Иран соопшти дека двајца војници загинале во израелските напади на воени локации

Двајца ирански војници се убиени во израелскиот напад на воени локации низ Иран, соопшти денеска армијата.

Тие беа убиени во акција, јави иранската новинска агенција Тасним, која се смета за гласноговорник на корпусот на Исламската револуционерна гарда во земјата. Агенцијата најави повеќе детали.

Војниците загинаа во долгоочекуваниот одмазднички напад на Израел врз Иран, за време на кој Тел Авив соопшти дека извршил „прецизни напади“ врз воени цели, пренесе ДПА.

Целите вклучуваат капацитети за производство на ракети, ракетни системи земја-воздух и системи за противвоздушна одбрана, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), Даниел Хагари.

Иранските државни медиуми јавија дека имало експлозии во близина на главниот град Техеран, каде живеат од 15 до 20 милиони луѓе. Рано итрово се слушнале експлозии и во центарот на градот, а бил видлив и противавионски оган.

Нападите на Израел врз ирански цели се сметаат за одмазда за нападот на Иран врз Израел на 1 октомври, во кој лансираше речиси 200 балистички проектили врз еврејската држава.

Според иранската новинска агенција Фарс, воените бази на југ и југозапад од Техеран биле цел на нападите, иако тоа не е официјално потврдено.

Хагари го предупреди Иран да не ескалира дополнително, во спротивно Израел ќе биде „обврзан да одговори“./МИА

Уапсен 50 годишник поради поседување оружје во својот дом во кичевско Грешница

50-годишник од кичевско е уапсен во селото Зајас при претрес на неговиот дом, каде било пронајдена поголема количина оружје.

При претрес во неговиот дом во селото Грешница, извршен по судска наредба, полициските службеници пронајдоа и одзедоа три автоматски пушки калибар 7,62 милиметри, една ловна пушка, 10 ловни патрони и 188 куршуми калибар 7,62 милиметри, кои неовластено ги поседувал.. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, велат од министерството за внатрешни работи..

Мицкоски: Случајот со помулувањата е од претходната влада и е снесен како кукавичко јајце

Последната листа на осуденици кои ги помилува претседателката е кукавичко јајце од претходната влада- вака премиерот Мицкоски ја коментира листата која предизвика бурни реакции поради контроверзните личности кои се најдоа меѓу избраните десетмина.

За правните процедури вели дека веќе се изјасниле надлежните тела кои учествуваат во процесот на помилување, а за осуденикот кој крена најмногу прашина, Акиф Равмановски, водачот на кланот Барон, премиерот кажа дека тој веќе не е на слобода и покрај помилувањето кое го доби претходно.

-Тој случај е кукавичко јајце снесено од претходната влада кој требало да имплодира во овој период. Знам лицето дека е повторно приоведено и дознав дека има уште неколку дела кои се поврзани со ова лице. Нема да одам чекор понатаму да коментирам и да прејудицирам судски одлуки, јас сум човек легалист, верувам во презумпција на невиност.. Веќе доби истото лице 30-дневен притвор, па оставам на правосудните органи да одлучат како да постапуваат за други случаи кадешто постои основано сомениние за сторен криминал.- Христијан Мицкоски – претседател на Влада

Членот на комисијата за помилување, професорот Гордан Калајџиев, вели дека тие одлучувале според документите од судот и од министерството за правда, во кои стојат деталите за поведението и затворската историја на осуденикот, а не дека е шеф на криминална банда. Во синоќешниот поткаст „На кавга со Иван“ тој потврди дека листата за помилување е селекција од претходно доставен список од над 100 предлози за помилување од поранешниот министер за правда Кренар Лога.

-Човекот за кој се води дека е шеф на банда по судските списи е осуден за еден пиштол дома и пет куршуми. При тоа првостепениот суд, исто како и комисијата, му дал условна осуда. Апелација пак, што сум се зачудел како ги менува казните со многу построги, ги менува условните и паричните со казна затвор. - Гордан Калајџиев – член на Комисија за помилување

По низата реакции, за процедурата вчера се изјасни и министерот за правда Игор Филков, кој изјави дека правда не помилува туку дава само препорака за намалување на казна од 1 до 6 месеци.

Инаку, освен водачот на кланот Барон, меѓу осудениците со позвучни имиња се и братот на Шенки Версаче, Шенол Маслани, поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“.

Европратеници лобираат за укинување на промената на сметање на времето

Членови на Европскиот парламент повикаа да се укине промената на сметање на времето во писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое ДПА имала увид.

Часовниците во Европа треба да се вратат за еден час назад во текот на ноќта од сабота кон недела.

Во писмото се вели дека сегашниот систем е застарен и оти укинувањето на промената на времето, исто така, се усогласува со посветеноста на Европската унија за поедноставување, намалување на непотребните оптоварувања на граѓаните и олеснување на секојдневниот живот во 27-те земји-членки.

Повеќе од 60 пратеници од различни земји и фракции го потпишаа писмото. Тие бараат од комисијата навремено да го реши проблемот.

Во 2018 година, Европската комисија спроведе анкета меѓу граѓаните на Европа за ова прашање. Вкупно 84 отсто јасно мнозинство во нерепрезентативната студија се спротивстави на промената на времето.

Тогашниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер последователно најави укинување на промената на времето подоцна истата година. Сепак, пред тоа да биде официјално потврдено, земјите од ЕУ мора да се договорат дали сакаат трајно да го прифатат летното или зимското сметање на времето.

Со оглед на тоа што нема договор, прашањето е во мирување со години. Унгарија нема да го покрене ова прашање за време на нејзиното тековно претседавање со Европскиот совет, изјавија нејзини претставници за ДПА./МИА

притисни ентер