Илјадници без струја и вода во Ирска поради екстремни временски услови

Десетици илјади домови и деловни објекти во Ирска се без струја и вода поради екстремниот студ што ја зафати целата земја, јави ДПА.

Ниските температури предизвикаа затворање на училишта, ограничувања во јавниот транспорт и откажување на здравствени услуги.

Ирската електродистрибуција (ESB) соопшти дека 41.000 корисници се без електрична енергија и дека може да бидат потребни денови за целосно обновување на снабдувањето. Ирската водоводна служба информира дека приближно ист број лица немаат вода поради обилните снежни врнежи во југозападниот дел на земјата.

Метеоролозите најавуваат уште поладни ноќи со температури до -8°C, а метео-алармот за ниски температури е во сила до четврток./МИА

Тотенхем и Сон го продолжија договорот до 2026 година

Фудбалерот на Тотенхем, Сон Хеунг-Мин го продолжи договорот со клубот до летото 2026 година, објави прес-службата на Спарс.

Триесет и двегодишниот Кореец се пресели во лондонскиот клуб во летото 2015 година. За тоа време одигра 431 натпревар, постигна 169 голови и 90 асистенции.

Сон се наоѓа на 4. место на листата на најдобри стрелци на Тотенхем.

Сезонава напаѓачот има седум гола и шест асистенции на 23 натпревари./МИА

Кина ги осуди САД поради тоа што разгледуваат воведување забрана за кинески дронови

Кина, исто така, ги повика САД да ги почитуваат фактите и веднаш да престанат со, како што наведе, „погрешните практики“.

Кина го осудува и смета дека е крајно неодговорно што САД разгледуваат воведување забрана или ограничување на кинеските беспилотни летала во таа земја поради наводните ризици за националната безбедност, соопшти денеска кинеското Министерство за трговија.

Во соопштението се наведува дека тоа се „неосновани сомнежи“ на САД и дека Кина ќе продолжи да ја следи ситуацијата.

Кина, исто така, ги повика САД да ги почитуваат фактите и веднаш да престанат со, како што наведе, „погрешните практики“./МИА

Нема универзитети од ЕУ меѓу водечките во однос на патенти

 На листата на 50 водечки универзитети во светот според бројот на патенти, доминираат американски и кинески институции, додека универзитети од Европската Унија (ЕУ) воопшто нема, покажува студијата на Институтот за светска економија од Кил.<

Според истражувањето, 70 проценти од универзитетите во Европа воопшто немаат директни патентни активности, а најголемиот дел од патентите потекнуваат од универзитети во пет западноевропски држави, пренесува денеска Бета.

- Острата поларизација во патентната активност на европските универзитети предизвикува сериозна загриженост. Патентите се важен инструмент за трансфер на технологии и се клучен индикатор за пренос на знаења од универзитетите на пазарот, истакна Александра Партека, истражувачка на проектот од Универзитетот за технологија во Гдањск.

Таа нагласи дека за економска, социјална и политичка кохезија во Европа е неопходно да се спречи заостанување на одредени земји или региони во иновациите.

Во анализата се наведува дека, и покрај растот на бројот на патенти со текот на времето, само универзитетите Оксфорд и Империјал колеџ од Лондон успеале да влезат на листата на 50 водечки во светот. По Брегзит, на листата повеќе нема универзитети од земји-членки на ЕУ.

„Со трговските војни со САД и Кина на хоризонтот, ЕУ треба да делува брзо и сеопфатно – да ја промовира соработката со Британија и да ја забрза комерцијализацијата на истражувањата преку намалување на бирократијата и зголемување на финансирањето“, изјави Холгер Герг, лидер на проектот во рамките на кој е изготвена студијата. /МИА

притисни ентер