Со помош на багер од фирмата „Фирмер Балкан“ синоќа е исчистен патот кон манастирот „Св. Ѓорѓија“ од снежните навеви, а двете загрозени лица кои немале лекови се безбедно пренесени во градот Прилеп, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Како што посочуваат, Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Прилеп вчера во 15:20 часот известил дека преку Единствениот повикувачки бројот за итни повици од страна на Управата на Манастирот „Св. Ѓорѓија“ од Прилеп е пријавено дека патниот правец кон манастирот во должина од два километра е со навеви од снег и е непрооден. Било посочено дека во манастирот во тој момент имало две лица кои немале редовна медицинска терапија и кои не можеле пеш да се симнат до патот Прилеп - Велес за да бидат земени и да бидат пренесени во градот.
-По комуникацијата на дежурните од ЦУК, според оперативните процедури, остварени со одговорните на ЈП за одржување на магистрални и регионални патни правци на пунктот за Прилеп, прво е добиена информација дека вчера машина чистела до месноста „Каменлом“ и дека била замината на расчистување на другите патни правци согласно планот и приоритетот за одржување на патните правци. Практично, во случајот, се работело за нерасчистен, завеан, тампониран пат во должина од два километра. До ЦУК информирале, во прво време, дека поради доцно пријавување и настапување на ноќта расчистувањето ќе се продолжи во текот на утрешниот ден. Двете лица во тој момент се наоѓале во манастирот, соопшти ЦУК.
Доцна попладнето, како што се посочува во соопштението, од страна на РЦУК Прилеп биле известени надлежни институции од Системот за управување со кризи (СУК) и било договорено дека од претпријатието „Фирмер Балкан“, популарно познато како „Турски рудник“, ќе испратат багер и дека за 15 минути ќе почнат со расчистување на патот.
-Првично, се проценуваше дека патот ќе биде расчистен во вечерните часови и дека лицата ќе бидат пренесени во градот Прилеп. Тоа и се оствари, а официјалната потврда за брзата и правовремена интервенција е добиена утрово со редовниот извештај до ЦУК. Конкретно, сношти, со помош на багерот од фирмата „Фирмер Балкан“ патот кон манастирот „Св. Ѓорѓија“ е исчистен од снежните навеви, а лицата коишто немале можност да се пробијат низ завеаната делница од патот и немале лекови биле безбедно пренесени во градот Прилеп, се потенцира во соопштението од ЦУК.