Шолц изрази загриженост поради поддршката на Маск за крајната десница во Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази загриженост поради поддршката која милијардерот Илон Маск ја дава за крајнодесничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) во пресрет на парламентарните избори закажани за 23 февруари, пренесува ДПА.

Социјалдемократот Шолц, во интервју за списанието „Штерн“, истакна дека не му пречат нападите на Маск кон него или кон други германски политичари, туку дека поддршката на милијардерот за екстремната десница е многу позагрижувачка.

- Далеку повознемирувачки од таквите навреди е фактот што Маск поддржува екстремно десничарска партија како АфД, која се залага за зближување со (рускиот претседател Владимир) Путин и се обидува да ги ослабне трансатлантските односи, рече Шолц.

Трипартиската коалиција зад неговата влада се распадна, што доведе до распуштање на Бундестагот, Долниот дом на германскиот парламент, од страна на претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и распишување предвремени избори.

Вицеканцеларот Роберт Хабек, кој е кандидат за канцелар на партијата Унија 90/Зелените, го предупреди Маск да не се меша во германските избори во вчерашното интервју за германско списание, Шпигел, „Подалеку рацете од нашата демократија, господине Маск, повика Хабек.

УНРВА: Седум бебиња починаа во Газа од студ бидејќи немале засолниште

Најмалку седум бебиња починаа од студеното време бидејќи немале засолниште во Газа, соопшти Агенцијата за помош на палестинските бегалци при ОН (УНРВА).

Според објавата на УНРВА на платформата Икс, до 7.700 новороденчиња во конфликтната зона живеат во несоодветни услови, резултат на судирите меѓу Израел и милитантната група Хамас, пренесува денеска ДПА.

Палестинската новинска агенција WAFA во декември објави дека четири бебиња починале од хипотермија.

Повеќе од 15 месеци борби оставија стотици илјади Палестинци без домови. Раселените живеат во шатори кои не нудат соодветна заштита од студот и дождот, со температури што паѓаат под 10 степени Целзиусови.

Израелската управа за палестински прашања (COGAT) објави на Икс дека соработува со меѓународни хуманитарни организации како Rahma Worldwide за обезбедување шатори, ќебиња, топла облека и хигиенски производи за жителите. /МИА

Конгресот на САД ќе го потврди изборниот резултат и ќе го отвори патот за Трамп

Конгресот на САД денеска во Вашингтон ќе се состане за официјално да го потврди резултатот од претседателските избори, што е последниот чекор во процедурата пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата подоцна овој месец.

Пред четири години, поддржувачите на Трамп насилно упаднаа во Капитол, обидувајќи се да спречат потврда на победата на демократот Џо Бајден на изборите во 2020 година. Оваа година, по неспорната победа на Трамп на ноемвриските избори, се очекува седницата да помине мирно, пишува ДПА.

Демократката Камала Харис, која изгуби на изборите од Трамп, ќе го објави конечниот резултат на крајот од нејзиниот мандат како потпретседателка. Како претседавач на Сенатот, Харис ќе ја води заедничката седница на двата дома на Конгресот.

Трамп освои 312 изборни гласови, додека Харис обезбеди 226. На состанокот, ќе бидат прочитани и преброени резултатите од поединечните сојузни држави.

Иако членовите на Конгресот теоретски можат да вложат приговори на резултатите, тоа не се очекува оваа година. Инаугурацијата на Трамп е закажана за 20 јануари.

Почнува судењето против Саркози поради незаконско финансирање на изборна кампања

Во Париз денеска започнува судењето против поранешниот француски претседател Никола Саркози за наводно незаконско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година од страна на режимот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи.

Саркози, кој ја предводеше Франција од 2007 до 2012 година, постојано ги негира овие обвиненија. На обвинителна клупа заедно со него се уште 12 лица, меѓу кои и поранешни министри. Обвиненијата вклучуваат незаконско финансирање на кампања, злоупотреба на јавни средства и поткуп, пренесува ДПА.

Ако биде прогласен за виновен, Саркози се соочува со казна затвор до 10 години и значителна парична казна. Судскиот процес треба да трае до 10 април.

Франција побара правна помош од 21 земја во рамки на обемната истрага за овој случај, која вклучува 73 судски записи. /МИА

притисни ентер