Американски суд: Израелска компанија илегално ја хакирала мобилната апликација Вотсап

Израелската компанија за шпионски софтвер NSO Group илегално ја хакирала мобилната апликација Вотсап

Американски судија пресуди во корист на мобилната апликација Вотсап (WhatsApp) во тужба со која го обвини израелскиот развивач на шпионски софтвер NSO Group за искористување на грешка во апликацијата за инсталирање шпионски софтвер што дозволил следење на 1.400 луѓе, вклучително и новинари, активисти за човекови права и дисиденти.

Судијата Филис Хамилтон од окружниот суд во сојузната држава Калифорнија пресуди во скратената постапка во корист на Вотсап за отштета што произлегува од хакирањето на апликацијата и прекршувањето на договорните обврски од страна на NSO Group, според судските документи во кои имаа увид американски медиуми.

Новата влада во Сирија го именуваше Асад Хасан ал Шабани за министер за надворешни работи

Новата влада во Сирија го именуваше Асад Хасан ал Шабани за министер за надворешни работи на привремената влада, соопшти командата на обединетите вооружени сили на опозицијата, кои воспоставија контрола над Сирија, цитирана од агенциите.

Назначувањето доаѓа во контекст на напорите на новите владетели да изградат односи со меѓународната заедница две недели по падот на режимот на претседателот Башар ал Асад.

Шабани има 37 години и дипломирал на Универзитетот во Дамаск. Тој претходно го предводеше политичкиот оддел на бунтовничката влада во северозападната сириска провинција Идлиб, соопшти командата.

На 8 декември, по 13-годишна граѓанска војна, сириските бунтовници го зазедоа Дамаск и го принудија Асад да побегне, ставајќи крај на децениското владеење на неговиот клан.

Силите под команда на Шара - попознат како Абу Мохамед ал-Џавлани назначија преодна влада за период од три месеци, што е практично иста со која досега владееше со бунтовничката енклава во северозападната провинција Идлиб.

Во 2013 година Вашингтон го означи Шара за терорист и во тоа време посочи дека Ал Каеда во Ирак му поставила задача да го собори режимот на Асад и да воспостави шеријатско владеење во Сирија. Вчера, американските власти рекоа дека САД ќе се откажат од наградата од 10 милиони долари за неговата глава.

Во меѓувреме, Катар повторно ја отвори својата амбасада во Дамаск. Денеска пред зградата на дипломатската мисија беше подигнато знамето на Емиратите.

Така, Катар стана втората земја по Турција која ја обнови работата на својата амбасада во Сирија по доаѓањето на власт на бунтовничката коалиција предводена од исламистите, која го собори Асад.

Штипски „Исар“ наредната година ќе го реализира Скада системот

Загубите на водата за пиење низ водоводната мрежа, кои изнесуваат околу 60 проценти, штипското комунално претпријатие „Исар“ ќе го решава со новиот Скада систем.

Директорот на ЈП „Исар“ - Штип, Александар Арсовски вели дека ова е еден од најкапиталните проекти за градот и за претпријатието во текот на 2025 година. Појаснува дека системот ќе врши контрола, мониторинг на водата за пиење, односно каде се губи откако излегува од Филтер станицата. Штипски „Исар“ по основ на загуби на вода поради старата и дотраена мрежа, но и дивите приклучоци годишно губи околу 2,5 милиони евра.

Водата не се фактурира, но трошокот е направен и се плаќа од страна на претпријатието и граѓаните.

-Тоа е комплексен систем кој ќе биде потавен на 37 контролни точки. Ќе се изведува компјутерски преку специјален софтвер и ќе може сите тие дефекти и загуби на вода во кои спаѓаат и кражбите, навремено да се детектираат и да се преземат соодветни мерки за да се спречат, вели Арсовски.

Штип има доволни колични на вода, но по приклучувањето на Хидросистемот „Злетовица“ поради силниот притисок често пати пукаат старите, дотраени цевки. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вети дека во 2025 година проблемов ќе биде решен со ставање во фукнција на Линија два и изградба на резервоарите во населбите Пребег и Мерите.

-Линија 2 е веќе комплетно поврзана, се прават последните подготовки за поврзување до локацијата каде се планирани двата резервоара и со тоа откако ќе бидат изградени двата резервоара ќе биде ставена во функција.За резервоартите „Мери„ и „Пребег„ се издвоени средства од самопридонесот. Со нив ќе се реши долгогодишниот проблем на жителите на Штип, со немањето на доволно капацитет во постоечката инфраструктура за водоснабдување, изјави Јорданов.

Со изградбата на двата резервоари и пуштањата на водоводната Линија 2, освен проблемот со водоснабдувањето, ќе се овозможи и урбанизирање на неколку локации кои досега се користеа како викенд населби.

-Ќе се додаде вредност и ќе се овозможи урбанизирање, овде ја вклучувам населбите Плуждино, Кежовица, односно перспективно населби и места кои можат да се урбанизираат и со зона за лесна индустрија и со домување. Очекувам првата половина на 2025 да биде реализирано и ставено во фукнкција, рече Јорданов, градоначалник на Штип.

За решавање на проблемот со водоснабдување на населбите во високите делови на градот се инвсетираат два милиони евра, од кои 1.100.000 се од Програмата Тав за Линија два, а за двата резервоари 900.000 евра се обезбедени од самопридонесот.

Франција по 25 години приклучи нов реактор на електричната мрежа

Франција утринава го поврза нуклеарниот реактор Фламанвил-3 на својата електрична мрежа, објави француската државна енергетска компанија ЕДФ. 

Ова е прв ваков случај во западноевропската земја во последните 25 години.

Реакторот, кој беше вклучен во септември пред да се приклучи на електричната мрежа, е пуштен во употреба 12 години задоцнет и по цена од околу 13 милијарди евра, четири пати повеќе од првично планираниот буџет.

-Тимовите на ЕДФ го постигнаа првото поврзување на реакторот за вода под притисок Фламанвил со националната мрежа во 11:48 часот по локално време. Реакторот сега произведува електрична енергија, се вели во соопштението на компанијата.

Реакторот Фламанвил-3 е најголемиот во Франција со капацитет од 1,6 гигавати и еден од најголемите во светот.

ЕДФ планира да изгради уште шест реактори за да го исполни ветувањето на францускиот претседател Емануел Макрон во 2022 година.

притисни ентер