Австралиските власти трагаат по млад сурфер, се стравува дека го изела ајкула (ВИДЕО)

Сурферот кој исчезна вчера на плажа во Јужна Австралија, се верува дека загинал во напад на ајкула, соопштија денеска властите, откако беа претресени водите каде што исчезнал.

Сурфер (28) исчезнал на популарната плажа за сурфање, каде во 2023 година уште еден човек беше убиен од бела ајкула, пренесе АП.

Сведокот кој го видел нападот на ајкулата вчера вечерта на плажата Гранитс, во близина на крајбрежниот град Стрики Беј, отишол во морето на џет ски и ја извадил даската за сурфање на исчезнатиот човек, изјави полицајката Ребека Стоукс за австралиската телевизија ABC.

„Но, едноставно немаше трага од овој млад човек. Според описот на сведокот, прилично сме сигурни дека, за жал, тој е убиен од ајкула“, изјави Стоукс за ABC.

Таа рече дека е познато дека ајкулите ја посетуваат таа плажа, но не прецизираше за каква ајкула станува збор.

Припадниците на брзата помош и волонтерите денеска го пребаруваа морето каде исчезна сурферот, а плажата беше затворена за јавноста.

Според австралиската база на податоци за инциденти на ајкули, имало 255 фатални каснувања од ајкула во земјата од 1971 година.

Во последните пет години во државата Јужна Австралија се регистрирани повеќе вакви напади од вообичаено, а во 2023 година имало пет напади од ајкула на плажа, од кои три биле фатални.

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. 

Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Украински мрежи: Русија зазеде 3.600 км квадратни од Украина во 2024 година

Во изминатата 2024 година Русија зазеде речиси 3.600 квадратни километри од територијата на Украина, јави денеска ДПА, повикувајќи се на украински социјални мрежи во Киев. 

Областа е приближно со големина на шпанскиот остров Мајорка или њујоршкиот Лонг Ајленд.

Украина претрпе најголеми територијални загуби во ноември, кога загуби околу 610 квадратни км. Тогаш руските сили окупираа приближно 20 квадратни километри дневно, пишува украинскиот воен блог „Military“. Пријавените загуби во 2024 година беа многу пати поголеми од оние во претходната година.

Нема официјална потврда за овие податоци. /МИА

Минатата година беше најжешката досега во Србија

Минатата година Србија ја доживеа најтоплата година во историјата на метеоролошките мерења, соопшти српската метеоролошка служба.

Според податоците, просечната годишна температура во Србија во 2024 година изнесувала 13,3 степени Целзиусови, што е за 2,3 степени повисоко од просекот за периодот 1991-2020 година и речиси за еден степен повисоко од претходно најтоплата година – 2023 година.

„Рекордни температури беа забележани низ целата земја, како за просечната, така и за максималната и минималната годишна температура“, наведуваат метеоролозите.

Во извештајот се истакнуваат и рекордните четири топлотни бранови во текот на летните месеци и зголемен број тропски ноќи.

- Амплитудата на температурата во 2024 година беше типична за крајбрежните области на Шпанија, Италија или Грција во периодот 1961-1990 година, што значи дека 2024 г. тоа беше медитеранска година за Србија, изјави универзитетскиот предавач Ирина Лазиќ за специјализираната веб-страница Клима 101./МИА

притисни ентер