Јужнокорејската опозиција се закани дека ќе го собори привремениот претседател

Јужнокорејската опозиција се закани дека ќе го собори привремениот претседател доколку не го објави законот за истрага за воената состојба

Најголемата јужнокорејска опозициска партија се закани дека ќе го отповика привремениот претседател Хан Док-су доколку тој не го објави законот за создавање специјална комисија за истрага на неуспешниот обид на соборениот претседател Јун Сук-јол да воведе воена состојба.

Премиерот Хан ја презеде функцијата од Јун, кој беше сменет од функцијата од парламентот на 14 декември и Уставниот суд на земјата чека одлука дали конечно да го признае импичментот.

Опозициската Демократска партија, која има мнозинство во парламентот, претходно овој месец гласаше за закон за назначување специјална комисија за покренување обвиненија против конзервативецот Јун, вклучително и бунт, и за истрага на неговата сопруга во врска со скандалот со луксузни чанти и други обвиненија.

Партијата, која го обвини Хан дека му помогнал на Јун да воведе воена состојба и го известил во полиција, рече дека „веднаш ќе побара постапка за импичмент“ на привремениот претседател доколку тој не го објави законот до утре.

Хан неодамна изјави дека се обидел да го блокира прогласувањето на воена состојба на Јун и се извини што не успеал.

Заедничкиот истражен тим во кој беа вклучени полицијата и Канцеларијата за високи истраги за корупција направи втор обид да го повика Јун на сослушување на 25 декември, иако не е јасно дали тој ќе се појави.

Шефот на националната полициска истрага У Јонг-су изјави денеска во парламентот дека полицијата двапати се обидела да изврши рација во канцеларијата на Јун, но претседателската служба за безбедност одбила да ги пушти полицајците. У Јонг-су додаде дека неговиот тим му испратил барање да ги зачува доказите, вклучително и безбеден телефонски сервер. /МИА

Стручен надзор во Детската клиника за смртта на 7 месечното бебе

Денеска се очекува да заврши стручниот надзор оформен од Министерството за здравство кој треба да покаже дали имало пропуст во лекувањето на седум месечниот Дамјан, кој почина на Детската клиника, откако претходно беше одбиен за хоспитализација.

За случајот од СДСМ и ДУИ бараат оставка од Таравари и од директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, поради направените пропусти кои резултирале со смрт на 19 бебиња и едно петгодишно дете во рок од шест месеци. Тарвари, не смета дека е логично и морално за секое починато дете да се бара оставка од министерот за здравство.

Од друга страна извештајот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој утврди дека во моментот на прегледот во амбулантата немало доктор специјалист се уште не е испратен во Лекарската комора, поради што комората не може да преземе никакви мерки. Од таму велат дека ќе постапат според надлежностите дури откако ќе го добијат извештајот од ДСЗИ и од стручниот надзор од Министерството за здравство.

И покрај зачестените трагедии, граѓаните се уште имаат доверба во персоналот на Детска клиника.

Скопското обвинителство за овој случај се уште нема оформено предмет. Од таму информираат дека сепак имаат оформено предмет за 14 месчното бебе кое неодамна исто така почина на Детска клиника, откако не било навреме хоспитализирано.

Флоријан Бибер за Канал 5: Протестите во Србија ја покажуваат фрустрацијата на граѓаните

Протестите во Србија нема да резултираат со крај на власта на Александар Вучиќ, но јасна е фрустрацијата кај српските граѓани – вели за Канал 5 професорот и експерт за Балканот Флоријан Бибер. 

Според него, чувството на фрустрација и авторитарниот одговор на владата во Србија, сугерираат дека трпението на граѓаните е при крај, со него разговараше Јован Ѓорговски.

Дали Артан Груби ќе се спаси ако е во Албанија и има албански пасош?

Дали доколку се потврдат информациите дека екс-вицепремиерот Артан Груби е во Албанија и има албански пасош, можеме да се надеваме дека ќе се соочи со правдата во Македонија?

Според поранешниот министер за правда Михајло Маневски правни пречки за екстрадиција по неговото пронаоѓање не постојат. Тој вели, ако Груби има албански пасош, па дури и во случај Албанија да нема член во Уставот за испорачување на свои граѓани како што има Македонија, Тирана сепак треба да го екстрадира според обврските кои произлегуваат од меѓународните конвеции за кривичо право.

-Закон за меѓународна соработка во кривичната материја, кој произлегува од меѓународната конвенција за екстрадиција каде што државите, членки на Советот на Европа и сите други држави се должни да постапуваат согласно тие меѓународни норми. Тоа е во интерес на човештвото, тоа е во интерес на сите граѓани, тоа е во интерес на државите. Ниедна држава не би требало да постапува спротивно на меѓународна легислатива заради тоа што се работи за заштита на сериозни интереси на државите да се справуваат со сторители на тешки кривични дела.- Михајло Маневски – Поранешен министер за правда

Македонија има договор за екстрадиција со Албанија уште од 1998 година, исто како и со Косово од 2011, но во вториот случај договорот останува само на хартија, со оглед дека повеќе од деценија државата се уште не ги испорачува Агим Исмаиловиќ и Африм Демири осудени за убиствата кај Смилковското езеро. Оттука, констатира Маневски, за целата постапка клучна е и политичка волја.

-Секогаш се испречува таа политичка волја и таа политичка волја не треба да биде пречка за барем кога се работи за тешки кривични дела на организиран криминал. Некаде 2009-2010 година потпишавме договор за екстрадиција со Косово во Приштина, а потоа видовме каква е постапката, еве десетина години не се испорачуваат и не се екстрадираат лицата кои што го направија злосторството кај Смилковското езеро. - Михајло Маневски – Поранешен министер за правда

Се уште не се знае точната локација на Артан Груби по кој е распишана меѓународна потерница. Тој државата ја напушти со почесниот косовски конзул Арсим Папранику, со неговото дипломатско возило. Иако бил на „стоп-листа“, сепак бил пропуштен од граничната полиција, што резултираше со дисциплински мерки, како и суспензија и кривична пријава за службеникот кој не ги испочитувал процедурите при проверката на Груби.

притисни ентер