Марк Руте официјално ја презеде должноста генерален секретар на НАТО

Драг Марк, те молам да го примиш овој посебен чекан и да те поканам да седнеш на претседавачкото место на Северноатлантскиот совет.

Со предавање на симболот на моќта, во случајот дрвен викиншки чекан, дониран од Исланд далечната 1963 година, Јенс Столтенберг и официјално ја предаде челната функција во НАТО на поранешниот холандски премиер Марк Руте. Столтенберг кој минатата декада беше на чело на Алијансата не штедеше пофалби за неговиот наследник, но му порача и дека пред него се низа на предизвици со кои мора да се соочи, а пред се на војната во Украина.

-Покажа дека не правиш комрпомиси со нашите основни вредности и принципи. Го видовме тоа со твојата лична заложба за нашата транс-атлантска врска и твојата непоколеблива поддршка за Украина. Сега е време да си заминам, а ти да го почнеш твојот мандат како Генерален - Секретар на НАТО,- - Јенс Столтенберг – Поранешен генерален секретар на НАТО .

Руте кој на фунцкијата доаѓа во турбулентен период за глобалната безбедност, на својата прва прес-конференција откако ја презема функцијата ги претстави главните приорити, меѓу нив очекувано е поддршка за Украина, зајакнување на капацитетите и финансирањето на НАТО. Порача дека заканите со кои се соочува Алијансата стануваат се по глобални и токму затоа потребно е да се градат нови сојузи и партнерства со држави кои ги споделуваат истите вредности.

-Имам три приоритети: Да се осигураме дека имаме способности да се заштитиме од каква било закана, поддршка за Украина во борбата против руската агресија и адресирање на растечките глобални предизвици за евроатлантската безбедност. Поддршката за Украина е вистинската работа. А тоа е и инвестиција во нашата сопствена безбедност. Затоа што независна и демократска Украина е од витално значење за мирот и стабилноста во Европа,- - Марк Руте – Генерален секретар на НАТО.

Назначувањето на новиот генерален секретар на НАТО, со внимание го следеше и официјална Москва. Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков испрати порака дека Руте е е добро познат на Русија, истакнувајќи дека како премиер на Холандија тој зазел напријателски однос кон нив.

Руте инаку, во наредниот период треба да предложи и негов заменик, а меѓу имињата кои се споменуваа во Брисел е и тоа на поранешната министерка за одбрана Радмила Шеќеринска. Информацијата за тоа ја соопшти реномираниот Политико повикувајќи се на дипломати во НАТО. Според текстот објавен на средината на август, постои генерален консензус меѓу сојузниците дека изборот ќе биде личност од источното крило на НАТО, а во трката покрај Шеќеринска е и доскорешната шефица на бугарската дипломатија Марија Габриел.

Мемов: Соработката со ММФ може да придонесе во изноѓањето на решенија Фондот на ПИОМ

Директорот на Фондот  за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Никола Мемов денеска имаше средба со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, предводена од шефот на мисијата Анет Кјобе.

На состанокот стана збор за системот за пензиско осигурување, плановите за наредниот период и решенијата за подобро функционирање на истиот.

Шефот на Мисијата, Анет Кјобе рече дека во фокусот на нивното интересирање во оваа посета на земјата се плановите за наредната 2025 година, буџетот, среднорочната стратегија, како и интервенциите во пензискиот систем.

Директорот Мемов, ги запозна челновите на мисијата како функционира пензискиот систем и начинот на кој се врши усогласувањето на пензиите, а се задржа и на последната мерка на владата за зголемување на пензиите од 2500 денари сега и следната година кога ќе се исплати мартовската пензија. Тој рече дека во тек се повеќе активности за подобрување на функционалноста на Фондот, за што се работи и на проект со Светска банка.

Мемов потенцира дека во наредниот период ќе биде изготвена анализа за причините за дефицитот во буџетот на Фондот за исплата на пензиите, а до владата ќе бидат доставени краткорочни и среднорочни стратешки мерки за зголемување на приходите. Тој рече дека тоа е во функција на обезбедување на социјалната сигурност на корисниците на пензии, но и на сите осигуреници.

Шефот на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава, Кјобе рече дека тие во извештајот што ќе го подготват во февруари следната година ќе ги дадат своите препораки и сугестии, меѓу кои и оние за пензискиот систем.

На крајот од средбата беше изразено задоволството од остварената средба и надеж дека соработката ќе биде на задоволство на двете страни, се наведува во сооштението.

ИДФ открива каде ќе бидат нивните цели: Копнената операција ќе трае што е можно пократко

Портпаролот на израелските безбедносни сили (ИДФ) Даниел Хагари денеска изјави дека војниците на ИДФ нема да влезат во Бејрут или во некои поголеми градови во Либан и дека копнената операција на Израел во таа земја ќе биде „што е можно пократка“.

Како што објави „Тајмс оф Израел“, Хагари им рече на новинарите дека израелските војници „не одат во Бејрут“.

„Не одиме во градовите во јужен Либан. Фокусирани сме на зоната на овие села, на областа долж нашата граница. Ќе направиме сѐ што е потребно во таа зона за да ја разбиеме и уништиме инфраструктурата на Хезболах“, рече Хагари.

На прашањето колку ќе трае копнената операција во Либан, која започна во текот на ноќта, Хагари одговори дека „нема да му открие на непријателот“.

„Ќе трае што е можно пократко, денови, недели... Ќе го направиме она што е потребно, ограничена и локална операција каква што ја спроведуваме сега“, рече тој.

Хагари рече дека ИДФ презела копнена акција за да им овозможи на сите 60.000 Израелци „безбедно да се вратат во своите домови во северен Израел“ и дека веќе биле извршени ограничени прекугранични интервенции за таа цел во изминатите неколку месеци.

„Нашите војници влегоа во подземната инфраструктура на Хезболах“, рече Хагари, кој додаде дека скриените складишта за оружје на Хезболах биле пронајдени и уништени, „вклучувајќи напредно иранско оружје“.

„Сè на сè, војниците на ИДФ пронајдоа и онеспособија повеќе од 700 терористички средства на Хезболах за време на овие операции и има уште многу работа да се заврши“, рече Хагари.

Портпаролот на ИДФ истакна дека „Хезболах ја гради, подготвува и опремува таа инфраструктура многу години, подготвувајќи се за денот кога би можел да изврши инвазија на северен Израел“, во план сличен на оној во кој членовите на Хамас го извршија масакрот. на 7 октомври минатата година.

„Оејзис“ со концерти и во Канада, САД и Мексико

Британскиот поп-состав „Оејзис“ минатиот месец објави продолжување на работата, со што браќата Лијам и Ноел Галагер, кои го сочинуваат дуото, ставија крај на и долгогодишната кавга меѓу нив и 15-годишната пауза. 

По објавените настапи ширум Велика Британија, вчера бендот соопшти дека ќе имаат концерти и во Северна Америка летото следнава 2025 година.

„Америка. ‘Оејзис’ доаѓа. Имате една последна можност да докажете дека сте нè сакале цело ова време“, соопшти „бритпоп“-групата.

Концертите ќе се одржат на стадиони во пет градови во Канада, САД и Мексико. Во август и септември дуото ќе настапи во Торонто, Чикаго, Њујорк, Лос Анџелес и Мексико Сити, а како предгрупа на отворањето ќе свири американскиот рок-состав „Кејџ ди елефант“ (Cage the Elephant).

Билетите за Северна Америка се пуштени во продажба. /МИА

притисни ентер