Министерот Муцунски се обрати на настан по повод Денот на Обединетите Нации

Муцунски, вчера по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации, учествуваше на настанот за одбележувањето на 79 години од основањето на Организацијата на обединетите нации.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации, учествуваше на настанот за одбележувањето на 79 години од основањето на Организацијата на обединетите нации, што се одржа во Градскиот парк во Скопје во организација на Канцеларијата на Резидентниот координатор на Обединетите нации во Република Македонија.

,,Проблемите со кои се соочуваме како држава и можните решенија ќе ги дефинираме сите ние заедно: Владата, граѓаните, приватниот сектор, и академскиот свет, а се со една цел-остварување на Целите за одржлив развој и создавање на просперитетно и одржливо општество. Малите животни промени на дневна основа се токму тие што ќе ги донесат видливите и големи промени во нашето општество и секојдневно живеење.’’, истакна Муцунски.

Натаму, во своето обраќање Муцунски се осврна на неодамнешниот избор државата во Советот за човекови права на ОН, што претставува престиж и обврска, потенцирајќи ги нашите заложби за заштита и промоција на човековите права кои преку активно членство во Советот ќе бидат високо на агендата и натаму ќе се унапредуваат и обезбедуваат.

„Ние остануваме максимално посветени на глобалните процеси и на целите за одржлив развој и ќе продолжиме да ги промовираме суштествените вредности на ОН и да бидеме доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели на ОН - унапредување на човештвото, мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста“, нагласи министерот Муцунски.

Завршија годинашните истражувања на локалитетот „Видин Град“

Неделава завршија годинашните истражувања на локалитетот „Видин Град“, во близина на селото Водоврати, Градско, соопштија од Институтот за национална историја.

Истражувањата беа изведени во соработка помеѓу Дамјан Донев од ЈНУ Институт за национална историја и Анита Василкова-Мидовска од ЛУ Народен музеј-Велес, а беа подржани од Министерството за култура во рамки на Програмата за подршка на проекти од национален интерес од областа на културата за 2024 година.

Беа отворени неколку контролни сонди во рамки на претпоставените некрополи на оваа античка населба, при што беа откриени нови детали околу планот, густината и местоположбата на западната некропола. Овие истражувања кои со прекини траат од 2013 година, ќе продолжат и во иднина во соработка со домашни и странски партнери.

Шолц: Украина не може да влезе во НАТО се додека е во воена состојба

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека во моментов не постои можност Украина да биде поканета во НАТО бидејќи, како што наведе, земја во воена состојба не може да стане членка на Алијансата. .

Шолц синоќа за телевизијата ЗДФ изјави дека земја во воена состојба дефинитивно не може да стане членка на НАТО и дека, како што наведе, сите се согласуваат со тој став.

Според Шолц, во моментов се разговара за „безбедносните гаранции“ по завршувањето на војната во Украина.

Шолц истакна дека руското кршење на меѓународното право бара посебни дејствија.

Според него, од една страна треба да се поддржи способноста на Украина да се брани, а од друга да се спречи војната да прерасне во конфликт од поголеми размери, односно во војна меѓу Русија и НАТО.

-Ова е моја одговорност и тоа е нешто што јасно го разбирам. И нема да ја променам мојата позиција, нема да дозволам да ме поколебаат, рече Шолц.

Во овој контекст, тој повтори дека не се согласува со префрлање во Украина на германски крстосувачки ракети „Таурус“ и друго оружје што може да придонесе за ескалација на конфликтот.

Шолц оцени дека е дојден моментот, вклучително и на бојното поле, кога е неопходно да се погледне како да се стави крај на војната и да се создадат перспективи за праведен мир за Украина што е можно поскоро./МИА

Поранешен марокански фудбалски репрезентативец почина на 35-годишна возраст

Поранешниот марокански фудбалски репрезентативец Абделазиз Барада почина на 35-годишна возраст, јави денеска Би-Би-Си.

Причината за смртта официјално не е позната, а мароканските медиуми објавија дека Барада доживеал срцев удар.

Мароканската федерација изрази сочувство на социјалните мрежи, опишувајќи ја неговата смрт како „голема трагедија и голема загуба“.

Роден во Франција, поранешниот марокански репрезентативец ја почна кариерата во вториот тим на ПСЖ по што настапуваше за повеќе екипи во Шпанија, Турција, Франција, ОАЕ и Катар.

Кариерата ја заврши во 2021 година во францускиот нисколигаш.

За мароканската репрезентација Барада одигра 26 натпревари и настапи на Олимписките игри во Лондон 2012 година.

притисни ентер