Драма на лет од Чикаго: Тело е најдено меѓу тркалата на авионот, никој не знае од каде е (ФОТО)

Телото на непознато лице е пронајдено меѓу тркалата на авион на Јунајтед ерлајнс кој летал од Чикаго за Хаваи, соопштија официјални лица.

Авионот полетал вчера од меѓународниот аеродром О'Хара во Чикаго околу 9:49 часот и пристигнал на аеродромот Кахулуи околу 14:12 часот, според авиокомпанијата, пренесува Њујорк Пост.

Телото е откриено во опремата за слетување на Боинг 787-10, област достапна само надвор од авионот, изјавија од United Airlines.

Официјалните лица веднаш немале објаснување за страшното откритие. Според неофицијални информации, се работи за тело на машко лице.

Она што сè уште е мистерија е како и кога лицето влегло во просторот меѓу тркалата. Од авиокомпанијата соопштија дека за овој случај соработуваат со полицијата и надлежните.

Полицијата соопшти дека истрагата е во тек и ќе објави повеќе информации за јавноста кога ќе ги има.

Бајден и Трамп со различни пораки за Божик

Актуелниот претседател на САД Џо Бајден и новоизбраниот претседател Доналд Трамп испратија различни пораки по повод Божик.

Бајден ги повика Американците на размислување и обединување, додека Трамп ги поздрави со серија објави на социјалните мрежи.

Пораката на Бајден беше проследена со прошетка низ Белата куќа, украсена за празникот. Тој ги повика граѓаните да се обединат и да заборават на несогласувањата.

„Каде и да сте на Земјата, грижете се еден за друг“, изјави Бајден, истакнувајќи дека премногу често гледаме на другите како на непријатели наместо како на соседи, на сонародници. Тој повика овој Божик да биде момент на тивко размислување за Американците да се потсетат да се однесуваат едни со други со достоинство и почит, да живеат со светлина во нивните души и да запомнат дека има повеќе работи што ги обединуваат Американците отколку што ги делат.

Од друга страна, Трамп објави божиќна честитка со фотографија на која позира со сопругата Меланија. Потоа сподели низа објави кои ги поддржуваат неговите политички ставови.

По фотографијата со Меланија, следуваа серија ретвитови на написи или објави на други социјални медиуми кои ги поддржуваа неговите политички позиции за теми како што е контроверзната номинација на Пит Хегсет за секретар за одбрана или изјавите на Трамп за Гренланд и Панамскиот канал.

Една од повторно објавените пораки го исмева Барак Обама и покажа фотографија од претседателот Обама и Трамп на инаугурацијата на Трамп во 2017 година, придружена со зборовите: Кога ќе го сретнете на вашата церемонија оној кој рекол дека никогаш нема да бидете претседател“.

Видео: Дончиќ повторно се повреди

 Најдобриот кошаркар на Далас маверикс, Лука Дончиќ, поради повреда го пропушти вториот дел од натпреварот од регуларната сезона во НБА лигата против Минесота.

Дваесет и петгодишниот Словенец три минути пред крајот на првото полувреме го напушти теренот со накривнување. Клубот на социјалните мрежи објави дека кошаркарот имал истегнување на мускулот на левата потколеница.

На овој натпревар Дончиќ за 16 минути на паркетот постигна 14 поени, забележа пет скока и две асистенции.

Словенечкиот кошаркар ги пропушти претходните два натпревара поради повреди на петицата.

Далас со биланс 19 победи и 11 порази во моментов се наоѓа на 4. место во Западната конференција на најсилната кошаркарска лига на светот.

Пазарните инспектори на терен, Владата најавува можност за ограничување на маржите

Ограничување на маржите и цените на прехранбените производи, кои не се дел од Новогодишната кошничка, најавува Владата доколку трговците не покажат општествена одговорност и не ги намалат цените. 

Пазарните инспектори, според изјавите на надлежните, се на терен и за два до три дена ќе завршат нивните анализи по што ќе се знае дали ќе се донесат поригорозни мерки.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вчера ги повика трговците да ги коригираат цените на најосновните производи во овој период и најави дека доколку не го сторат тоа, Владата пред Нова година ќе донесе одлука за воведување поригорозни мерки.

- Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го надоместуваат со драматично зголемување на цените на некои други производи кои што ги користат граѓаните како што е маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќер, сол, кафе, јајца и слично. Апелирам до големите трговски синџири да си го преиспитаат однесувањето во спротивно ќе ги искористам сите механизми кои ги имаме и ќе донесеме одлука со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните, изјави Дурмиши.

[Ministri i Ekonomisë dhe Punës, Besar Durmishi sot mbajti konferencë për media, në të cilën informoi për aktivitetet që do t’i ndërmarrë Ministria e Ekonomisë dhe Punës për rritjen e çmimeve]

И премиерот Христијан Мицкоски, вчера и завчера, повтори дека не е во ред трговците да си играат со трпението на граѓаните и во период пред празници да ги зголемуваат цените на основните прехранбени производи коишто не се дел од новогодишната кошничка.

- Тоа што тие мислеа дека ќе не надмудрат на овој начин и си играат со трпението на граѓаните и на Владата мислам дека не е добро и треба да си го преиспитаат однесувањето. Ова не е коректно однесување, посебно пред празници на ваков начин не треба да се прават големи профити. Затоа што граѓаните очекуваат од нивна страна разбирање и во најмала мерка да биде така како што било, а не наеднаш да се зголемуваат цените на одредени продукти. На одредени продукти за 25 проценти се зголемени цените на производите. Тоа не е етичко однесување, туку би рекол нечовечно однесување, рече вчера Мицкоски во изјава за медиумите.

Посочи дека во Владата бил одржан состанок со сите сите големи супермаркети и оти тие изразиле добра волја да не се воведува пристап кој би значел ограничување на цени.

- Сакавме да слушнеме од нив, на добра волја да се поразговара и да се донесе заедничко решение, кое ќе биде прифатено. И тоа се случи. Тоа што некои од нив се служат со трикови, тоа е друга работа. За тоа ќе има соодветни процедури, трае анализата и тие процедури деновиве ќе бидат аплицирани, рече Мицкоски.

Реакциите на Владата следуваат откако граѓаните се пожалија дека цените на прехранбени производи кои не се дел од Новогодишната кошничка се зголемени.

Новогодишната кошничка почна да се применува од 15 декември и ќе трае до 15 јануари. Со неа се опфатени над илјада производи. Мерката е воведена во соработка со трговците и производителите со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните и божикните празници.

Според министерот за економија и труд, новогодишната кошничка стартувала успешно и кај некои производи кои се дел од кошничката намалувањето на цените е над 10 проценти. Нагласи дека Владата и тој како министер за економија и труд нема да го толерираат однесувањето на трговците и покачувањето на цените на одредени производи на сметка на намалување на други производи кои ги предложија во Новогодишната кошница.

- Акцијата Новогодишна кошница, како што можевме да видиме во првите денови стартуваше успешно, кај некои производи во кошницата намалувањето на цените беше и над 10 проценти и секојдневно се зголемуваше бројот на производи понудени од компаниите во Новогодишната кошница. Но, тоа не се случи и кај другите основни прехранбени производи чии цени се драстично зголемени, рече Дурмиши вчера на прес-конференција.

Сојузот на синдикати на Македонија, кој секој месец излегува со пресметка колкави се минималните трошоци на едно четиричлено семејство, пресмета дека во декември минималните трошоци се зголемени за 840 денари во однос на ноември. Вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка во декември изнесува 62.861 денари, а со изнајмен стан од 60 квадратни метри 78.236 денари.

Според ССМ, забележително е дека од септември кога е воведена првата мерка за ограничувањето на маржите и со последната мерка односно акција за намалување на цените за најмалку 10 отсто, тие даваат резултат, но загрижува тоа што трговците го искористиле периодот пред стапување на сила на последната акција и ги зголемиле цените.

Од ССМ бараат мерките да траат подолго, а следната мерка да биде без притоа да бидат информирани трговците и стопанствениците за да не направат повторно злоупотреби на грбот на работниците.

Од 1 јануари треба да стапи на сила и Законот за нефер трговски практики со кој се очекува да има поголемо регулирање на цените на производите и да се средат односите меѓу производителите, добавувачите и трговците. Досега во мониторинг периодот утврдени се 26 нефер трговски практики, а спрема тарифникот се внесени 2.546 префрлени земјоделски производи во овој Закон.

- Деновиве се докомплетира КЗК со пет нови членови, коишто беа изгласани во Собранието на Република Македонија. Тие ќе бидат главниот контрол на сите овие договори. Договорите завршија до 28 септември, дадовме еден мониторинг период до 1 јануари, каде што ги пратиме сите случувања, кои се случуваат, имаме различни дојави и одредени проблеми околу повратот на роба во маркетите, некаде дури се појавуваат и двојни ценовници имаме како информација, изјави вчера заменик-министерот за економија Марјан Ристески.

Казните ќе се движат околу 20.000 евра.

притисни ентер