Со предавање на симболот на моќта, во случајот дрвен викиншки чекан, дониран од Исланд далечната 1963 година, Јенс Столтенберг и официјално ја предаде челната функција во НАТО на поранешниот холандски премиер Марк Руте. Столтенберг кој минатата декада беше на чело на Алијансата не штедеше пофалби за неговиот наследник, но му порача и дека пред него се низа на предизвици со кои мора да се соочи, а пред се на војната во Украина.
-Покажа дека не правиш комрпомиси со нашите основни вредности и принципи. Го видовме тоа со твојата лична заложба за нашата транс-атлантска врска и твојата непоколеблива поддршка за Украина. Сега е време да си заминам, а ти да го почнеш твојот мандат како Генерален - Секретар на НАТО,- - Јенс Столтенберг – Поранешен генерален секретар на НАТО .
Руте кој на фунцкијата доаѓа во турбулентен период за глобалната безбедност, на својата прва прес-конференција откако ја презема функцијата ги претстави главните приорити, меѓу нив очекувано е поддршка за Украина, зајакнување на капацитетите и финансирањето на НАТО. Порача дека заканите со кои се соочува Алијансата стануваат се по глобални и токму затоа потребно е да се градат нови сојузи и партнерства со држави кои ги споделуваат истите вредности.
-Имам три приоритети: Да се осигураме дека имаме способности да се заштитиме од каква било закана, поддршка за Украина во борбата против руската агресија и адресирање на растечките глобални предизвици за евроатлантската безбедност. Поддршката за Украина е вистинската работа. А тоа е и инвестиција во нашата сопствена безбедност. Затоа што независна и демократска Украина е од витално значење за мирот и стабилноста во Европа,- - Марк Руте – Генерален секретар на НАТО.
Назначувањето на новиот генерален секретар на НАТО, со внимание го следеше и официјална Москва. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков испрати порака дека Руте е е добро познат на Русија, истакнувајќи дека како премиер на Холандија тој зазел напријателски однос кон нив.
Руте инаку, во наредниот период треба да предложи и негов заменик, а меѓу имињата кои се споменуваа во Брисел е и тоа на поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска. Информацијата за тоа ја соопшти реномираниот Политико повикувајќи се на дипломати во НАТО. Според текстот објавен на средината на август, постои генерален консензус меѓу сојузниците дека изборот ќе биде личност од источното крило на НАТО, а во трката покрај Шеќеринска е и доскорешната шефица на бугарската дипломатија Марија Габриел.