Алкараз ќе игра на турнирот во Доха

Третиот светски рекет Карлос Алкараз во 2025 година за прв пат ќе игра на турнир во Доха, Катар. 

Од следната сезона овој турнир ќе биде класифициран како АТП 500 турнир.

Претходно своето учество во Доха го потврдија: Јаник Синер, Новак Ѓоковиќ, Данил Медведев, Андреј Рублев, Алекс де Минаур и Григор Димитров.

Турнирот ќе започне на 17 февруари. /МИА

ЕУ изрази загриженост поради осудата на 25 цивили од страна на пакистанскиот Воен суд

Европската Унија со загриженост го нотира осудувањето на 25 цивили од страна на Воениот суд во Пакистан на 21 декември, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Според ЕЕАС, ЕУ смета дека овие пресуди не се во согласност со обврските што ги има преземено Пакистан врз основа на Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

- Во согласност со член 14 од Пактот, секое лице има право на правично и јавно судење пред суд кој е независен, непристрасен и надлежен и има право на соодветно и ефикасно правно застапување. Исто така, предвидено е дека секоја пресуда донесена за кривично дело треба да биде објавена во јавноста, се наведува во соопштението на ЕЕАС

Службата потсетува дека според одредбите на Генерализираната шема на ЕУ за преференции - плус (ГСП+), земјите опфатени со неа, меѓу кои е и Пакистан, за да можат да имаат корист од вклучувањето во инструментот, доброволно се согласиле ефикасно да имплементираат 27 основни меѓународни конвенции, меѓу кои и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

ГПС+ е инструмент на ЕУ кој има за цел да им даде “посебен поттик на земјите во развој кон одржлив развој и добро владеење“. За да имаат полза од опфатот со ГПС+ овие земји мора да се усогласат со 27 меѓународни конвенции поврзани со почитување на човековите и работничките права и принципите на доброто владеење, како и на заштита на животната средина. Во моментов со ГПС+ се опфатени Боливија, Зеленортската Република, Киргистан, Монголија, Пакистан, Узбекистан, Филипини и Шри Ланка и тие се ослободени од царини за извоз на некои нивни производи во ЕУ.

Пакистанската армија во саботата соопшти дека Воениот суд осудил 25 лица на казни „строг затвор“ во траење од две до 10 години поради нивно учество во напади врз воени објекти за време на антивладините протести во Пакистан во мај 2023 година. Во соопштението нема повеќе детали за пресудите, кои не се ни објавени, но се најавува дека откако ќе заврши правната постапка ќе бидат соопштени казните и за уште „десетиците преостанати обвинети во врска со ова насилството“. /МИА

Крин Антонеску ќе биде кандидатот за претседател на Романија од проевропската коалиција

 Крин Антонеску е избран за заеднички претседателски кандидат на трите проевропски партии во Романија, соопшти Илие Боложан, лидер на Национално-либералната партија (НЛП).

Договорот за коалиција го потпишаа Социјалдемократската партија (СДП), НЛП, Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија (ДСУР) и претставници на етничките малцинства. Главните цели се зачувување на местото на Романија во ЕУ и НАТО и одбрана на националниот идентитет.

- Стабилна влада во овој тежок период е клучна за реформи и развој, изјави Боложан.

Коалицијата планира и заеднички кандидат за претседателските избори, со цел да спречи радикално-десничарски кандидат да победи. Мандатот на актуелниот претседател, Клаус Јоханис, истече, но тој останува на функцијата додека не се избере нов претседател.

Првиот круг на изборите во ноември беше поништен поради сомневања за манипулации. Во вториот круг требаше да се соочат Калин Георгеску, независен проруск кандидат, и Елена Ласкони од центристичкиот Сојуз за спас на Романија./МИА

Бајден преиначи 37 смртни казни во доживотен затвор

Претседателот на САД, Џо Бајден денеска ги преиначи казните на 37 од вкупно 40 осуденици на смрт. Според одлуката на 37 осуденици казната им е преиначена во доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Со тоа Бајден го осуети планот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за забрзување на темпото за извршување на смртните казни.

Одлуката за помилување на еден претседател не може да биде поништена од неговиот наследник.

Трамп за време на првиот мандат (2017 – 2021) повторно ги почна федералните егзекуции по пауза од 20 години, додека Бајден, уште во кампањата соопшти дека е против смртната казна, а по преземањето на функцијата, во јануари 2021 година, ги стопира федералните егзекуции./МИА

притисни ентер