По празничната пауза пред пратениците ќе се најдат интерпелациите кои ги поднесе „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ за работата на вицепремиерите Меџити и Стоилковиќ, министерот на внатрешни работи Тошковски и неговиот заменик, Исени. На дневен ред е ставена и онаа за пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути што ја поднесе Левица заради блокада на Законот за бранители. Мицкоски критиките од опозицијата за владините членови ги оцени како некредибилни во недостиг на внатрешни партиски реформи.
-Очекувам од страна на опозицијата напади коишто ќе поларизираат. Очекувам да поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција, но мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и овој обид ќе заврши како неуспешен. Очекувам критики коишто се неосновани и кои немаат никаква врска со реалноста, но добро, таква ни е опозицијата во овој момент. Се надевам дека ќе извлечат поука и многу скоро програмски ќе се реструктуираат, но и кадровски ќе се освежат, бидејќи таму гледаме навистина некредибилни луѓе за коишто имаме ние институционална меморија и знаеме што се правеа во минатото, изјави Мицкоски.
Сепак, се поизвесно е дека интерпелациите за владините функционери нема да бидат изгласани, со оглед на тоа што освен владејачките ВМРО-ДПМНЕ и Вреди поддршка нема да добијат ниту од опозициската СДСМ. Оттаму денеска изјавија дека остануваат на одлуката која ја донесе Извршниот одбор во декември да не ги поддржат интерпелациите поднесени од ДУИ. Според партиската портпаролка Богданка Кузеска пратеничката група на СДСМ на координација ќе усогласи како ќе настапи на седницата и околу интерпелацијата за пратеничката Илире Даути.
-Нема да ги поддржиме, нема да гласаме за интерпелациите коишто се поднесени од ДУИ. Не се потребни нови поделби по етничка основа. За поднесување интерпелација потребно е да се видат критериумите како сите оние аргументи коишто се поврзани со лошото работење на некој министер за да може тие да бидат поднесени и да бидат поддржани, изјави Кузеска.
Интерпелациите за Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и за Исени во декември, минатата година, ги поднесе пратеничката група на „Европскиот фронт“ по инцидентите на одбележувањето на Денот на албанското знаме.
Собранискиот спикер Африм Гаши, пак, изјави дека тие како инструмент немаат правна последица. Секоја интерпелација ќе се разгледува посебно, а дискусиите може да траат цел ден во зависност од тоа колку пријавени пратеници има за збор. По исцрпување на расправата ќе следува гласање до крајот на денот.