Шолц: Украина не може да влезе во НАТО се додека е во воена состојба

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека во моментов не постои можност Украина да биде поканета во НАТО бидејќи, како што наведе, земја во воена состојба не може да стане членка на Алијансата. .

Шолц синоќа за телевизијата ЗДФ изјави дека земја во воена состојба дефинитивно не може да стане членка на НАТО и дека, како што наведе, сите се согласуваат со тој став.

Според Шолц, во моментов се разговара за „безбедносните гаранции“ по завршувањето на војната во Украина.

Шолц истакна дека руското кршење на меѓународното право бара посебни дејствија.

Според него, од една страна треба да се поддржи способноста на Украина да се брани, а од друга да се спречи војната да прерасне во конфликт од поголеми размери, односно во војна меѓу Русија и НАТО.

-Ова е моја одговорност и тоа е нешто што јасно го разбирам. И нема да ја променам мојата позиција, нема да дозволам да ме поколебаат, рече Шолц.

Во овој контекст, тој повтори дека не се согласува со префрлање во Украина на германски крстосувачки ракети „Таурус“ и друго оружје што може да придонесе за ескалација на конфликтот.

Шолц оцени дека е дојден моментот, вклучително и на бојното поле, кога е неопходно да се погледне како да се стави крај на војната и да се создадат перспективи за праведен мир за Украина што е можно поскоро./МИА

МОН: Сегрегацијата не е прифатливa ниту во образованието ни во општеството

Сегрегирање, дискриминација или која било друга форма на отфрлање на младите од училишната заедница, е строго забрането и казниво. 

За ова веќе постојат одредби во Законот за основното образование, но планираме да ги зајакнеме во процесот на надградба на регулативата а и да ги отсликаме во законите за средно и за стручно образование и обука. Планираме и кампањски активности за подигнување на свеста за спречување и заштита од дискриминација и сегрегација, со опфат на возрасните од кои најчесто потекнуваат овие идеи. Ова го нагласи Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука, на општинската тркалезна маса „Инклузивно образование и поттикнување на социјална кохезија“, што се одржа во Битола.

Активностите за измена на регулативата, носењето нови наставни планови и програми, обуките на наставниците, вложувањата во инфраструктура, соработката со меѓународните институции и организации, инсистирањето на поголемо вклучување на родителите во работата на училиштата и јавните дебати, како што рече Ивановска, се насочени кон создавање систем на образование што на секој млад човек му дава можност да успее, без оглед на неговото потекло, вера, националност, пол.

Министерството за образование и наука гради интегрирано образование во кое ресурсите и поддршката се подеднакво достапни за секое дете и млад човек, со што ги рушиме бариерите што нè делат. Во овој контекст, Ивановска посочи на посебниот протокол за пријавување и заштита на ученик-жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување, врз основа на кој во училиштата се формира тим од наставници, стручни соработници и родители, којшто презема конкретни мерки и активности за превенција и заштита, меѓу другото, и во случаите на социјално насилство.

„Училиштето не смее да дозволи одвојување на еден ученик, или група, од другите врз основа на различност, ниту да го доведе во позиција на нерамноправност и нееднаквост, да го дискриминира или игнорира. Но сепак, и за жал, оваа појава постои како предизвик и сите ние мораме заеднички да се заложиме за да го надминеме“, рече Ивановска.

На тркалезната маса, во име на Министерството за образование и наука, Ивановска испрати јасна порака дека сегрегацијата не е прифатливa ниту во образованието ни во општеството, и не е важно дали ученикот е Македонец или Ром, Албанец или Турчин, туку за секој ученик мора да има место во нашите училишта, а секое поинакво постапување ќе биде санкционирано, без да се чека тоа да го кажат меѓународни судови. Само така можеме да изградиме силно општество во кое разликите се богатство и нè обединуваат во една држава што е просперитетна и во која сите сакаат да живеат и тука да се вратат.

Министерство за образование и наука

Фон Дер Лајен Денеска во Сараево и Белград

„Не се врзуваме за датуми, проширување може да има и пред 2030 година“.

Претседателката на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајан ја продолжи посетата на регионот.

Попладнево пристигна во Белград, а претходно утрово од Сараево порача дека земјите што ќе бидат подготвени може да се надеваат на челнство во ЕУ и пред 2030 година.

Костадиновски: Македонија ќе биде домаќин на Балканскиот форум на уставни судови во 2026 година

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски и судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева денеска учествуваа на работен состанок со членовите на Балканскиот форум на уставни судови. 

Учесниците го разработија Статутот на организацијата, изготвија планови за структурата на Форумот, идентитетот и неговото влијание во државите, начинот на финансирање и воспоставување на контакти за координација на активностите од секој суд.

Донесена е одлука следната годишна конференција да се одржи во Туркије, а Македонија да биде домаќин на Балканскиот форум на уставни судови во 2026 година.

На состанокот учествуваа претседатели и судии на уставните судови од Балканот кои се членки и набљудувачи на организацијата, меѓу кои и претставници од судовите во Босна и Херцеговина, Бугарија, Туркије, Албанија, Косово.

Со оваа активност делегацијата од Уставниот суд на Македонија го завршува учеството на Втората годишна конференција на Балканскиот форум на уставни судови.

Во рамки на одржувањето на овој настан во Приштина беше одбележан и 15 годишниот јубилеј од основањето на Уставниот суд во Косово, се наведува во соопштението.

притисни ентер