Сообраќајот се одвива непречено, по претежно суви коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. 

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.

Сообраќајот кон Пониква и кон с. Бели продолжува да се одвива непречено, по една коловозна лента. Од страна на граѓани е најавено дека единствено до депонијата ќе бидат пропуштени возила од КЈП Водовод Кочани, но не и возила од други општини.

Од 15.11.2024 година започнува законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица од 15.11.2024 е затворен за сообраќај за сите видови возила.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Мицотакис: Турција инсистира на своите позиции, а ние на нашите

Грчкиот премиер уште еднаш ја истакнува волјата и намерата на Грција да продолжи дијалогот до Турција, но и дека ќе продолжат да се стремат кон „мирни води“ со соседната земја.

Турција инсистира на своите позиции, а ние на нашите, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Алфа“ и објаснува дека од моментот кога Турција сака да разговара за други работи за кои Грција не сака да бидат ставени на маса, значи дека „не е постигнат значителен напредок“, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер уште еднаш ја истакнува волјата и намерата на Грција да продолжи дијалогот до Турција, но и дека ќе продолжат да се стремат кон „мирни води“ со соседната земја.

-Можеме да се согласиме и дека не се согласуваме. Ова можеби е и најверојатното сценарио во моментов. Ова не значи дека треба постојано да бидеме во состојба на тензија, да не разговараме за други аспекти од нашите односи и постојано да бидеме „со прстот на чкрапалото“ и да се плашиме од инцидент. Мислам дека Грците не го сакаат тоа, истакна Мицотакис.

Во однос на мигрантското прашање рече дека е континуиран проблем за Европа, но и посочи дека се обидуваат да соработуваат со Турција за чамците кои поаѓаат од турското крајбрежје.

Анчелоти: Мбапе е извонреден играч, мора да бидеме трпеливи

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти се осврна на промашениот удар од белата точка на Килијан Мбапе во 5. коло од Лигата на шампионите против Ливерпул.

- Мбапе ја има сета наша поддршка и наскоро ќе ја сврти ситуацијата во своја полза. Килијан е извонреден играч, мора да бидеме трпеливи. Тој добро се справува со притисокот и се прилагодува на тимот. Реал е со него, го цитира Анчелоти новинарот Фабрицио Романо.

Реал Мадрид е на 24. место во поредокот во Лигата на шампионите со шест бодови.

Романската Агенција за телекомуникации бара суспензија на „Тикток“ поради изборите

„Повикувам платформата ТикТок да биде суспендирана во Романија од 28 ноември додека државните институции не ја завршат истрагата поврзана со манипулацијата со изборниот процес“, изјави Попеску.

Заменик-шефот на романската агенција за телекомуникации, Павел Попеску, рече дека официјалниот процес за суспендирање на платформата ТикТок низ цела Романија ќе започне денеска, во очекување на истрага за улогата што таа мрежа ја одигра во првиот круг од претседателските избори одржани во неделата.

„Повикувам платформата ТикТок да биде суспендирана во Романија од 28 ноември додека државните институции не ја завршат истрагата поврзана со манипулацијата со изборниот процес“, изјави Попеску.

Тој додаде дека официјалниот процес за таа цел ќе почне денеска.

Првиот круг од претседателските избори во Романија се одржа во неделата, но ниту еден кандидат не освои мнозинство од гласовите.

Кандидатот на десницата Калин Ѓорѓеску и лидерката на опозицијата Елена Ласчони се пласираа во вториот круг од претседателските избори во Романија.

Ѓорѓеску освои 22,95 отсто од гласовите, а Ласиони 19,2 отсто.

Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 декември.

притисни ентер