Во пресрет на изборите во Бугарија, Мицкоски посакува Борисов да биде идниот мандатар за состав на Влада со оглед на тоа што партиите кои и двајцата ги водат се сестрински партии и дел од семејството на ЕПП.
-Со партијата ГЕРБ која ја води Бојко Борисов сме во исто семејство во Европската народна партија и логично е да посакам уште една политичка партија којашто доаѓа од нашето семејство да победи на изборите. Би било нелогично ако се однесувам како некои од лидерите коишто се дел од нашето семејство во Европската народна партија се однесуваа во минатото кои помагаа и соработуваа со левичарски опции вклучитолно и овде кај нас во Македонија. – Христијан Мицкоски – Претседател на Влада
Во Бугарија утре се одржуваат седми по ред парламентарни избори во последните три години. Во условиу на длабока политичка поделеност, партиите ќе се обидат да формираат стабилна коалиција иако анкетите покажуваат дека тоа нема да оди лесно.
ГЕРБ на Борисов има убедлива, околу 10-процентна предност, пред Продолжуваме со промените на Кирил Петков и проруската „Преродба“ на Костадин Костадинов, кои се борат за второто место. Вчера партиите ги испратија последните пораки до гласачите, а Борисов порача дека ако не му дадат барем 80 мандати, да се спремат за осми по ред избори.
-Политичарите му се должни на народот и затоа треба да мора да ја вратат безбедноста и мирот, а тоа се прави со влада со 4-годишен мандат. Јас гарантирам дека ГЕРБ ќе стори сé што е можно за да формира кабинет што ќе ги врати стабилноста и безбедноста. Излезете и гласајте. -– Бојко Борисов – ГЕРБ
- Гласајте за број 26 за да продолжат инвестициите за народот, повисоки плати, подобро образование и здравствено осигурување. – Асен Василев – Копретседател на Продолжуваме со промените
По оптимистичките најави на Таравари дека процесот на уставни измени може да почне во декември, Мицкоски е дециден дека нема поместување на веќе познатиот став.
-За да почне процесот на уставните измени потребно е тоа што ние го предлагаме да биде прифатено. Кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува пристапниот договор на нашата земја во рамките на ЕУ да важат уставните измени што мислам дека е фер решение за сите. Инаку нашата позиција поврзана со уставните измени ја знаете, и мојата лична и како ВМРО ДПМНЕ и мислам дека тука не треба никој да има дилема дека ќе има ни милиметар понапред ни милиметар поназад. – Христијан Мицкоски – Претседател на Влада
Мицкоски потврди дека се откажува од испраќањето на писмото до ЕУ со кое имаше намера да ги потенцира нерационалните билатерални условувања од Бугарија на патот на евроинтеграциите и да предложи одложено дејство на уставните измени. Се што требало да има во писмото, рече дека е разговарано со лидерите на ЕУ вклучително и со шефицата на ЕК, Урсула Фон дер Лајен.