Словачка се закани дека ќе им ја укине помошта на украинските бегалци, поради прекинот на гасот

Словачкиот премиер Роберт Фицо се закани дека ќе ја прекине финансиската поддршка за повеќе од 130.000 украински бегалци, бидејќи ескалира спорот со Украина за испораките на руски гас.

На 1 јануари Киев го исклучи гасоводот кој со децении служеше за снабдување на централна Европа со руски природен гас.

Словачка беше главната влезна точка и земјата сега ќе изгуби милиони евра од транзитни такси.

Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) минатиот месец процени дека во Словачка има 130.530 украински бегалци од 6.813.900 во светот.

Фицо, кој дојде во ненадејна посета на Москва во декември за да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, го опиша потегот на Киев како саботажа, пренесува Би-Би-Си.

Премиерот на земјата од ЕУ рече дека ќе предложи запирање на извозот на електрична енергија во Украина и „нагло намалување“ на финансиската поддршка за Украинците кои нашле засолниште во Словачка.

Тој рече дека не постои ризик Словачка да страда од недостиг на гас, бидејќи веќе има направено алтернативни аранжмани.

Но, Фицо додаде дека одлуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги затвори плиноводите ќе ја лиши Словачка од 500 милиони евра транзитни такси од други земји.

Тој рече дека неговата партија е подготвена да разговара за „запирање на снабдувањето со електрична енергија“ и „значително намалување на поддршката за украинските граѓани во Словачка“.

„Единствената алтернатива за суверена Словачка е да го врати транзитот или да бара компензаторни механизми за да ја замени загубата во јавните финансии“, додаде тој.

Минатиот месец Зеленски го обвини Фицо дека му помага на Путин да ја „финансира војната и да ја ослабне Украина“.

„Фицо ја вовлекува Словачка во обидите на Русија да им нанесе поголемо страдање на Украинците“, рече украинскиот претседател.

Полска му понуди поддршка на Киев во случај Словачка да го прекине извозот на електрична енергија - испораките кои се клучни за Украина, чии електрани редовно се под напади од Русија.

Полската влада го нарече прекинот на испораката на руски гас од Украина „уште една победа“ против Москва, додека Европската комисија рече дека ЕУ се подготвила за промената и дека повеќето земји можат да се справат.

Молдавија, која не е во ЕУ и е една од најсиромашните земји во Европа, веќе страда од недостиг.

Влада: Законот за заштита на децата ќе биде доработен и доставен до Собранието

 По непотпишувањето на Указот на Законот за заштита на децата од страна на претседателката на државата вечерва од Владата во изјава за МИА информираа дека Законот ќе се доработи и дека ќе биде доставен во Собранието во законските рокови.

- Како Влада информираме дека Законот ќе се доработи и истиот ќе се најде пред пратениците согласно законодавните процедури, се вели во одговорот од Владата.

Пратениците го изгласаа овој Закон на 24 декември во рамки на 27-та пленарна седница, со обично и Бадинтерово мнозинство. Со непотпишувањето на Указот, сега законските измени се враќаат во Собранието, а доколку повторно бидат изгласани, претседателката ќе биде должна да го потпише Указот.

Од Собранието за МИА потврдија дека образложението на претседателката Сиљановска-Давкова е доставено на 31 декември.

Во образложението на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова се наведува дека законските измени содржат повеќе спорни одредби и дека по спроведена темелна анализа и експертски консултации бара преиспитување на одредбите од членовите 9 и 10 од Предлог-законот.

- Верувам дека Собранието како носител на законодавната власт ќе ги има предвид моите забелешки и укажувања при повторното разгледување на одредбите од членот 9 и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата, што го донесе на 24 декември 2024 година и ќе креира јасни, прецизни и недвосмислени решенија во согласност со Уставот, пишува во документот.

Претседателката наведува дека посочените членови од Законот треба да се преиспитаат низ призма на амандманот 5 од Уставот и постоечкиот Закон за употреба на јазиците.

- Потсетувам дека начинот на употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните и неговото писмо, се веќе уредени со закон, се наведува во образложението.

Претседателката укажува и на одредбата од членот 182, став 5 од Законот за заштита на децата каде е регулиран начинот на добивање, продолжување и одземање лиценца за работа, формата и содржината на образецот за лиценца кои ги пропишува министерот.

Непотпишувањето на Указот денеска го поздравија од опозициската СДСМ и од лидерот на Левица, а преку соопштение реагираа од Демократската унија за интеграција наведувајќи дека ова е обид за поткопување на правата на Албанците.

„Тајмс“: НАТО побарало Велика Британија да ги засили системите за ПВО и ПРО

Соодветното барање до британските власти ќе биде вклучено во ажурираниот список на барања кон армиите на земјите-членки на воената алијанса за 2025 година.

НАТО побарало Велика Британија да ги засили своите системите за противвоздушна и противракетна одбрана (ПВО и ПРО) поради тоа што е утврдено дека земјата е ранлива на ракетни напада, соопшти лондонски „Тајмс“ повикувајќи се на извори од британското Министерство за одбрана.

Соодветното барање до британските власти ќе биде вклучено во ажурираниот список на барања кон армиите на земјите-членки на воената алијанса за 2025 година.

Недостатоците во британските системи за ПВО и ПРО беа утврдени за време на проверка на борбената готовност, спроведена неодамна од комисија на НАТО. Како резултат на оваа проверка подготвен е нацрт-планот „Capability Target 2025“. Во документот се истакнува потребата од зголемување на инвестициите во системите за противвоздушна одбрана за заштита на критичната инфраструктура, вклучувајќи атомски електрани и воени бази.

Некои земји на НАТО изразиле разочараност поради малиот придонес на Велика Британија во поставувањето одбранбени штитови неопходни за заштита на Европа од напади со ракети со долг дострел, дознава издението.

Се вели дека ситуацијата станала особено актуелна во контекст на ракетните напади на Русија врз Украина, што поттикна многу европски земји итно да купат дополнителни системи за ПВО. Но Велика Британија не располага со копнени средства за противвоздушна одбрана кои би можеле да обезбедат заштита од балистички ракети на критично важни инфраструктурни објекти и населени места

-Причината зошто Велика Британија има толку слаба ПВО е тоа што во текот на изминатите три децении никој не сметаше дека таа е неопходна, изјави виш претставник од одбранбената сфера. Но, според него, настаните во Украина и на Блискиот Исток го докажале спротивното. „Многумина мислат дека Велика Британија е безбедна. Но сега тоа не е така“.

Друг претставник на армијата истакнува дека Велика Британија може да биде нападната „од кој било правец“ ако балистичка ракета биде лансирана од брод, подморница или авион. „Во наредните 15 години, балистичка ракета ќе може да ја достигне Британија од кое било место во светот. Но, решението на овој проблем бара значителни финансиски вложувања“.

Велика Британија ѝ испорачува на Украина ракети „Storm Shadow“, користени од Киев за напади врз територијата на Русија. Рускиот претседател Владимир Путин претходно предупреди дека нападите врз руска територија со примена на западни ракети ќе се сметаат како вклученост НАТО, САД и Европа во воени дејствија против Русија.

Адмирал Тони Радакин, началник на Одбранбениот штаб на Велика Британија, неодамна предупреди дека во случај на напад од страна на Русија, Велика Британија е спремна со „надмоќен одговор“. Тој додаде дека оваа информација веќе е пренесена до Москва, па шансите Путин да ги нападне Британија или НАТО со директни удари се многу мали./МИА

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. 

Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

притисни ентер