Јужна Кореја: Испраќањето војници од С. Кореја во Русија е закана за меѓународната безбедност

Кабинетот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол денеска објави дека испраќањето војници од Северна Кореја во Русија е „сериозна закана за меѓународната безбедност“ и дека ќе одговори на тоа со сите расположливи средства.

На состанокот со клучните разузнавачки, воени и безбедносни претставници, беше истакнато дека моменталната ситуација во воените односи меѓу Русија и Северна Кореја е „сериозна закана не само за Јужна Кореја, туку и за меѓународната заедница“.

Јужнокорејските власти соопштија дека е веројатно некои севернокорејски војници во Русија да се вмешани во конфликтот во Украина, но не дадоа дополнителни детали.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ја обвини Северна Кореја дека испраќа офицери да и помогнат на Русија, додека генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека во моментов нема докази за присуство на Пјонгјанг во војната.

Јужнокорејски и американски официјални лица тврдат дека Северна Кореја и доставува балистички ракети и друга муниција на Русија, обвинение кое и Пјонгјанг и Москва го негираа.

Кремљ, исто така, ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја за испраќање воен персонал во Русија. /МИА

Средба Димовска - Лејенбергер

Потврден континуитетот на одличната соработка со германскиот Бундестаг

Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, денеска оствари средба со заменик-генералната секретарка на Германскиот Бундестаг, Сашка Лејенбергер, на која покрај собраниските службеници, присуствуваше и нашиот резидентен амбасадор, Илбер Села. На средбата, беа потврдени одличната и континуирана соработка меѓу двата парламента и беа разгледани предлозите за утврдување на соработката во следните години, информира собраниската прес служба.

Димовска искажала благодарност за интензитетот и динамиката на размена на експертиза, добри практики и искуства меѓу Бундестагот и Собранието. Фокусот на дискусијата бил во насока на финализирање на реформата за воведување независно собраниско обезбедување во контекст на целосна институционална независност на Собранието.

-Средбата беше искористена и за иницирање нови можности за соработка меѓу службите на двата парламента, согласно потребите на Собранието и во области за кои имаме отворени прашања и за кои е потребно целосно доуредување. Особено го истакна значењето на ИПС програмата, којашто се спроведува секоја година за млади лица од нашата земја кои стажираат во германскиот Бундестаг и на тој начин стекнуваат непроценливи искуства и знаења за парламентарното работење. Тие искуства по враќањето дома ги споделуваат во Собранието. Димовска упати и покана до раководството на службата на Бундестагот за посета на нашето Собрание, се вели во соопштението.

Лејенбергер изразила особено задоволство за денешната средба, истакнувајќи дека Собранието е во фокусот на приоритети за соработка на Бундестагот, со уверување дека оваа соработка ќе продолжи да се продлабочува во веќе детектираните области и за нови теми од заемен интерес. Праксата стипендистите да поминат две недели во Собранието пред нивно заминување во Германија и да се запознаат со начинот на неговото функционирање, ја оценила како особено позитивна, како искуство кое е корисно и служи за поподготвени да го почнат нивното стажирање во Бундестагот.

Двете соговорнички биле согласни дека во овој динамичен свет, во кој секоја институција мора да држи чекор со новата технологија, парламентите треба да инвестираат уште повеќе во дигитализацијата, заштитата на податоци, како и нивно поактивно претставување на социјалните мрежи, обезбедување поголема достапност на информации за граѓаните и за младите, но и во вклучување на јавноста и експертите во законодавниот процес, во родовата еднаквост и буџетирање, како нови трендови во парламентарното работење.

Специјалниот суд го закажа за 24 октомври прелиминарното рочиште против Сали Бериша

Специјалниот суд против организиран криминал и корупција за 24 октомври го закажа прелиминарното рочиште за досието „Партизан“.

-Пред три дена Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, СПАК, го достави ова досие во кое обвинети се Сали Бериша, Џамарбер Малтези, Фатмир Бекташи, Џими Бегеј, Андина Пустина, Студио „Пустина“ компаниите „Хомеплан“ и „Контакт“, објавија медиумите.

Предметот е кај судијката Флојера Давиди, која треба да донесе одлука дали случајот ќе биде испратен на судење, може да го врати на дозавршување на истрагите или да го отфрли случајот.

-Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша се товари за кривично дело „Пасивна корупција на високи државни функционери или локални избраници“, извршено во соработка, за што може да добие казна затвор во траење од осум години. Неговиот зет за ќерка, Џамарбер Малтези, нерегуларно стекнал корист од околу 5,4 милиони евра, приход од градежен бизнис, наведуваат медиумите.

Тој го приватизирал спортскиот комплекс „Партизан“ во центарот на Тирана, благодарение на одлуките на владата чиј премиер тогаш бил Бериша, по што изградил неколку повеќекатници.

Бериша, кој деновиве наполни 80 години и тврди дека е невин, е во домашен притвор од 30 декември минатата година. На последните парламентарни избори, во 2021 година, беше избран за пратеник, но парламентот по барање на СПАК му го одзеде пратеничкиот имунитет.

Американскиот Стејт департмент го стави Бериша на списокот со санкции уште во мај 2021 година поради сомневање за корупција, а во јули истата година, и Велика Британија. Тој тогаш обвини дека и двете одлуки се плод на „обвинувањата и лобирањето на премиерот Еди Рама и мултимилијардерот Џорџ Сорос“.

Трипуновски: Министерството подостапно

Министерството подостапно од денеска и во општина Новаци и општина Могила преку новите подрачни канцеларии

„Денеска сум повторно на посета во општина Новаци, целта е отворање на подрачна канцеларија на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Овој пат оваа канцеларија ќе биде опслужена заедно со вработените од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од општина Новаци.

„Целта е како што ветивме да продолжиме да го отвораме Министерството кон земјоделците. Во оваа општина според Регистарот има некаде околу 1.000 земјоделци кои што своите потреби ги извршувале во општина Битола. Сега ќе можат овдека земјоделците да проверуваат податоци, да аплицираат итн.“, појасни министерот.

Тој посочи дека целта е да се отвори Министерството и да биде подостапно за земјоделците. Тие заслужуваат да бидат информирани за секоја активност на Министерството.

„Исто така потоа заминуваме и во општина Могила да отвориме и таму подрачна канцеларија. Значи општина Могила и општина Новаци ќе бидат со нови подрачни канцеларии“, истакна министерот Трипуновски.

Тој додаде дека и во подрачната канцеларија во општина Могила ќе има вработени од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

„Она што во минатото го направивме заедно со директорот на Платежната агенција сите земјоделци ќе можат во самата подрачна единица да ги следат апликациите, зошто во минатото многу од земјоделците морале да патуваат во поголемите центри па дури и во Скопје. Но, овој пат земјоделците сите тие активности ќе можат да ги прават на лице место. Со тоа сакаме да покажеме дека навистина се грижиме за земјоделците да имаат повеќе време да работат на полињата, а помалку време да губат на бирократијата“, појасни Трипуновски.

притисни ентер