На денешен ден

22 декември 2024.

69.- Приврзаниците на Тит Флавиј Веспазијан, кој во Египет се прогласил за цар, во Рим го убиле царот Аула Вителиј.

1639.- Роден е францускиот писател Жан Расин, истакнат претставник на класицизмот кој во своите дела до совршенство ја довел француската трагедија. Пишувал со многу мелодичен стил. Дела: трагедиите „Андромаха“, „Федра“, „Британикус“, „Берениса“, „Митридат“, „Аталија“, комедијата „Парничари“ и други.

1666.- Умрел италијанскиот сликар Гверчино, припадник на болоњската сликарска школа, водечки мајстор на барокот. Најмногу сликал цркви и палати, а особено е познат по композицијата „Аврора“ во римската палата Касино Лудовизи, која е еден од најубавите примери на илузионистичкото сликарство.

1858.- Во Лучи е роден Ѓакомо Пучини, по Верди најголем италијански оперски композитор. Се здобил со светска слава со оперите „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Манон Леско“ и „Боеми“. Умрел во Брисел, на 29 септември 1924 година.

1880.- Во Лондон умрел Мери Ан Еванс, позната под псевдонимот Џорџ Елиот, англиска писателка. Авторкa е на многу познатите романи за англиското село, меѓу кои се „Воденицата на Флоси“, „Сајлес Марнер“, „Адамс Бид“, „Ромола“ и други. Родена била на 22 ноември 1819 година.

1894.- Францускиот артилериски капетан Алфред Драјфус бил осуден на доживотна робија, врз основа на монтираното обвинение дека на Германија и продавал воени тајни. Во негова одбрана застанал најславниот писател во тоа време Емил Зола кој во отвореното писмо до претседателот на Републиката храбро и одлучно ги образложил сите факти и изразил уверување дека Драјфус е невин. Во 1906 година Драјфус бил рехабилитиран, вратен во војската и унапреден во чин мајор.

1895.- Германскиот физичар Вилхелм Конрад Рендген ја направил првата рендген-снимка. Снимката ја направил на раката на неговата сопруга.

1908.- Во Велес е роден Кочо Рацин, македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература. Во 1939 година во Загреб ја отпечатил познатата стихозбирка „Бели мугри“, која претставува незаменлив поетски израз на стремежите на македонскиот народ и на афирмацијата на македонската национална култура. Загинал во несреќен и неразјаснет случај во месноста Лопушник, во близина на партизанската печатница, Кичевско, на 13 јуни 1943 година.

1917.- Во Брест-Литовск во Првата светска војна почнале мировните преговори меѓу Германија и новата руска влада воспоставени со Октомвриската револуција.

1943.- Се одржал првиот конгрес на Народноослободителниот младински сојуз на Македонија (НОМСМ). Одлуките на овој конгрес имале за цел да ја засилат борбата против окупаторот, да се ангажира младината во создавањето на народната власт, да работи на културно-просветното поле и друго.

1979.- Умрел американскиот филмски продуцент Дерил Френсис Занук, кој во 1933 година ја основал филмската компанија „Tventi sencceri foks“. Бил продуцент на низа значајни филмови: „Се за Ева“, „Вива Запата!“, „Најдолгиот ден“, „Корени на небото“, „Младиот господин Линколн“.

1988.- Јужна Африка потпишала договор со Обединетите нации, со кој и дала независност на Намибија, последната колонија на Африканскиот континент, поранешна германска колонија (Југозападна Африка) од Првата светска војна која била под управа на Британија.

1993.- Јужноафриканскиот „бел“ парламент ја окончал ерата на апартхејдот, со што било овозможено одржувањето на првите серасни избори во историјата на Јужна Африка.

1994.- Италијанскиот премиер Силвио Берлускони поради обвинение за корупција поднесол оставка.

1995.- Македонија и Европската унија воспоставиле дипломатски односи.

2001.- Водачот на племето Паштуни во Авганистан Хамид Карзаи на церемонијата во Кабул положил заклетва како претседател на привремената влада.

2005.- Меѓународниот суд за правда во Хаг пресудил дека Уганда е единствена виновна за петгодишната воена инвазија врз ДР Конго (1998-2003) и дека треба да плати отштета од 10 милијарди долари. Во Конгоанската војна, во која настрадале околу три милиони цивили, учествувале дури девет странски војски и бунтовнички движења.

2017.- По кратко боледување почина д-р Јосиф Наумовски, доктор на медицински науки истакнат интернист-кардиолог и еден од основоположниците на коњичкиот спорт во Македонија, хуманист и вљубеник во уметноста.

2020.- Во 92-та година од животот почина професорот Борислав Каранфилски, еден од основачите на нуклеарната медицина во нашата земја, исклучител експерт по патофизиологија и тиреологија. Тој има исклучително значење и посебен придонес за основањето на амбулантата за заболувања на тироидната жлезда, која ја развивал и унапредувал во континуитет. 1977-та година бил избран за редовен професор, а професионално се усовршувал во реномирани клиники во Шведска, Англија, СССР и САД. Борислав Каранфилски е автор на повеќе од 180 трудови, кои биле објавени во домашни и странски специјализирани медицински списанија, додека бил автор или коавтор и на осум учебници и пет монографии од нуклеарната медицини и патофизиологијата. За својот придонес во развојот на македонската медицина, добил повеќе значајни награди и признанија, меѓу кои наградата „11 Октомври” за животно дело, Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда, Орден на трудот со златен венец, Орден на заслуги за народ со сребрени зраци, Орден на Републиката со сребрен венец и други.

Граѓаните се подготвуваат за претстојните новогодишни празници

Новогодишната ноќ е на само девет дена, граѓаните се поблиску до празниците кои ќе ги соберат семејствата на една трпеза и ќе ги соединат повотрно оние кои одамна не се виделе.

Поголемиот дел од нив велат 2025 ќе ја дочекаат во домашна атмосфера, други пак планираат да избегаат од градскиот метеж на повисоките места, пред се децата да им уживаат во снежната идила. Некои пак ќе отпатуваат во околните градови или земји... граѓаните велат веќе ги подготвиле новогодишните планови.

Дечињата се надеваат дека новогодишната ноќ пред се, ќе ги обели градските улици, оти им се прават снешковци и им се гаѓа со снежни топки, а во меѓувреме пак нивните желби се запишани велат, а писмата веќе испратени до дедо мраз.

За новогодишните празници веќе се подготвуваат и градовите и општините ширум земјата... Пред празничните програми се во полн ек, а веќе започнаа и најавите за тоа што граѓаните ќе ги забавува на плоштадите за „најлудата ноќ“, како и забавна програма преку ден за најмладите...

Во Скопје се чека се уште објава на програмата, во Охрид на плоштадот граѓаните ќе можат да уживаат во музиката на Каролина Гочева и Наум Петревски, а градот очекува и околу 15.000 туристи од регионот... Во Битола веќе трае предновогодишната програма, но што ќе се случува вечерта останува исто така непознато, како и во Струмица. Прилепчани пак на плоштадот ќе се забавуваат со едно од најпознатите македонски дуа Cyrillic...

Сепак, според прогнозите на УХМР, очекувањата се дека претсојниот период ќе биде сув, но има уште 10тина дена, па и од таму велат се надеваат поради дечињата дека снегот ќе тргне кон Македонија.

Покрај славјето и еуфоријата, граѓаните да бидат и совесни, апелираат од МВР. Да не се користат пиротехнички материјали за да нема повреди кои може да доведат и до траен инвалидитет. Возачите да не пијат, оти покрај себеси, во опасност можат да го доведат и животот на сограѓаните.

Од МВР најавуваат засилени контроли во текот на празничниот период, а побараа и максимална соработка од граѓаните од кои очекуваат да ги пријават сите нарушувања на јавниот ред и мир.

Попладнево во Белград закажан голем протест предводен од студентите

Студентите во Србија за денеска во 16 часот најавија протест во Белград на кој ќе се приклучат и земјоделци, актери, граѓани. 

Тие заедно бараат одговорност за трагедијата во Нови Сад и гонење на насилниците кои со недели провоцираат на мирните блокади.

Своето присуство на протестот го најавија земјоделците и актери како форма на поддршка за студентите.

Земјоделците, кои изминативе денови ги блокираа патиштата, а вчера зготвија гулаш за студентите во студентскиот град Нови Сад во знак на поддршка, бараат разрешување на премиерот Милош Вучевиќ, ресорниот министер и претседателот на собраниската Комисија за земјоделство.

На протестот, како што е најавено, ќе се приклучи и иницијативата „Мостот останува“, која се противи на отстранувањето на Стариот савски мост во Белград. Тие ги повикаа граѓаните да им се придружат.

Неформална група студенти од Универзитетот во Ниш најавија дека денеска исто така во 16 часот ќе организираат протестен собир на студентите и учениците, како и сите граѓани на Ниш.

Студентите во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац се во блокади, а во меѓувреме им се придружија и средношколци од голем број гимназии во Србија.

Акцијата „Застани Србијо“ ја спроведуваат секој ден, кога во 11:52 часот блокираат раскрсници 15 минути, во знак на почит кон 15-те лица кои загинаа при уривање на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.

СДСМ со критики за потрошувачката кошничка на владата

Една недела по отпочнувањето на „Новогодишната кошничка“ министерот Дурмиши тврди дека мерката се почитува и оти граѓаните се задоволни од неа. 

Вели Државниот пазарен инспекторат е постојано на терен и оти досега не пристигнала ниту една поплака од граѓаните за непочитување на мерката од страна на трговците. Заштедата кај едно четиричлено семејство според него ќе биде повисока од есенската кошничка која според пресметките била околу 1.300 денари. Тврди дека расте бројот на трговци сакаат да бидат вклучени во оваа владина мерка.

„ДПИ секој ден е на терен, гледаме дали ја почитуваат нивната мерка која сами ја нудеа производителите, дистрибутерите и трговците. Се виде дека се почитува и е применлива, овие први денови гледаме дека граѓаните се задоволни од оваа мерка која беше иницијатива на трговците. Јас и до крајот на мерката не верувам дека ќе има злоупотреба или изигрување на цените затоа што тоа самите трговци, производители и дистрибутери ја нудеа мерката“, вели Дурмиши во интервју за РСЕ.

Од опозициската СДСМ пак ја обвинуваат Власта дека направила измама со Новогодишната кошничка. Тврдат дека направиле обиколка низ маркетите, по што констатирале дека нема ефект од истата, бидејќи трговците ги зголемиле цените пред мерката да стапи во сила.

„Реалноста во маркетите и продавниците којашто граѓаните ја гледаат секој ден е дека цените не само што останаа високи, туку кај некои производи и дополнително се зголемија. Цената на зејтинот сега е 97 денари, а на 1 октомври се продаваше за 83 денари. Значи имаме зголемување а не намалување. Јајцата кои се продаваа од 75 до 85 денари сега се над 100 денари. Од 107 до 140 денари. Исто така покачување на цените. Ова е реалноста, ова се фактите кои јасно ја покажуваат измамама која со кошничката им ја приреди власта на граѓаните“, вели Лолита Ристова, член на ИО на СДСМ.

Владината мерка „Новогодишна кошничка“ стартуваше минатиот викенд и ќе трае до 15 јануари. А како што веќе најавија и од Владата и од Министерството за економија мерката ќе продолжи и понатаму, односно ќе има и велигденска и рамазанска кошничка во март и април догодина.

притисни ентер