Професор од Франција треба да плати 300.000 евра за сообраќајни прекршоци, иако нема автомобил

Универзитетски професор од Франција на кого му го украле идентитетот се соочи со неверојатни 300.000 евра казни за сообраќајни прекршоци што не ги направил.

Професорот станал жртва на кривично дело кражба на идентитет. Но, приказната не завршува тука - возилата регистрирани на негово име биле користени и за криминални активности како грабежи и провални кражби во Белгија.

Неговата агонија, за која ги обвинува француските власти, започна во 2018 година. Според него, додека бил на одмор, полицијата го контактирала за да го извести дека бројни возила регистрирани на негово име се вмешани во повеќе сообраќајни прекршоци. Иронично, во тоа време Жилиен немал автомобил, туку само скутер, пишува Le Monde.

Полициската истрага набрзо ги потврди сомнежите за кражба на идентитет. Криминалците отвориле фирма за купување и продавање возила на негово име, користејќи ги неговите лични податоци за регистрирале дури 300 автомобили. Тие автомобили потоа се користеле за сообраќајни прекршоци, а со тоа автоматски се поврзувале и казните.

Професорот поднесе тужба против француските власти, обвинувајќи го државниот систем за пропусти. Иако добил отштета од 3.000 евра, смета дека е недоволна со оглед на обемот на претрпената штета.

Се чини дека проблемот делумно лежи во францускиот систем за регистрација на возила (SIV), кој неодамна бил делумно приватизиран. Таа транзиција предизвика технички проблеми во системот, кои сајбер-криминалците ги користеа за да извршат кражба на идентитет. Последиците од овие пропусти погодуваат сѐ поголем број возачи во Франција.

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. 

Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Украински мрежи: Русија зазеде 3.600 км квадратни од Украина во 2024 година

Во изминатата 2024 година Русија зазеде речиси 3.600 квадратни километри од територијата на Украина, јави денеска ДПА, повикувајќи се на украински социјални мрежи во Киев. 

Областа е приближно со големина на шпанскиот остров Мајорка или њујоршкиот Лонг Ајленд.

Украина претрпе најголеми територијални загуби во ноември, кога загуби околу 610 квадратни км. Тогаш руските сили окупираа приближно 20 квадратни километри дневно, пишува украинскиот воен блог „Military“. Пријавените загуби во 2024 година беа многу пати поголеми од оние во претходната година.

Нема официјална потврда за овие податоци. /МИА

Минатата година беше најжешката досега во Србија

Минатата година Србија ја доживеа најтоплата година во историјата на метеоролошките мерења, соопшти српската метеоролошка служба.

Според податоците, просечната годишна температура во Србија во 2024 година изнесувала 13,3 степени Целзиусови, што е за 2,3 степени повисоко од просекот за периодот 1991-2020 година и речиси за еден степен повисоко од претходно најтоплата година – 2023 година.

„Рекордни температури беа забележани низ целата земја, како за просечната, така и за максималната и минималната годишна температура“, наведуваат метеоролозите.

Во извештајот се истакнуваат и рекордните четири топлотни бранови во текот на летните месеци и зголемен број тропски ноќи.

- Амплитудата на температурата во 2024 година беше типична за крајбрежните области на Шпанија, Италија или Грција во периодот 1961-1990 година, што значи дека 2024 г. тоа беше медитеранска година за Србија, изјави универзитетскиот предавач Ирина Лазиќ за специјализираната веб-страница Клима 101./МИА

притисни ентер