Словенија почна да произведува терапија за агресивни тумори

Важен исчекор за Словенците

Во последниве денови, во регионот се појавија вести за еден 60-годишен Словенец, Урош Дозет, кај кого со иновативна терапија успешно било спречено ширење на редок вид на агресивен канцер на крвта – мултиплекс миелом

За дијагнозата дознал пред 11 години, и прогнозата тогаш била лоша. Во меѓувреме, бил подложен на бројни третмани со хемотерапија и два третмана со трансплантација на матични клетки. Откако класичните терапии престанале да функционираат, неговата единствена надеж била клеточната имунотерапија, т.н. CAR-T терапија, па заминал во Германија по потребните подготовки.

Важен исчекор за Словенците

Словенија неодамна направи важен чекор со лансирање на сопствено производство на CAR-T клетки за третман на Б-клеточни лимфоми и леукемии. Нивната идеја е дека на овој начин би можело да се постигне значителна заштеда, што би овозможило лекување на повеќе пациенти за истите пари.

Комплексна администрација

Пред неколку години експерти од Словенија собрале доволно средства од донации од граѓани за да започнат свој проект за производство на CAR-T клетки, но досега не можеле да го реализираат во пракса. Проблемот, освен во парите, бил и во тоа што овие CAR-T клетки според законите на ЕУ се сметаат за лек и генетски модифициран препарат, па за нивна употреба потребно е исполнување на огромен број административни услови и да се добијат голем број дозволи од различни државни органи.

Што е CAR-T терапија?

CAR-T терапијата (химерична антигенска терапија со Т-клеточни рецептори) е иновативна имунотерапија која користи генетски модифицирани Т-лимфоцити (вид на бели крвни зрнца) од пациенти за борба против одредени видови на рак. Таа е развиена со цел да ја подобри природната способност на имунолошкиот систем да ги препознава и уништува канцерогените клетки, особено хематолошките малигни тумори, како што се леукемијата и лимфомот.

Како функционира CAR-T терапијата?

Терапијата започнува со земање примерок од крвта на пациентот, од кој се изолирани Т-клетки (графички подолу).

Тие генетски се модифицираат во лабораторија, така што би изразувале специјално дизајнирани рецептори кои, пак, овозможуваат да препознаат одредени антигени на површината на клетките на ракот. Ова се прави со помош на вирус кој го внесува генот CAR во нивните клетки.

Овие модифицирани Т-клетки потоа се размножуваат во лабораторија до бројот потребен за терапија.

CAR-T-клетките конечно се враќаат кај пациентот преку инфузија. Кога ќе ги препознаат целните клетки на ракот, тие ги активираат и уништуваат.

На кои тумори делува?

Терапијата CAR-T покажала значителен успех во третманот на одредени хематолошки малигни тумори како што се леукемијата и лимфомот. Сепак, неговата примена на цврсти тумори се соочува со бројни предизвици.

Како прво, цврстите тумори често создаваат заштитна микросредина која го попречува пристапот и дејството на CAR-T клетките. Тие исто така може да имаат променлива антигенска експресија, што значи дека не сите туморски клетки го изразуваат истиот целен антиген, што го отежнува функционирањето на терапијата.

Конечно, CAR-T клетките може да имаат потешкотии да мигрираат и да се инфилтрираат во ткивото на цврстите тумори.

И покрај овие предизвици, се спроведуваат бројни студии со цел да се прилагоди CAR-T терапијата за третман на цврсти тумори. Некои од цврстите тумори кои моментално се предмет на истражување се: глиобластом, рак на дојка, рак на јајници, рак на желудник и хепатоцелуларен карцином на црниот дроб.

Иако резултатите од овие студии се ветувачки, CAR-T терапијата за цврсти тумори сè уште е во фаза на клинички испитувања и не е широко достапна во клиничката пракса.

Претседателката на Мексико му одговори на Трамп: Не планираме да ја затвориме границата

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум одговори на тврдењето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека ќе ја „запре“ миграцијата во САД нагласувајќи дека државата не планира да ја затвори границата.

„Позицијата на Мексико не е да ги затвора границите, туку да гради мостови меѓу владите и заедниците“, напиша Шејнбаум на X.

Трамп тврдеше дека се согласила „да ја запре миграцијата низ Мексико и во САД, практично затворајќи ја нашата јужна граница“.

Британската полиција истражува луѓе поврзани со починатиот египетски милијардер Ал-Фаед

Британската полиција соопшти дека започнала истрага за тоа дали луѓе поврзани со починатиот египетски милијардер Мохамед Ал-Фаед помагале во наводното силување и сексуална злоупотреба на женски персонал во неговата стоковна куќа „Хародс“ во Лондон.

Документарен филм на Би-Би-Си во септември објави дека Ал-Фајед, кој почина минатата година на 94-годишна возраст, сексуално напаѓал жени вработени, ги принудувал на лекарски прегледи и им се заканувал со последици доколку се обидат да се спротивстават.

Ал-Фајед секогаш ги негираше сличните обвинувања.

„Оваа истрага има за цел да им даде глас на преживеаните, и покрај фактот што Мохамед Ал-Фаед повеќе не е жив за да се соочи со гонење. Сепак, сега ги истражуваме сите лица за кои постои сомневање дека учествувале во неговите злосторства и се посветени на барање правда“, рече командантот Стивен Клејман од лондонската полиција во соопштение.

Тој не кажа колку лица се под истрага.

Адвокатите кои ги застапуваат жртвите рекоа дека злоупотребата не се случила само во Хародс, туку и на други локации поврзани со деловната империја на Ал-Фајед, како фудбалскиот клуб Фулам, хотелот Риц Париз и неговиот имот во Сари, истакнувајќи дека повеќе од 400 луѓе им се јавиле.

Според документарецот на Би-Би-Си, Хародс не интервенирал, туку помогнал да се прикријат наводите за злоупотреба додека Ал-Фаед бил сопственик.

Раководството на луксузната лондонска стоковна куќа „Хародс“ се извини, велејќи дека се „згрозени“ од обвинувањата. Тие отворија постапка за сите сегашни или поранешни вработени во „Хародс“ кои сакаат да бараат отштета, иако тоа беше критикувано од адвокатите на жртвите.

Полицијата соопшти дека во изминатите два месеца се појавиле 90 жртви и дека ќе ги разгледаат сите извештаи поднесени против Ал-Фаед.

Ал-Фаед изгради деловна империја на Блискиот Исток пред да се пресели во Велика Британија во 1970-тите. Неговиот најстар син Доди загина заедно со принцезата Дијана во сообраќајна несреќа, чии околности Ал-Фаед ги истражуваше со години.

Македонска филхармонија го слави јубилејот со концертот „80 години – Љубов!“

 Со концертот насловен „80 години – Љубов“, денеска, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го прослави својот јубилеј – осумдесет години од формирањето. 

На програмата е светска премиера на „Куклици“ од македонската композиторка Ана Пандевска, како и Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ и монументалната Симфонија бр. 1 – „Титан“ од Густав Малер.

- Како солист ќе настапи нашиот пијанист со блескава интернационална кариера – Симон Трпчески, а концертот ќе го води шеф-диригентот на Македонска филхармонија - маестро Јерухам Шаровски од Израел, информираат од Македонска филхармонија.

Оттаму истакнуваат дека македонскиот пијанист Симон Трпчески во својата богата кариера има соработувано со над стотина оркестри на четири континенти, меѓу кои: Лондонскиот симфониски оркестар, Оркестарот Филхармонија, Националниот оркестар на Франција, Кралскиот оркестар Концертгебау, Оркестарот Тонхале во Цирих, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Радио-симфонискиот оркестар Берлин и Елбфилхармонијата.

- Во Северна Америка, тој често настапува како солист со оркестрите во Кливленд и Филаделфија, Лос Анџелес и Њујоршката филхармонија, како и со симфониските оркестри на Чикаго, Сан Франциско, Сент Луис, Сиетл и Балтимор. Во Јужна Америка има изградено прекрасна релација со Оркестарот „Естабле дел Театро Колон“, а настапувал и со симфониите на Сеул, Хонгконг и со симфониските оркестри на Сиднеј, Мелбурн и Нов Зеланд, велат од Филхармонија.

Трпчески има работено со голем број истакнати диригенти, меѓу кои и: Лорин Мазел, Владимир Ашкенази, Марин Алсоп, Густаво Дудамел, Кристијан Мачелару, Џанандреа Носеда, Василиј Петренко, Владимир Јуровски, Антонио Папано, Габриел Бебешелеа, Давид Цинман.

- Неговата долгорочна соработка со Василиј Петренко резултираше со богата дискографија; меѓу другите и заедно со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар ги снимија сите пијано-концерти на Рахмањинов и пијано-концертите на Чајковски и Прокофјев. Во сезоната 2023-24, како резидентен уметник со Кралскиот шкотски национален оркестар, Трпчески го сними својот најнов албум за „Лин Рекордс“, кој ќе ги содржи концертите бр. 2 и бр. 5 на Сен-Санс под диригенство на Томас Сондергард. Во сезоната 2024-25, пак, ќе ја отвори концертната сезона на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, а ќе има нови бројни настапи со симфонискиот оркестар на Монтреал и Оркестра Симфоника де Сао Паоло, Симфонијата на Балтимор, со Џанандреа Носеда и Циришката филхармонија, соопштуваат од Македонската филхармонија.

Инаку, Трпчески е посветен и на зајакнување на културниот имиџ на неговата родна Македонија. Неговиот проект за камерна музика „Македонисимо“ е посветен на запознавање на светската публика со богатите традиционални македонски фолклорни корени.

- Со посебна поддршка од „КултурОп“ – македонска организација за култура и уметност – Симон Трпчески редовно работи со млади музичари во својата татковина, негувајќи го талентот на идната генерација уметници. Во 2009, доби Орден за заслуги на Македонија, награда за странски и домашни заслужни личности за афирмација на Македонија во странство. Во 2011 година стана првиот што ја понесе титулата „Национален уметник на Македонија“. Роден е во Македонија во 1979 година, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Борис Романов. Беше уметник од новата генерација на „Би-би-си“ во периодот 2001 – 2003 година, а во 2003 година ја доби Наградата за млад уметник од Кралското филхармониско друштво, посочуваат од Филхармонија.

Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од страна на славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“. Тогаш ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел.

- По турнејата во поранешниот Советски Сојуз (СССР), која за него била значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар прераснал во еден од најпопуларните симфониски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004, маестро Шаровски раководел и со бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој остварувал турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Во тој период, Шаровски го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој станал еден од најпознатите ансамбли во земјата, известуваат од Филхармонија.

За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф диригент на Македонската филхармонија.

Настап на хорот „Мирче Ацев“ и изложба во фоајето на Филхармонија

Свечената церемонија по повод одбележувањето на 80-годишниот јубилеј ќе започне во 19.30 часот, во фоајето на Филхармонија со настап на академскиот хор „Мирче Ацев“ кој ќе изведе три композиции од основоположниците на оркестарот на Македонска филхармонија – Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Публиката ќе има можност да ги чуе „Ленка“ од Прокопиев и „Рапсодија бр. 2“ и „Македонска хумореска“ од Скаловски. Со хорот ќе диригира Јасмина Ѓорѓеска – Каро. Во фоајето ќе биде поставена и изложба на фотографии кои го следат историскиот континуитет на Македонската филхармонија и нејзините најзначајни моменти.

МРТ ќе врши директен пренос од свечениот концерт

Свечениот концерт на Македонската филхармонија преку директен пренос ќе го пренесува МРТ со цел јубилејното чествување да го проследи поголем број на публика, ширум нашата држава.

Преносот ќе биде збогатен со дополнителни прилози и содржини, а за време на паузата од отвореното студио на МРТ во фоајето на Филхармонија, гледачите ќе имаат можност да проследат кратки разговори и интервјуа со значајни дејци од музичкиот живот во земјата.

притисни ентер