Италијанската премиерка Мелони повика на деескалација на ситуацијата во Либан и во регионот

Италијанската премиерка Џорџа Мелони соопшти денеска дека нејзината земја останува посветена на соработката со сојузниците за стабилизирање на ситуацијата на границата меѓу Израел и Либан, јави италијанската новинска агенција АНСА. 

Taa истакна дека деескалацијата на ситуацијата во регионот е неопходна и итна.

„Италија ќе продолжи да работи со сојузниците за стабилизирање на границата меѓу Израел и Либан за раселените лица да можат да се вратат дома. Деескалацијата на регионално ниво е неопходна и итна, а Италија ќе учествува во процесот како претседавач со Г-7“, рече Мелони.

Премиерката на Италија посочи дека внимателно ја следи драматичната ситуација во Либан и е во постојан контакт со министрите за надворешни работи и за одбрана.

„Заштитата на цивилите останува приоритет, како и гарантирањето на безбедноста на војниците на италијанскиот контингент УНИФИЛ лоциран на југот на Либан“, истакна Мелони.

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето вчера изјави дека италијанските војници во Либан се на безбедни позиции и превентивно се засолниле во бункери. /МИА

Компаниите во Германија очекуваат поголема продуктивност благодарение на ВИ

Повеќето германски компании, поточно 70 отсто, очекуваат во иднина да постигнат поголема продуктивност благодарение на вештачката интелигенција (ВИ), е заклучокот од извештајот што денеска го објави Институтот за економски истражувања од Минхен.

Резултатот покажува дека многу компании го гледаат потенцијалот во вештачката интелигенција, коментира шефот на истражувањето од Институтот, Клаус Волрабе.

Според него, сите компании ќе треба да размислат дали и како можат да користат вештачка интелигенција во својата работа.

Германските компании очекуваат нивната продуктивност во следните пет години да се зголеми во просек за осум до 16 отсто благодарение на вештачката интелигенција.

Особено високи очекувања имаат давателите на услуги, кои прогнозираат дека нивната продуктивност ќе се зголеми за 10,2 до 20,9 проценти во следните пет години поради вештачката интелигенција, како и во трговијата - за 9,1 до 23 проценти.

Најмали очекувања има во градежништвото, каде што очекуваат раст на продуктивноста од 8,2 до 14,8 отсто, што е во согласност со релативно скромното користење на вештачката интелигенција во тој сектор.

Опсегот на овие очекувања покажува дека компаниите не се сигурни како точно вештачката интелигенција ќе влијае на нивниот бизнис, заклучува Волрабе./МИА

Мемов: Соработката со ММФ може да придонесе во изноѓањето на решенија Фондот на ПИОМ

Директорот на Фондот  за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Никола Мемов денеска имаше средба со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, предводена од шефот на мисијата Анет Кјобе.

На состанокот стана збор за системот за пензиско осигурување, плановите за наредниот период и решенијата за подобро функционирање на истиот.

Шефот на Мисијата, Анет Кјобе рече дека во фокусот на нивното интересирање во оваа посета на земјата се плановите за наредната 2025 година, буџетот, среднорочната стратегија, како и интервенциите во пензискиот систем.

Директорот Мемов, ги запозна челновите на мисијата како функционира пензискиот систем и начинот на кој се врши усогласувањето на пензиите, а се задржа и на последната мерка на владата за зголемување на пензиите од 2500 денари сега и следната година кога ќе се исплати мартовската пензија. Тој рече дека во тек се повеќе активности за подобрување на функционалноста на Фондот, за што се работи и на проект со Светска банка.

Мемов потенцира дека во наредниот период ќе биде изготвена анализа за причините за дефицитот во буџетот на Фондот за исплата на пензиите, а до владата ќе бидат доставени краткорочни и среднорочни стратешки мерки за зголемување на приходите. Тој рече дека тоа е во функција на обезбедување на социјалната сигурност на корисниците на пензии, но и на сите осигуреници.

Шефот на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, Кјобе рече дека тие во извештајот што ќе го подготват во февруари следната година ќе ги дадат своите препораки и сугестии, меѓу кои и оние за пензискиот систем.

На крајот од средбата беше изразено задоволството од остварената средба и надеж дека соработката ќе биде на задоволство на двете страни, се наведува во сооштението.

ИДФ открива каде ќе бидат нивните цели: Копнената операција ќе трае што е можно пократко

Портпаролот на израелските безбедносни сили (ИДФ) Даниел Хагари денеска изјави дека војниците на ИДФ нема да влезат во Бејрут или во некои поголеми градови во Либан и дека копнената операција на Израел во таа земја ќе биде „што е можно пократка“.

Како што објави „Тајмс оф Израел“, Хагари им рече на новинарите дека израелските војници „не одат во Бејрут“.

„Не одиме во градовите во јужен Либан. Фокусирани сме на зоната на овие села, на областа долж нашата граница. Ќе направиме сѐ што е потребно во таа зона за да ја разбиеме и уништиме инфраструктурата на Хезболах“, рече Хагари.

На прашањето колку ќе трае копнената операција во Либан, која започна во текот на ноќта, Хагари одговори дека „нема да му открие на непријателот“.

„Ќе трае што е можно пократко, денови, недели... Ќе го направиме она што е потребно, ограничена и локална операција каква што ја спроведуваме сега“, рече тој.

Хагари рече дека ИДФ презела копнена акција за да им овозможи на сите 60.000 Израелци „безбедно да се вратат во своите домови во северен Израел“ и дека веќе биле извршени ограничени прекугранични интервенции за таа цел во изминатите неколку месеци.

„Нашите војници влегоа во подземната инфраструктура на Хезболах“, рече Хагари, кој додаде дека скриените складишта за оружје на Хезболах биле пронајдени и уништени, „вклучувајќи напредно иранско оружје“.

„Сè на сè, војниците на ИДФ пронајдоа и онеспособија повеќе од 700 терористички средства на Хезболах за време на овие операции и има уште многу работа да се заврши“, рече Хагари.

Портпаролот на ИДФ истакна дека „Хезболах ја гради, подготвува и опремува таа инфраструктура многу години, подготвувајќи се за денот кога би можел да изврши инвазија на северен Израел“, во план сличен на оној во кој членовите на Хамас го извршија масакрот. на 7 октомври минатата година.

притисни ентер