Европратеници лобираат за укинување на промената на сметање на времето

Членови на Европскиот парламент повикаа да се укине промената на сметање на времето во писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое ДПА имала увид.

Часовниците во Европа треба да се вратат за еден час назад во текот на ноќта од сабота кон недела.

Во писмото се вели дека сегашниот систем е застарен и оти укинувањето на промената на времето, исто така, се усогласува со посветеноста на Европската унија за поедноставување, намалување на непотребните оптоварувања на граѓаните и олеснување на секојдневниот живот во 27-те земји-членки.

Повеќе од 60 пратеници од различни земји и фракции го потпишаа писмото. Тие бараат од комисијата навремено да го реши проблемот.

Во 2018 година, Европската комисија спроведе анкета меѓу граѓаните на Европа за ова прашање. Вкупно 84 отсто јасно мнозинство во нерепрезентативната студија се спротивстави на промената на времето.

Тогашниот претседател на Европската комисија Жан-Клод Јункер последователно најави укинување на промената на времето подоцна истата година. Сепак, пред тоа да биде официјално потврдено, земјите од ЕУ мора да се договорат дали сакаат трајно да го прифатат летното или зимското сметање на времето.

Со оглед на тоа што нема договор, прашањето е во мирување со години. Унгарија нема да го покрене ова прашање за време на нејзиното тековно претседавање со Европскиот совет, изјавија нејзини претставници за ДПА./МИА

Хезболах презеде одговорност за нападот со дрон врз базата на израелските воздухопловни сили

Хезболах ја презеде одговорноста за нападот со дрон врз базата на израелските воздухопловни сили во близина на Тел Авив.

Либанското движење „Хезболах“ денеска соопшти дека извршило напад со дрон врз израелската воздушна база „Тел Ноф“ јужно од Тел Авив.

Движењето тврди дека секојдневно напаѓа воени бази во Израел, а денеска групата објави дека извршила „воздушен напад со беспилотни летала“ врз базата Тел Ноф.

Хезболах, исто така, соопшти дека ја гранатирал израелска разузнавачка база во близина на северниот израелски град Сафед. Во соопштението, исламистичкото движење соопшти дека истрелало ракети врз базата Меишар, која ја опиша како „разузнавачки штаб за северниот регион“.

Групата, исто така, соопшти дека истрелала ракети врз израелските војници во јужен Либан, во близина на пограничното село Аита ал-Шааб - еден од насоките од кои израелската армија се обидува да продолжи со своите копнени упади во соседната земја./МИА

УЕФА дисквалификува двајца полски судии кои пијани украле сообраќаен знак

Полските судии Бартош Франковски и Томаш Мусијал се дисквалификувани од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) поради кршење на јавниот ред и правила на однесување, јавува „Би-би-си“.

Исклучувањето на судиите на натпреварите под капата на УЕФА ќе трае до јуни 2025 година.

На почетокот на август, судиите требаше да ја делат правдата на натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите меѓу Динамо Киев и Ренџерс. Ноќта на 6 август, Франковски, Мусјал и уште еден маж беа приведени со украден сообраќаен знак. Во крвта на прекршителите е констатирана зголемена содржина на алкохол./МИА

Пронајдена дрога во Битола, приведени две лица

Две лица се приведени во Битола откако кај нив е пронајдена дрога, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

- Вчера полициски службеници од СВР - Битола го лишиле од слобода З.Б., на возраст од 31 година од овој град, затоа што при претрес во неговиот дом и помошни простории, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени амфетамин и марихуана. Истиот ден, при лишувањето од слобода на З.Б., тој бил заедно со В.М., на возраст од 28 години од Битола и при претрес на патничко возило „хјундаи" со битолски регистарски ознаки, сопственост на В.М., биле пронајдени прашкаста и растителна материја, по што и В.М. е лишен од слобода, појаснија од МВР.

Тие се задржани во полициска станица и по документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

притисни ентер