Презентирани научните трудови во рамки на 53. сесија на Клубот на истражувачите

Во рамките на 53. сесија на Клубот на истражувачите, во Народната банка се одржа презентација на научните трудови „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги“.

Во рамките на 53. сесија на Клубот на истражувачите, во Народната банка се одржа презентација на научните трудови „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги“ од авторите Филип Насковски, Мартин Бојковски, Димитар Пешевски и Димитар Трајанов.

Исто така беше презентирано и делото „Проценка на ефикасноста на јавните трошења во земјите од Југоисточна Европа – ДЕА техника за анализа на податоци“ од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски.

Како што соопштија од Народната банка, сесијата ја отвори директорката на Дирекцијата за монетарна политика и истражување Билјана Давидовска-Стојанова, која истакна дека придобивките од трудот на авторите Насковски, Бојковски, Пешевски и Трајанов се значајни, поради фактот што овој труд става акцент на улогата на трговијата со услуги како битен фактор за економскиот раст и структурната трансформација, пред сѐ за помалите економии, процес којшто е зајакнат од развојот на дигитализацијата и ИТ-технологиите.

Трудот од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски е значаен со оглед на тоа што подобрувањето на ефикасноста на јавниот сектор може го подобри фискалниот простор и да има позитивни влијанија врз економскиот раст во земјите од Југоисточна Европа.

Во трудот „Хиерархиска економска анализа на меѓународната трговија со услуги“ авторите ја истражуваат динамиката на глобалната трговија со услуги, вклучувајќи 137 земји заради откривање на поврзаноста, тековите на трговијата со услуги, како и конкурентните предности на одделните земји, вклучително и нашата економија, во рамките на глобалните и регионалните трговски екосистеми.

-Според анализата, градежништвото, останатите транспортни услуги и компјутерските услуги се секторите каде што е увидена конкурентна предност на македонската економија. Притоа, компјутерските и ИТ-услугите бележат силен раст, особено во периодот од 2012 до 2022 година и се еден од најперспективните сектори коишто треба да се искористат за посилен економски раст, а можностите за регионална соработка и добро водење политики придонесуваат за унапредување и зајакнување и на останатите помалку конкурентни сектори во економијата, соопштија од Народната банка.

Трудот „Проценка на ефикасноста на јавните трошења во земјите од Југоисточна Европа – ДЕА техника за анализа на податоци (Data envelopment analysis)“ од авторите Весна Гарванлиева Андонова и Борче Треновски ги истражува остварувањата на јавната потрошувачка на земјите од Југоисточна Европа, (ЈИЕ) за периодот 2010 – 2021 година, преку непараметриска анализа, односно оцена на границата на ефикасност.

Авторите ја користат оваа техника и за оцена на ефикасноста на трошењата во образованието, здравството и инфраструктурата. Заклучокот на авторите е дека остварувањата на земјите се разликуваат од аспект на ефикасноста на нивните јавни расходи и дека за земјите во регионот постои простор за унапредување на ефикасноста во сите три сектори.

Следната сесија е планирана за март следната година.

Франција по 25 години приклучи нов реактор на електричната мрежа

Франција утринава го поврза нуклеарниот реактор Фламанвил-3 на својата електрична мрежа, објави француската државна енергетска компанија ЕДФ. 

Ова е прв ваков случај во западноевропската земја во последните 25 години.

Реакторот, кој беше вклучен во септември пред да се приклучи на електричната мрежа, е пуштен во употреба 12 години задоцнет и по цена од околу 13 милијарди евра, четири пати повеќе од првично планираниот буџет.

-Тимовите на ЕДФ го постигнаа првото поврзување на реакторот за вода под притисок Фламанвил со националната мрежа во 11:48 часот по локално време. Реакторот сега произведува електрична енергија, се вели во соопштението на компанијата.

Реакторот Фламанвил-3 е најголемиот во Франција со капацитет од 1,6 гигавати и еден од најголемите во светот.

ЕДФ планира да изгради уште шест реактори за да го исполни ветувањето на францускиот претседател Емануел Макрон во 2022 година.

Во судар на камион и патнички автобус во Бразил загинаа 22 лица

Најмалку 22 лица загинаа во судар меѓу камион и автобус утринава на автопат во југоисточната бразилска држава Минас Жераис.

Државната противпожарна заштита, чии службеници пристигнале на местото на несреќата, соопшти дека 13 лица се пренесени во болница во градот Теофило Отони. Автобусот наводно тргнал од Сао Паоло и превезувал 45 патници.

Властите соопштија дека на возилото му пукнало гума, по што возачот изгубил контрола и удрил во камион. Во автобусот се судрил и автомобил со тројца патници, но сите тројца преживеале.

Спасувачките екипи работат на местото на несреќата и продолжуваат да извлекуваат жртви, изјави претставник на противпожарната служба.

Пентагон соопшти дека е убиен еден од лидерите на „Исламска држава“

Во воздушен напад на силите на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) во сириската провинција Деир ез-Зор бил убиен еден од лидерите на „Исламска држава“, јави синоќа Пентагон.

Нападот бил извршен на 19 декември во регион кој претходно бил под контрола на руски и владини сили на отстранетиот претседател Башар Асад.

Како резултат на ударот биле убиени двајца борци на ИД, вклучувајќи го и Абу Јусиф, еден од лидерите на групата.

Пентагон соопшти дека воздушниот напад е дел од задачите на Централната команда за „попречување и ослабување на напорите на терористите за планирање, организирање и извршување напади врз цивили и војници на САД, нивните сојузници и партнери“.

-Како што веќе беше кажано во активности со сојузниците и партнерите во регионот, Соединетите Американски Држави нема да дозволат ИДИЛ да ја искористи сегашната ситуација во Сирија за своја обнова, изјави командантот на ЦЕНТКОМ, генерал Мајкл Ерик Курила.

ИДИЛ значи „Исламска држава на Ирак и Левант“ и е првичното име на организацијата што подоцна беше скратено во „Исламска држава“ (ИД).

-ИДИЛ посакува да ослободи над 8.000 свои борци кои моментално се во притвор во Сирија. Ќе продолжиме активно да ги следиме овие лидери и борци, вклучувајќи ги и оние кои се обидуваат да извршуваат операции надвор од Сирија.

ИД во различни земји е означена од САД како терористичка организација.

Неделава беа извршени неколку напади на американските сили во Сирија. Во понеделникот, командата објави дека извршила прецизни воздушни напади врз кампови на ИД, при што биле убиени 12 борци.

Од администрацијата на Бајден укажаа дека американската војска во Сирија останува и по падот на режимот на Асад, како дел од мисијата за борба со тероризмот и целосно уништување на ИД.

притисни ентер