Иран и Хезболах му се закануваат на Израел по убиството на лидерот на Хамас

Израелски дрон ги покажува последните моменти на Јахја Синвар, непосредно пред да биде ликвидиран. 

На снимката се гледа како лидерот на Хамас седи на фотеља среде целосно разурнат објект и со лице прекриено со марама. Најверојатно веќе ранет, Синвар беспомошно замавнува со стап кон беспилотното летало. Според израелската армија, тој заедно со неколку телохранители бегал меѓу објектите, а бил пронајден за време на рутинска патрола во појасот Газа.

-Пред една година, Јахја Синвар, терористичкиот водач на Хамас, го започна масакрот на 7 октомври против Израел. Денес, мозокот на овој ден на чисто зло повеќе го нема. Јахја Синвар е мртов. Насралах го нема. Неговиот заменик Мохсен го нема. Ханије го нема. Деиф го нема. Синвар го нема, -- Бенјамин Нетанјаху – Премиер на Израел.

Веста за неговата смрт молскавично се прошири на израелските улици.

Сепак, дел од израелците велат дека со претпазливост гледаат на смртта на лидерот на Хамас, особено имајќи предвид дека терористичката организација се уште држив во заложништво околу 100 лица.

-Сите се горди на тоа. Но, од друга страна, немаме идеја колку ова ќе биде добро за идните настани.

Не сум сигурна колку ова ќе биде добро за нашите заложници и нивната безбедност.

И додека во дел од Израел се прославуваше, во Појасот Газа и на Западниот Брег, дел од палестинците велат дека не очекуваат никаква промена или крај на војната.

Дали ќе заврши војната откако го убија Синвар? Го убија и Ханија па војната не сопре.

Војната и онака нема да заврши, дали со него (Синвар) или без него.

По убиството на Синвар, потешко ќе биде да се постигне било каков договор, а ситуацијата може да биде и полоша.

Отпорот ќе продолжи до победа. Ќе даде бог.

Американскиот претседател Бајден пак, ја поздрави операцијата на израелската војска и повика да се стави крај на војната, а заложниците да се вратат дома.

-Сега е време да продолжиме напред, да се прдивижиме кон прекин на огнот во Газа. Да се осигураме дека ќе се придивижиме во насока во која ќе можеме да ги направиме работите подобри за цел свет. Време е оваа војна да заврши и заложниците да се вратат дома. - Џо Бајден – Претседател на САД.

Јахја Синвар кој важеше за мозокот зад нападот на Хамас врз Израел беше именуван за лидер на терористичката организација по убиството на Исмаил Ханија пред неколку месеци. Синвар помина 22 години во израелски затвор поради убиство на четири палестинци и двајца израелски војници во 80-години, а бил пуштен на слобода со размена на заробеници меѓу Хамас и Израел. На негово место како вршител на должноста назначен е Калед Мешал. Во меѓувреме, како реакција на убиството на Синвар, Хезболах објави дека преминува во нова фаза во војната против Израел.

Суд во Рим донел одлука имигранти од кампот во Албанија да се вратат во Италија

Суд во Рим донел одлука со која се наложува имигрантите кои пред два дена беа префрлени во кампот во Ѓадар, Албанија, да се вратат назад во Италија.

-Дванаесетте имигранти донесени во Албанија мора да се вратат во Италија. Вака одлучи Судот во Рим денеска. Според одлуката двете земји од каде доаѓаат тие, Бангладеш и Египет, се сметаат за небезбедни земји и затоа имигрантите мора да останат во Италија, пренесуваат албанските медиуми, повикувајќи се на „Ла Република“.

Се подготвува нивен трансфер од кампот Ѓадр до пристаништето Валона, за да заминат во Италија.

Според медиумите таа одлука на италијанскиот суд ја нагласува важноста на заштитата на човековите права на имигрантите, особено на оние од земји кои се сметаат за небезбедни како Бангладеш и Египет.

Брод „Либра“ на италијанската крајбрежна стража пред два дена вплови во албанското пристаниште Шнѓин со првата група од 16 мигранти, 10 државјани на Бангладеш и шест Египќани кои биле спасени од чамци што пловеле од Либија.

При контролата во Шенѓин било констатирано дека двајца од имигрантите се малолетници, додека други двајца во тешка здравствена состојба и беа вратени назад. Останатите 10 беа сместени во кампот во Ѓадр.

Продолжи судењето за свирепото убиството на Вања и Панче

Во Кривичен суд утрово продолжи и заврши третото рочиште за случајот на петмината обвинети за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. 

Обвинетите Велибор Манев и Боре Видевски го посочиле Александар Ѓорчевски, татакото на Вања, дека на Палчо му кажал кога неговата ќерка ќе биде сама. Ова во своето сведочење го откри началникот на единицата за насилен криминал Дејан Димовски кој сведочеше на денешното рочиште за двојното убиство. И тој однесувањето на Алекснадар го опиша како сомнително. Добил од него снимка од цитроенот за кој тогаш се уште не било утврдено дека е на Панче Жежовски но без објаснување зошто токму тоа возило е сомнително. Началниците се сомневале и во рутата на движење на Александар на дента кога Вања е пријавена за исчезната но и во пораката која ја испратил во вибер групата на родителите од училиштето која набргу ја избришал.

„Александар Ѓорчевски цело време како да ги предвидуваше настаните. Прво тврдеше дека е киднапирана, па убиена. Постојано повторуваше. Беше анализирана патеката на неговото движење на 27.11 преку Сејф сити камерите. Откривме дека дента на исчезнувањето на Вања, возилото на нејзиниот татко утрото во 9.15 часот е снимено како поминува покрај хотелот Александар Палас кон Качанички пат, еден час претходно по истата траса се движеле и цитроенот и кангуто и сето тоа ни остави сомнеж. Кога ги испрашувавме, Велибор и Боре лично ми кажаа дека таткото на Вања му кажал на Палчо дека во понеделникот ќе биде сама. Александар пратил и порака во вибер групата на родителите од училиштето, најверојатно ја згрешил групата, па ја избришал. Но дел од родителите ја виделе. Пишувало: ,,Кажете само колку пари треба?“

Од снимките на Сејф сити го лоцирале цитроенот на Панче Жежовски но со него и реното кангу кое полицијата ја води до просториите на партијата Десна. Сето тоа е дел околу потрагата по Панче и за полицијата се уште немало индиции за поврзаност со исчезнувањето на Вања. Во партијата е уапсен Кешишов кој првин го споменува Велибор Манев за кој полицијата утврдува дека живеел на иста адреса со Панче а потоа и ги носи началниците до местото во близина на Велес каде е закопан. Кешишов подоцна кажува и дека со нив бил Боре Видевски. Сето тоа се случува ноќта на 2 кон 3 декември кога во утринските часови Кешишов го открива местото каде е закопана Вања но и дека работеле по насоки на Палчо со што МВР веќе двата случаи ги поврзува.

„Постојано правевме разговори со Кешишов. Му велиме кажи што се случило. Јас не сум човек, рече. Уште не кажуваше, но зборуваше за некое место кај што одел со Палчо, во Бразда. Не однесе таму а колега ми кажа дека не носи на местото каде што е запален ,,цитроенот”. Цело време му велел на колегата дека се плаши дека Палчо ќе го убие, имал многу луѓе во полиција. Тогаш ни рече ќе не носи кон ридот. Бараме нешто, некој леш, ама не знаев што бараме. Кешишов покажуваше само со главата, не покажуваше со рака и не зборуваше. Покажуваше кон едно место каде имаше перници, мушама, ги тргнавме и видовме земја. Почнавме да копаме и осетивме дека е ровка земјата и дека пропаѓа. Кешишов не сакаше ниту да гледа, се сврте со грбот. Дојде колегата и ни кажа дека Кешишов му рекол дека тука девојчето Вања. Го викнавме да копа и тој со нас. Дојде зема стап и копаше. Кога го прашавме како се нашлото телото на девојчето таму, тој рече - Ние работиме по насоките на Палчо, тоа беше одлука на Палчо.“

Според одбраната на Александар Ѓорчевски сведочењето на началникот Димовски се базира на сомнежи. Најавија и дека ќе бараат соочување на Александар со начачникот Каришиќ кој претходно сведочеше.

„На крајот можам да заклучам дека исказот на овој сведок е и како што самиот кажа, дека однесувањето на Александар му останало само на ниво на сомневање. Потврди дека не успеал да обезбеди ниту релевантен доказ кој би одел во насока да тој биде обвинет. Изнесе некои работи за кои јас не знам дали е спроведена постапка во таа насока, а тоа е денеска првпат дознаваме дека од еден од видеозаписите имало двајца луѓе вработени од „Комунална хигиена“ па не знам дали тие луѓе биле обезбедени, дали е направен обид да се стапи во контакт со нив, а тие луѓе биле во кривичниот момент кога со возилото како што опиша началникот биле пред зградата на „Наум Наумовски Борче“.“

Дента на исчезнувањето на 14 годишната Вања на 27 ноември лани, во потрагата низ Скопје бил и Митко Лазаров, чичко на нејзината мајка Зорица. Низ солзи во судницата раскажа дека ја барале на Партизанска но посочи дека и за него било чудно што таткото Александар воопшто не излегувал од автомобилот.

Судењето за случајот продолжува на 13 ноември.

Дел од граѓаните се жалат на млаки радијатори

Иако грејната сезона почна пред три дена во околу стотина објекти се уште радијаторите останаа ладни.

Парно нема во голем број станови, но и повеќе институции како Театар Комедија Општина Кисела Вода, Заводот за рехабилитација Димитар Влахов, Заводот за вработување, Агенција за млади и спорт. Останаа без парно. Според ЕСМ причините за ова се од дефекти на внатрешната инсталација до проблеми со потстаницата. Од компанијата апелираат до потрошувачите да обезбедат непречен пристап до топлинските станици, да ги платат сметките за електрична енергија и да ги отстранат дефектите на внатрешните грејни инсталации.

-Според податоците од Центарот за грижа на потрошувачи, во моментот 99 објекти сè уште немаат обезбедени услови за испорака на топлинска енергија. Од нив, во 27 објекти е прекината испораката на топлина поради недостаток на електрична енергија во топлинските станици, во 15 објекти екипите на операторот немаат пристап до топлинските станици, а во 57 објекти се уште постојат дефекти во внатрешните инсталации. – ЕСМ.

Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека радојаторите во нивните домови се млаки, но засега не е проблем бидејќи сеуште нема голем студ.

Од ЕСМ напоменуваат и дека активно се работи на поставување на новиот топловод под мостот Беласица, а поставувањето на цевките од страната на Ист Гејт е во завршна фаза.

-По завршувањето на овој дел, монтажата ќе продолжи од страната на Транспортниот центар. Поставувањето на топловодот ќе се одвива во следните месеци со цел, комплетно да биде подготвен за ставање во функција во тековната грејна сезона. Во меѓувреме, испораката на топлинска енергија за централниот дел од градот ќе продолжи преку функционалниот крак на примарниот топловод „А“, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ-ТО. Со тоа и понатаму целосно ќе бидат задоволени потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури, уверуваат од ЕСМ.

На самиот старт на греењето, без парно останаа и осумте училишта во општина Карпош, каде поради недстиг на средства грејната сеозна ќе почне од 1 ноември, доколку нема договор со ресорното министерство...Инаку, според првиот човек на регулаторна Бислимовски во текот на грејната сезона скопјани не треба да очекуваат промена на цената за парно греење освен доколку не се случи драстична промена на цената на природниот гас на пазарот

притисни ентер