Навивачите на Белгија побараа оставка од Тедеско

Навивачите на белгиската фудбалска репрезентација, синоќа на натпреварот против Франција во 4. коло од групната фаза на Лигата на нации скандираа повик со кој бараа смена на селекторот на националниот тим Доменико Тедеско.

Натпреварот се одигра во Брисел и заврши со победа на Французите со 2:1.

Тедеско со белгиската репрезентација работи од февруари 2023 година. Под негово водство тимот одигра 22 натпревари, забележа 12 победи, шест пати ремизираше и загуби на четири средби.

Претходно, 39-годишниот фудбалски стручњак беше на чело на Лајпциг, Спартак Москва, Шалке и Ерзгебирге.

Средба Филков-Вал, во фокусот реформи и проекти во правосудството

Министерот за правда Игор Филков оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал. 

Како што соопшти денеска Министерството за правда, се дискутираше за планираните реформи и проекти во правосудството во насока на владеење на правото.

- Посебен осврт беше даден на Предлог-законот за кривична постапка за што од страна на амбасадорот Вал беше соопштено дека ОБСЕ финансиски ќе го поддржи преводот. Мисијата на ОБСЕ во Скопје во соработка со Министерството за правда ќе биде и натаму активно вклучена во подготовката на Развојната секторска стратегија 2024-2028, како и во работните групи за одредени законски измени, се вели во соопштението.

Соработката и дијалогот во наредниот период, како што се наведува, ќе се интензивираат со цел да се реализираат планираните реформи во правосудството.

Погба за можноста да се пресели во Лига 1: Никогаш не се знае што ќе донесе утре

Фудбалерот од средниот ред на Јувентус, Пол Погба, одговори на зборовите на поранешниот дефанзивец на Марсеј, Патрис Евра, кој рече дека ќе го олесни трансферот на фудбалерот во францускиот клуб.

- Се насмеав затоа што тоа е чичко Пат, тоа го рече како шега. Сè уште сум под договор. Дали е можно да се преселам во Лига 1? Имам клуб, размислувам само да се вратам и да излезам од оваа ситуација. Но, никогаш не знаеш што ќе донесе утре, затоа никогаш не кажувај никогаш, изјави Погба за „L’Equipe“.

Претходно се дозна дека на Погба, кој беше дисквалификуван поради допинг, му е намалена казната од четири години на 18 месеци, а во професионалниот фудбал ќе може да се врати во март 2025 година. Сепак, според пишувањата на медиумите, Јувентус има намера предвреме да го раскине договорот со играчот.

Како што објави „Le10sport“, раководството на Марсеј ќе ја разгледа можноста за трансфер на 31-годишниот Французин во зимскиот преоден рок.

ЕСМ: Во 96 објекти нема услови за испорака на топлинска енергија

Од денеска почна грејната сезона 2024/2025 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје, управуван од АД ЕСМ.

Минатата грејна сезона во 225 објекти не беа обезбедени потребните услови за испорака на топлинска енергија, сега тој број е двојно помал, односно во 96 објекти сè уште не се обезбедени услови за испорака, информираат попладнево од ЕСМ.

- Од нив, во 57 објекти има дефекти во внатрешната инсталација, во 20 објекти нема пристап до топлинските станици, а во 19 објекти - топлинските станици немаат електрично напојување. Потрошувачите и заедниците на сопственици се замолуваат што побрзо да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации и да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, како и континуирано напојување со електрична енергија. Ова вклучува плаќање на сметките за електрична енергија за топлинските станици и одржување на функционална електрична инсталација, се истакнува во соопштението.

Потенцираат дека оваа година, првпат споредбено со претходните години, се бележи најнизок број затворени објекти на почетокот на грејната сезона.

- Ова се должи, пред сè, на соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици, како и на заложбата на новите раководства на компаниите основани од АД ЕСМ, особено ЕСМ дистрибуција, што имаше клучна улога во продуктивната и постојана комуникација со корисниците, се додава во соопштението.

Се советува пред да се пријави дефект или рекламација во Центарот за грижа на потрошувачи, да се провери дали објектот е на списокот на моментално затворени објекти, што немаат услови за испорака на топлинска енергија. Листата, како што се посочува, е достапна на esm-snabduvanje.mk.

- Соработката на потрошувачите и заедниците на сопственици е од клучно значење за навремена и квалитетна испорака на топлинската енергија и во интерес на сите засегнати страни. За информации, пријави на дефекти или известувања за завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100, велат од АД ЕСМ.

Испораката на топлинска енергија до потрошувачите ќе се врши во периодот од шест до 22 часот, „следејќи строго утврдени правила и дијаграми во зависност од атмосферските услови и надворешните температури“.

- Според овие правила, во октомври и првата половина од ноември, кога временските услови се променливи, снабдувањето со топлинска енергија ќе зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот. Притоа, доколку надворешните температури се пониски, се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20 односно 21 степен Целзиусов. Во исто време, со овие правила и дијаграми на испорака се обезбедува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и минимални можни трошоци за греење на корисниците. При точно дефинирани одредени атмосферски услови, кога надворешните дневни температури ќе достигнат одредени гранични вредности, се врши прекин на испораката на топлинската енергија, односно системот за централното греење се исклучува, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности по направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, кога надворешните дневни температури ќе се под одредени гранични вредности, се стартува со испорака на топлинска енергија, т.е. централното греење повторно се вклучува, посочуваат од АД ЕСМ.

Од вкупно 62.579 активни потрошувачи приклучени на централното греење преку ЕСМ, 61.486 се домаќинства, а 1.093 се деловни објекти и институции, додека околу 1.980 потрошувачи се снабдуваат преку подружницата ЕСМ-Енергетика.

притисни ентер