Канал 5 ви посакува Среќна Нова 2025 година

2025 да ни донесе нова надеж, успеси во домот, на работното место и насекаде каде што се наоѓате.

Просперитет, не само личен, туку и на целото општество и државата.

А пред сѐ љубов, здравје и многу насмевки и взаемна почит кон блиските и меѓу сите нас.

Канал 5 Ви посакува СРЕЌНА НОВА 2025. ГОДИНА!!!

Австралиските власти трагаат по млад сурфер, се стравува дека го изела ајкула (ВИДЕО)

Сурферот кој исчезна вчера на плажа во Јужна Австралија, се верува дека загинал во напад на ајкула, соопштија денеска властите, откако беа претресени водите каде што исчезнал.

Сурфер (28) исчезнал на популарната плажа за сурфање, каде во 2023 година уште еден човек беше убиен од бела ајкула, пренесе АП.

Сведокот кој го видел нападот на ајкулата вчера вечерта на плажата Гранитс, во близина на крајбрежниот град Стрики Беј, отишол во морето на џет ски и ја извадил даската за сурфање на исчезнатиот човек, изјави полицајката Ребека Стоукс за австралиската телевизија ABC.

„Но, едноставно немаше трага од овој млад човек. Според описот на сведокот, прилично сме сигурни дека, за жал, тој е убиен од ајкула“, изјави Стоукс за ABC.

Таа рече дека е познато дека ајкулите ја посетуваат таа плажа, но не прецизираше за каква ајкула станува збор.

Припадниците на брзата помош и волонтерите денеска го пребаруваа морето каде исчезна сурферот, а плажата беше затворена за јавноста.

Според австралиската база на податоци за инциденти на ајкули, имало 255 фатални каснувања од ајкула во земјата од 1971 година.

Во последните пет години во државата Јужна Австралија се регистрирани повеќе вакви напади од вообичаено, а во 2023 година имало пет напади од ајкула на плажа, од кои три биле фатални.

Пуштени се на слобода 20 членови на Коза Ностра, меѓу нив и лидерот на „комората на смртта“

Семејствата на жртвите убиени од членовите на сицилијанската мафија изразија стравување дека повеќе од 20 високи мафијаши, ослободени од затвор во последните три месеци, би можеле да се вратат во населбите што некогаш ги контролирале.

Повеќето од овие мафијашки водачи, од кои некои беа глави на главните мафијашки семејства во главниот град на Сицилија, Палермо, никогаш не се откажале од Коза Ностра, сицилијанската мафија и секогаш одбиваа да соработуваат со правосудните органи, пишува The Guardian. Како што наведуваат тие биле пуштени поради отсуство или добро однесување.

Салваторе Борселино, брат на легендарниот судија против мафијата Паоло Борселино, кој беше убиен од Коза Ностра во 1992 година, смета дека нивното ослободување е крајно опасно. „Ослободувањето од затвор мафијаши кои отсекогаш одбивале да соработуваат со правдата е крајно опасно. Тоа е смртоносен удар за борбата против мафијата.“

Нино Морана Агостино, внук на полицаецот Нино Агостино, кој беше убиен среде бел ден во 1989 година со сопругата Ајда, која беше во петтиот месец од бременоста, во интервју за La Repubblica тврди дека нивното ослободување испраќа лоша порака.

„Не смееме да ја спуштиме нашата стража во борбата против мафијата или да ја потцениме нејзината закана. Мафијашите кои беа осудени на доживотен затвор и сега ослободени на условна слобода сè уште чуваат големи тајни за нерасчистени мафијашки убиства што одбија да ги признаат. Ослободувањето испраќа лоша порака“, рече тој.

Во октомври, Рафаеле Галатоло (74), мафијашки водач од областа Аквасанта во Палермо, беше ослободен под услов откако судот го прогласи за „модел на затвореник“ поради добро однесување. Галатоло и неговиот брат Винченцо, двајцата осудени за убиство, ја водеа т.н „комора на смртта“, просторијата во која жртвите биле задавени по наредба на тогашниот водач на сицилијанската мафија Салваторе „Тото“ Риина.

По смртта на Винченцо, Рафаеле остана единствениот наследник на „тронот“ во мафијашкото семејство Аквасанта, пишува Гардијан.

Една недела претходно, Џузепе Корона, кој беше притворен од 2018 година во максимално безбеден затвор за водачи на мафијата, беше ослободен откако го одлежа максималното дозволено време за притвор, кој постојано беше одложуван.

На почетокот на октомври, апелациониот суд во Палермо ослободи девет мафијашки водачи од Трапани поради истата причина. Сите беа поврзани со поранешниот водач на сицилијанската мафија Матео Месина Денаро, кој беше уапсен во јануари 2023 година по 30 години бегство и почина во септември истата година.

Главниот обвинител на Палермо, Маурицио де Лусија, неодамна апелираше за продолжување на борбата против мафијата, предупредувајќи дека Коза Ностра, по долг период на опаѓање, може да се обиде да ја реорганизира т.н. Купола, неговото раководно тело.

„Тоа е совршена бура“, вели Федерико Варезе, професор по криминологија на Универзитетот во Оксфорд и автор на книгата „Мафијашки живот“.

„Неодамнешните измени во италијанскиот закон им дозволуваат на лидерите на мафијата кои никогаш не се откажале од своето минато и никогаш не сведочеле против мафијата да ги искористат придобивките од законот за „добро однесување“. Затворските власти не ги консултираат обвинителите за да проценат колку може да биде опасно нивното ослободување и едноставно попуштаат. Нивното враќање во голем број ќе ѝ го олесни прегрупирањето на Коза Ностра.“

Стравот кај обвинителите и семејствата на жртвите главно произлегува од фактот што многу од овие лидери одбиваат да соработуваат со властите, со што ја покажуваат својата намера да останат дел од мафијата.

„Овие мафијаши ќе го напуштат затворот за да ја вратат својата моќ во кланот“, рече Борселино. „Покрај тоа, тие ќе уживаат уште поголема репутација меѓу членовите на толпата и приврзаниците на Коза Ностра, бидејќи можат да се пофалат дека биле во затвор без воопшто да зборуваат или да ги предадат другите членови на кланот.

„Влегувањето во сицилијанската мафија е доживотно и се одвива преку ритуал. За време на ритуалот во рацете на регрутот се става запалена слика на светец, со зборовите на присутните мафијаши: „Ќе гориш како оваа слика ако изневериш или се обидеш да ја напуштиш оваа организација“, рече Варезе.

„Излегувањето од мафијата е можно само со смрт или протерување за да станете државен сведок (смртта е навистина казна за оние што ќе станат државни сведоци).“, заклучи тој.

Професор од Франција треба да плати 300.000 евра за сообраќајни прекршоци, иако нема автомобил

Универзитетски професор од Франција на кого му го украле идентитетот се соочи со неверојатни 300.000 евра казни за сообраќајни прекршоци што не ги направил.

Професорот станал жртва на кривично дело кражба на идентитет. Но, приказната не завршува тука - возилата регистрирани на негово име биле користени и за криминални активности како грабежи и провални кражби во Белгија.

Неговата агонија, за која ги обвинува француските власти, започна во 2018 година. Според него, додека бил на одмор, полицијата го контактирала за да го извести дека бројни возила регистрирани на негово име се вмешани во повеќе сообраќајни прекршоци. Иронично, во тоа време Жилиен немал автомобил, туку само скутер, пишува Le Monde.

Полициската истрага набрзо ги потврди сомнежите за кражба на идентитет. Криминалците отвориле фирма за купување и продавање возила на негово име, користејќи ги неговите лични податоци за регистрирале дури 300 автомобили. Тие автомобили потоа се користеле за сообраќајни прекршоци, а со тоа автоматски се поврзувале и казните.

Професорот поднесе тужба против француските власти, обвинувајќи го државниот систем за пропусти. Иако добил отштета од 3.000 евра, смета дека е недоволна со оглед на обемот на претрпената штета.

Се чини дека проблемот делумно лежи во францускиот систем за регистрација на возила (SIV), кој неодамна бил делумно приватизиран. Таа транзиција предизвика технички проблеми во системот, кои сајбер-криминалците ги користеа за да извршат кражба на идентитет. Последиците од овие пропусти погодуваат сѐ поголем број возачи во Франција.

притисни ентер