Две лица загинаа во нападот во центарот на Киев

Две лица загинаа, а шест се повредени денеска во Киев во напад на руската армија, која утринава лансираше бран од 111 беспилотни летала врз Украина.

Тоа е првиот руски напад на првиот ден од 2025 година, додека синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски во својот новогодишен говор рече дека Новата година ќе биде „година на преговори кои треба да стават крај на војната“.

Рускиот претседател Владимир Путин кон крајот на декември се закани дека ќе го нападне центарот на Киев како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел врз неговата земја.

-По утринскиот напад, бројот на жртви во Киев се зголеми: двајца загинати, шестмина повредени, четири лица се спасени, објавија украинските служби за итни случаи на Телеграм.

Спасувачите објавија и дека го ставиле под контрола пожарот кој ја оштети станбената и административната зграда во областа Печерск во историскиот центар на главниот град.

Пожарот е предизвикан од паѓање на остатоци од дронови соборени од противвоздушна одбрана.

Зградата и припаѓа на Народната банка на Украина, а се наоѓа на околу 300 метри од претседателските канцеларии.

-Дури и на новогодишната ноќ, Русија се грижи само да и наштети на Украина, рече Зеленски.

Шолц изрази загриженост поради поддршката на Маск за крајната десница во Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази загриженост поради поддршката која милијардерот Илон Маск ја дава за крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) во пресрет на парламентарните избори закажани за 23 февруари, пренесува ДПА.

Социјалдемократот Шолц, во интервју за списанието „Штерн“, истакна дека не му пречат нападите на Маск кон него или кон други германски политичари, туку дека поддршката на милијардерот за екстремната десница е многу позагрижувачка.

- Далеку повознемирувачки од таквите навреди е фактот што Маск поддржува екстремно десничарска партија како АфД, која се залага за зближување со (рускиот претседател Владимир) Путин и се обидува да ги ослабне трансатлантските односи, рече Шолц.

Трипартиската коалиција зад неговата влада се распадна, што доведе до распуштање на Бундестагот, Долниот дом на германскиот парламент, од страна на претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и распишување предвремени избори.

Вицеканцеларот Роберт Хабек, кој е кандидат за канцелар на партијата Унија 90/Зелените, го предупреди Маск да не се меша во германските избори во вчерашното интервју за германско списание, Шпигел, „Подалеку рацете од нашата демократија, господине Маск, повика Хабек.

Трамп ја нарече судската одлука за изрекување пресуда против него „незаконски политички напад“

Повторно избраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ја нарече одлуката на судијата Хуан Мерчан да не го запре случајот против него за исплатите за молчење на порно-ѕвездата Сторми Даниелс и да изрече пресуда на 10 јануари „незаконски политички напад“

„Овој нелегитимен политички напад не е ништо повеќе од фарса“, напиша идниот претседател, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, на неговата социјална мрежа „Трут Соушл“.

Судијата Хуан Мерчан изјави дека Трамп, прв поранешен претседател кој бил осуден за кривично дело, може да се појави лично или виртуелно на изрекувањето на казната.

Во одлуката напишана на 18 страници, Мерчан ги отфрли различните барања на адвокатите на Трамп за поништување на неговата пресуда.

Судијата истакна дека наместо затворска казна склон е да одреди „безусловно ослободување“ (што значи дека осудата останува, но обвинетиот е ослободен без затвор, парична казна или условно), што е многу поблага казна и ќе овозможи Трамп да влезе во Белата куќа, но како осуден криминалец.

Лани во мај на судење во Њујорк Трамп беше прогласен за виновен по 34 точки и тоа за фалсификување деловни документи со цел да прикрие исплата на пари на Сторми Даниелс, актерка во филмови за возрасно, што се случувало пред изборите во 2016 година, за да се спречи таа да открие дека во 2006 година имала сексуална врска со Трамп.

Прекинати се сите летови на аеродромот во Санкт Петербург

Рускиот аеродром „Пулково“ во Санкт Петербург привремено ги запре слетувањата и полетувањата за да се осигура безбедноста на цивилните авиони, објави руската авијациска управа Росавијација.

Не ја разјаснија причината за одлуката за привремено прекинување на воздушниот сообраќај, но руските аеродроми претходно беа затворени поради заканата од напади со украински беспилотни летала на нивна територија.

Александар Дрозденко, гувернер на регионот во кој се наоѓа градот Санкт Петербург, изјави дека руските сили собориле два дрона во Финскиот залив.

„Аеродромот привремено не прима ниту испраќа летови“, напиша претставник на Росавијација на Телеграм.

„Екипажот на авионите, контролорите на летање и аеродромските служби ги преземаат сите неопходни мерки за да се осигура безбедноста на летовите - тоа е врвен приоритет“, додаде тој.

притисни ентер