ИЈЗ: Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа

Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа.

Откако Институт за јавно здравје претходно даде насоки за подготовка до граѓаните, здравствените лица и угостителските објекти во контекст на тековното исклучување на вода, денеска преку соопштение дава препораки за граѓаните откако ќе биде пуштена водата во водоводната мрежа.

- Имајќи предвид дека е најавен прекин на водоснабдувањето, населението треба да биде запознаено и информирано дека ризиците по здравјето на населението може да се јават не само за време на недостатокот на вода туку, дури и да се зголемат после пуштањето на водата за пиење во водоводната мрежа односно по отстранување на дефектот, стои во соопштението на ИЈЗ.

Оттаму, како превентивни јавно-здравствени мерки и мерки на внимателност Институтот за јавно здравје препорачува:

- Граѓаните да не ја пијат веднаш водата по нејзиното пуштање во водоводната мрежа зашто контактното време на резидуалниот хлор и водата во мрежата (време потребно резидуалниот хлор да почне да делува врз микробиомот присутен во водата), во услови на пониски амбиентни температури може да потрае и до 1 час;

- Може да се очекува водата за пиење по пуштањето во водоводната мрежа да ја промени бојата, добие невообичаен мирис, да има видлива заматеност или евентуално страни тела (ситни зрнца песок или инсект и сл.). Во таков случај, повторно се препорачува истата да не се пие сè до момент на стабилизација на тие органолептички својства (боја, мирис, вкус, заматеност);

- Непосредно после доаѓањето на водата во водоводните цевки во домовите, потребно е да се испуштат СИТЕ чешми во домот да истечат неколку минути, па да се провери дали органолептичките својства се во ред, па дури потоа да се пие;

- По добро истекување на водата, потребно е почесто и добро да се исчистат мрежичките на чешмите (во средство за чистење бања или бел оцет); - Како дополнителна мерка на внимателност се препорачува, доколку граѓаните сепак одлучат веднаш да ја пијат водата, истата да се преврие многу кратко (1 -2 минути), потоа да се разлади и консумира;

- Граѓаните треба да имаат предвид дека превриената вода го губи благопријатниот вкус. Истиот може да се подобри доколку водата се претура од една во друга чаша неколку пати, со цел да врзе повеќе кислород од воздухот (процес наречен аерација);

- Најдобро е во текот на првите часови после пуштањето на водата во водоводната мрежа, граѓаните сè уште да консумираат пакувана вода, сè до добивањето на известување од јавното претпријатие дека водата е исправна и безбедна за консумација;

- Во однос на водата за капење, препорачуваме после доаѓањето на водата во водоводната мрежа, задолжително да се зголеми температурата на водата во бојлерите (во кујна, бања и сл.), со цел дополнително превентивно термичко уништување на бактериите доколку потенцијално навлегле во водоводната мрежата;

- Најдобро е температурата на топлата вода во чешмите да биде над 55 0С, сепак потребна е мерка на внимателност да не дојде до изгореници особено кај мали деца или повозрасни лица. НАЈВАЖНО од сè е да се почитуваат препораките објавени од Институтот за јавно здравје и другите релевантни институции вклучени во процесот, објавени на нивните веб страни или преку другите средства и платформи за информирање.

Почина поранешниот англиски репрезентативец Истхам

 Џорџ Истхам, поранешниот фудбалски репрезентативец на Англија со која го Светското првенство во1966 година, почина на 89-годишна возраст, соопшти денеска неговиот поранешен клуб Стоук.

„Фудбалскиот клуб Стоук Сити е бескрајно тажен поради смртта на клупската легенда Џорџ Истхам. Тој ќе остане запаметен како човекот чиј гол ни донесе победа над Челзи во финалето на ФА Купот во 1972 година“, се вели во соопштението на поранешниот клуб на Истхам.

Во својата кариера, меѓу другото, играше и за Арсенал и Њукасл, а во 1973 година беше награден со Орден на Британската империја за придонес во фудбалот.

За англиската репрезентација Истхам одигра 19 натпревари.

Новата влада во Сирија го именуваше Асад Хасан ал Шабани за министер за надворешни работи

Новата влада во Сирија го именуваше Асад Хасан ал Шабани за министер за надворешни работи на привремената влада, соопшти командата на обединетите вооружени сили на опозицијата, кои воспоставија контрола над Сирија, цитирана од агенциите.

Назначувањето доаѓа во контекст на напорите на новите владетели да изградат односи со меѓународната заедница две недели по падот на режимот на претседателот Башар ал Асад.

Шабани има 37 години и дипломирал на Универзитетот во Дамаск. Тој претходно го предводеше политичкиот оддел на бунтовничката влада во северозападната сириска провинција Идлиб, соопшти командата.

На 8 декември, по 13-годишна граѓанска војна, сириските бунтовници го зазедоа Дамаск и го принудија Асад да побегне, ставајќи крај на децениското владеење на неговиот клан.

Силите под команда на Шара - попознат како Абу Мохамед ал-Џавлани назначија преодна влада за период од три месеци, што е практично иста со која досега владееше со бунтовничката енклава во северозападната провинција Идлиб.

Во 2013 година Вашингтон го означи Шара за терорист и во тоа време посочи дека Ал Каеда во Ирак му поставила задача да го собори режимот на Асад и да воспостави шеријатско владеење во Сирија. Вчера, американските власти рекоа дека САД ќе се откажат од наградата од 10 милиони долари за неговата глава.

Во меѓувреме, Катар повторно ја отвори својата амбасада во Дамаск. Денеска пред зградата на дипломатската мисија беше подигнато знамето на Емиратите.

Така, Катар стана втората земја по Турција која ја обнови работата на својата амбасада во Сирија по доаѓањето на власт на бунтовничката коалиција предводена од исламистите, која го собори Асад.

Штипски „Исар“ наредната година ќе го реализира Скада системот

Загубите на водата за пиење низ водоводната мрежа, кои изнесуваат околу 60 проценти, штипското комунално претпријатие „Исар“ ќе го решава со новиот Скада систем.

Директорот на ЈП „Исар“ - Штип, Александар Арсовски вели дека ова е еден од најкапиталните проекти за градот и за претпријатието во текот на 2025 година. Појаснува дека системот ќе врши контрола, мониторинг на водата за пиење, односно каде се губи откако излегува од Филтер станицата. Штипски „Исар“ по основ на загуби на вода поради старата и дотраена мрежа, но и дивите приклучоци годишно губи околу 2,5 милиони евра.

Водата не се фактурира, но трошокот е направен и се плаќа од страна на претпријатието и граѓаните.

-Тоа е комплексен систем кој ќе биде потавен на 37 контролни точки. Ќе се изведува компјутерски преку специјален софтвер и ќе може сите тие дефекти и загуби на вода во кои спаѓаат и кражбите, навремено да се детектираат и да се преземат соодветни мерки за да се спречат, вели Арсовски.

Штип има доволни колични на вода, но по приклучувањето на Хидросистемот „Злетовица“ поради силниот притисок често пати пукаат старите, дотраени цевки. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вети дека во 2025 година проблемов ќе биде решен со ставање во фукнција на Линија два и изградба на резервоарите во населбите Пребег и Мерите.

-Линија 2 е веќе комплетно поврзана, се прават последните подготовки за поврзување до локацијата каде се планирани двата резервоара и со тоа откако ќе бидат изградени двата резервоара ќе биде ставена во функција.За резервоартите „Мери„ и „Пребег„ се издвоени средства од самопридонесот. Со нив ќе се реши долгогодишниот проблем на жителите на Штип, со немањето на доволно капацитет во постоечката инфраструктура за водоснабдување, изјави Јорданов.

Со изградбата на двата резервоари и пуштањата на водоводната Линија 2, освен проблемот со водоснабдувањето, ќе се овозможи и урбанизирање на неколку локации кои досега се користеа како викенд населби.

-Ќе се додаде вредност и ќе се овозможи урбанизирање, овде ја вклучувам населбите Плуждино, Кежовица, односно перспективно населби и места кои можат да се урбанизираат и со зона за лесна индустрија и со домување. Очекувам првата половина на 2025 да биде реализирано и ставено во фукнкција, рече Јорданов, градоначалник на Штип.

За решавање на проблемот со водоснабдување на населбите во високите делови на градот се инвсетираат два милиони евра, од кои 1.100.000 се од Програмата Тав за Линија два, а за двата резервоари 900.000 евра се обезбедени од самопридонесот.

притисни ентер