Мицкоски: Случајот со помилувањата е од претходната влада и е снесен како кукавичко јајце

Последната листа на осуденици кои ги помилува претседателката е кукавичко јајце од претходната влада- вака премиерот Мицкоски ја коментира листата која предизвика бурни реакции поради контроверзните личности кои се најдоа меѓу избраните десетмина.

За правните процедури вели дека веќе се изјасниле надлежните тела кои учествуваат во процесот на помилување, а за осуденикот кој крена најмногу прашина, Акиф Равмановски, водачот на кланот Барон, премиерот кажа дека тој веќе не е на слобода и покрај помилувањето кое го доби претходно.

-Тој случај е кукавичко јајце снесено од претходната влада кој требало да имплодира во овој период. Знам лицето дека е повторно приоведено и дознав дека има уште неколку дела кои се поврзани со ова лице. Нема да одам чекор понатаму да коментирам и да прејудицирам судски одлуки, јас сум човек легалист, верувам во презумпција на невиност.. Веќе доби истото лице 30-дневен притвор, па оставам на правосудните органи да одлучат како да постапуваат за други случаи кадешто постои основано сомениние за сторен криминал.- Христијан Мицкоски – претседател на Влада

Членот на комисијата за помилување, професорот Гордан Калајџиев, вели дека тие одлучувале според документите од судот и од министерството за правда, во кои стојат деталите за поведението и затворската историја на осуденикот, а не дека е шеф на криминална банда. Во синоќешниот поткаст „На кавга со Иван“ тој потврди дека листата за помилување е селекција од претходно доставен список од над 100 предлози за помилување од поранешниот министер за правда Кренар Лога.

-Човекот за кој се води дека е шеф на банда по судските списи е осуден за еден пиштол дома и пет куршуми. При тоа првостепениот суд, исто како и комисијата, му дал условна осуда. Апелација пак, што сум се зачудел како ги менува казните со многу построги, ги менува условните и паричните со казна затвор. - Гордан Калајџиев – член на Комисија за помилување

По низата реакции, за процедурата вчера се изјасни и министерот за правда Игор Филков, кој изјави дека правда не помилува туку дава само препорака за намалување на казна од 1 до 6 месеци.

Инаку, освен водачот на кланот Барон, меѓу осудениците со позвучни имиња се и братот на Шенки Версаче, Шенол Маслани, поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, и Марјан Ефремов, кој беше првообвинет во предметот „Шпион“.

УЕФА дисквалификува двајца полски судии кои пијани украле сообраќаен знак

Полските судии Бартош Франковски и Томаш Мусијал се дисквалификувани од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) поради кршење на јавниот ред и правила на однесување, јавува „Би-би-си“.

Исклучувањето на судиите на натпреварите под капата на УЕФА ќе трае до јуни 2025 година.

На почетокот на август, судиите требаше да ја делат правдата на натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите меѓу Динамо Киев и Ренџерс. Ноќта на 6 август, Франковски, Мусјал и уште еден маж беа приведени со украден сообраќаен знак. Во крвта на прекршителите е констатирана зголемена содржина на алкохол./МИА

Пронајдена дрога во Битола, приведени две лица

Две лица се приведени во Битола откако кај нив е пронајдена дрога, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

- Вчера полициски службеници од СВР - Битола го лишиле од слобода З.Б., на возраст од 31 година од овој град, затоа што при претрес во неговиот дом и помошни простории, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени амфетамин и марихуана. Истиот ден, при лишувањето од слобода на З.Б., тој бил заедно со В.М., на возраст од 28 години од Битола и при претрес на патничко возило „хјундаи" со битолски регистарски ознаки, сопственост на В.М., биле пронајдени прашкаста и растителна материја, по што и В.М. е лишен од слобода, појаснија од МВР.

Тие се задржани во полициска станица и по документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

Приведен 49-годишен тетовец, при претрес пронајден хероин

Лицето било задржано во полициска станица.

Полициски службеници вчера во 17 часот го лишиле од слобода И.Х., на возраст од 49 години од Тетово, затоа што при претрес во неговиот дом и помошните простории, извршен со судска наредба, бил пронајден хероин, информираа попладнево од Министерството за внатрешни работи.

Лицето било задржано во полициска станица и по документирање на случајот, против него ќе следува соодветен поднесок.

притисни ентер