета од ФИФА, а Дијара поднесе противтужба, барајќи компензација за неисплатените плати. Судот за спортска арбитража пресуди дека клубот го раскинал договорот со Дијара „од оправдана причина“, а на играчот му беше наложено да плати отштета од 10,5 милиони евра.

Тошковски се сретна со македонците кои живеат во Албанија

Престојот во Тирана го искористив и за срдечна средба во просториите на македонската амбасада со дел од Македонците кои живеат во Албанија. 

Имав можност непосредно да се запознам со нивниот начин на живот тука, како и предизвиците и проблемите со кои се соочени. Ме запознаа и со активностите кои ги преземаат во насока на негување и зачувување на македонската култура и идентитет.

Силно верувам дека македонските заедници во странство се важен дел од нашиот национален идентитет. Нивната љубов кон татковината е евидентна. Овие луѓе беа заборавени и затоа одржувањето на блиски контакти со нив е од исклучителна важност, а јас секогаш сум подготвен за соработка и поддршка во рамките на моите можности. Мојата врата е секогаш отворена за комуникација и заедничко делување, сè со цел да ги зајакнеме врските помеѓу татковината и нашите граѓани во дијаспората, објави на ФБ министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Тошковски на средба со Хоџа во Тирана за воведување One Stop Shop на границите

Денеска во Тирана, Република Албанија остварив работна средба со министерот за внатрешни работи на Албанија, Ервин Хоџа.

На средбата беше констатирано дека досегашната соработка е на високо професионално ниво, со тенденција за унапредување преку склучување на договори и протоколи за соработка.

Со министерот Хоџа разговаравме на теми коишто се од заеднички интерес за нашите граѓани. Прва тема беше воспоставување на „One Stop Shop“ систем којшто ќе овозможи побрз трансфер на патници во рамки на граничните премини коишто ги имаме со Република Албанија. Тој систем веќе е во напредна фаза на имплементација со Република Србија, така и со Република Косово се со цел да го забрзаме протокот на патници на овие гранични премини, со максимално намалување на времето на трансферирање на патниците од овие држави.

Разговаравме и за можноста нашите полициски служби да продолжат со континуирани посети коишто ги имаме во рамки на летната сезона и албански полициски службеници патролираат во рамки на туристичките зони коишто ги имаме во Македонија, а македонски полициски службеници патролираат во туристичките зони во Албанија, со цел подобрување на условите за нашите граѓани. Секако, фокус на средбата ставивме и на оперативните аспекти на двете министерства во борбата против транснационалниот организиран криминал, илегална миграција и криумчарењето на лица.

Министерот за внатрешни работи на Албанија, Ервин Хоџа го потенцираше заедничкиот проект за рехабилитација и реконструкција на граничниот премин Блато-Спас и управување на границите на двете земји со финализирање на веќе дискутираниот и изготвен договор за одржување на граничните ознаки со нашата земја.

Со министерот Хоџа ја потврдивме подготвеноста за продлабочување на билатералната и оперативна соработка помеѓу двете министерства, како и заложбите за унапредување на традиционално добрите добрососедски односи и регионалната соработка, како и успешното спроведување на имплементациските протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа и заедничкото учество во регионалните иницијативи, објави министерот Панче Тошковски на ФБ.

Најскапиот квадрат во Србија се продава во комплексот „Белград на вода“- 9.125 евра

Најскапиот стан продаден за 955.000 евра.

Во Србија според Републичкиот геодетски завод во вториот квартал годинава највисоки цени за станови се постигнати во Белград, каде што најскапиот квадрат е продаден по цена од 9.125 евра во комплексот „Белград на вода“, додека на истата локација најголема сума од 955.000 евра, издвоена е за стан со вкупна површина од 145 квадратни метри. Најскапата куќа е продадена во општина Савски Венац во Белград за 1,5 милиона евра, додека најскапото паркинг место е платено за 60.000 евра, јави дописникот на МИА од Белград.

Вредноста на прометот со недвижности во Србија во вториот квартал годинава изнесува 1,8 милијарди евра и е за 8,2 отсто поголем во однос на вториот квартал од 2023 година, соопшти Републичкиот геодетски завод и констатира дека бројот на продажби на недвижности е зголемен за 0,6 отсто и изнесува 30.837.

Од 1,8 милијарди евра, 446,4 милиони евра доаѓаат од делумно регулираниот пазар.

Најголемо учество во вкупниот промет на недвижен имот зазема продажбата на станови, 979,5 милиони евра, со учество од 56 отсто од вкупната вредност во тргувањето.

За куќи се издвоени 150,2 милиони евра, што е девет отсто од вкупната вредност, за градежно земјиште 147,2 милиони евра, осум отсто од вкупната вредност, за деловен простор 77 милиони евра, четири отсто и за земјоделско земјиште 52,5 милиони евра или три отсто од вкупната вредност.

Што се однесува до начинот на плаќање, 10 отсто од сите истргувани недвижности се финансирани преку кредити, што претставува зголемување за три процентни поени во однос на претходната година.

Кредитните средства најмногу се искористени за купување станови, при што 23 отсто од сите купувања се остварени на овој начин, што е забележително зголемување во однос на истиот период лани кога тој процент изнесуваше 16,5.

Бројот на купопродажни договори во вториот квартал е значително зголемен во однос на истиот период лани во Нови Сад за 22,5 отсто, во Крагуевац за 22,9 отсто и во Ниш за 15,6 отсто, додека благо намалување од 1,1 отсто е забележано во Белград.

Во овој период за станови во Белград се издвоени 555,6 милиони евра.

притисни ентер