Ѓоковиќ за победата над Манарино: Првите два сета беа едни од најдобрите по долго време

Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ ги сподели емоциите откако го совлада Французинот Адријан Манарино во четвртото коло на Австралија опен - 6:0, 6:0, 6:3.

По овој меч, Ѓокови се искачи на второто место по бројот на сетови без изгубен гем на Грен слем турнирите.

- Адријан е многу необичен играч, секогаш е тешко со него. Тој одлично ги користи аглите и има еден од најрамните, најконстантните бекхендови на турнеја. Натпреварите со него се секогаш како мачка и глушец, па морав да трпам долги размени и да го бркам низ теренот - што и го направив. Генерално одлична изведба. Првите два сета беа едни од најдобрите по долго време. Последните неколку дена работите се одвиваат многу добро - и на здравствен и на тениски план. Многу ми е мило, изјави Ѓоковиќ по натпреварот.

Во четвртфиналето на Австралија опен, Србинот ќе игра против Тејлор Фриц (САД), кој во осминафиналето го победи Гркот Стефанос Циципас.

Владиката Тимотеј денеска ќе биде погребан на Плаошник во Охрид

 Посмртните останки на упокоениот Митрополит Дебарско-кичевски, господин Тимотеј, ќе бидат погребани денеска на пладне, во јужната апсида на храмот на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид.

Според одлуката на Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, церемонијата на погребението ќе започне во 9 часот во црквата „Света Софија“, со Света литургија со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни православни цркви.

Инаку, по повод упокојувањето на владиката Тимотеј, Општина Охрид денешниот ден го прогласи за Ден на жалост, така што откажани се сите културно-забавни збиднувања на територијата на Општината.

Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, почина завчера во Скопје каде неодамна беше хоспитализиран поради проблеми со срцето.

Владиката Тимотеј раководеше со Дебарско–кичевска епархија од 1981 година како нејзин Администратор со седиште во Охрид, од каде што со голем елан, самопрегор, трпеливост и тактичност ќе раководи и со Австралиската аперхија до 1995 година, кога доброволно ја отстапува на друг надлежен архијереј.

Изминатите 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како беше секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ.

Во Собранието пратенички прашања

 Собранието денеска ќе ја одржи 21. седница, на чиј дневен ред се пратенички прашања.

Ваква пленарна седница вообичаено се одржува секој последен четврток во месецот.

Според новиот Деловник, седница за пратенички прашања месецов имаше и на 21 ноември и траеше два часа.

Од Собранието тогаш информираа дека одржувањето на оваа седница со пратенички прашања е согласно член 42 од Деловникот усвоен во 2023 година, што почнува да се применува од овој мандат.

Согласно Член 42 - (1) Пратенички прашања од пратениците од пратеничките групи во опозиција и од пратениците во опозиција кои не се организирани во пратеничка група се поставуваат еднаш месечно, во денот кога се одржува седница на Собранието. Доколку во текот на месецот не се свикани седници, претседателот на Собранието задолжително свикува една седница заради поставување на пратенички прашања. (2) Пратеничките прашања од ставот (1) на овој член се поставуваат по утврдувањето на дневниот ред на седницата во траење од два часа.

Согласно Деловникот, прашања до премиерот и министрите први поставуваат пратениците од опозицијата.

Претседателката Сиљановска Давкова во официјална посета на Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од денеска престојува во дводневна официјална посета на Црна Гора.

Сиљановска Давкова, денеска во Цетиње, со највисоки државни и воени почести ќе биде пречекана од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, по што ќе следи тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, како и пленарен состанок на делегациите на двете држави.

Сиљановска Давкова и Милатовиќ ќе засадат дрво на пријателство во дворот на резиденцијата на претседателот на Црна Гора.

Предвидено е претседателката Сиљановска Давкова во Подгорица да оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ.

Според агендата, утре, претседателката Сиљановска Давкова во Подгорица ќе оствари средба со претседателот на Владата на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

Во рамки на официјалната посета, Сиљановска Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот на Црна Гора, на тема „Западнобалканскиот демократски и евроинтеграциски маратон“.

притисни ентер