Димитриеска-Кочоска: Даночното затајување е предизвик на сите земји

„Даночното затајување е предизвик на сите земји, клучно во борбата е соработката и размената на податоци “.

Даночното затајување е предизвик присутен во сите земји, како во неразвиените, така и во развиените, затоа соработката помеѓу земјите и размената на информации е клучна во борбата со овој феномен, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации за даночни цели што се одржува во Парагвај.

Како што информира денеска Министерството за финансии, Димитриеска-Кочоска истакнала дека поддршката е потребна за сите земји.

- Даночното затајување е насекаде присутно, дури и во развиените земји, затоа поддршката е потребна на сите, не само на земјите како мојата. Кога се зборува за даночно затајување не е важно само законодавството што ќе се усвои, туку многу поважна е волјата на Владата да успее во борбата со него, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Наведуваќи дека земјава е членка на ОЕЦД од 2011 година и дека тоа што се уште има висок процент на економска даночна евазија, корупција, сива економија, криминал, значи дека се прави нешто погрешно.

- Овие пет месеци по преземаање на функцијата ги искористив да ги анализирам работите и забележав дека се започнува со политичката волја и даночната администрација. Како пример во 2022 година до нашата даночна администрација имало 24 барања за размена на податоци, а од наша страна само пет. Тоа го покажува интересот на нашата администрација за ова прашање. Затоа приоритет на новата Влада е да се бори со корупцијата и криминалот што претставуа еднинствениот начин како да ги зголемиме приходите во нашиот буџет. Имаме рамни и многу ниски даночни стапки и огромна сива економија и врз основа на тоа одлучивме дека е време да се работи на намалување на сивата економија. Во таа насока, а со цел ефикасно собирање на приходите потребно е да разменуваме информации и користење на сите капацитети што ни се на располагање, истакна министерката Димитриеска-Кочоска. Според неа, даночната и царинската администрација се фокусирани на собирање на приходите и борбата со даночното затајување.

Димитриеска-Кочоска смета дека размената на информации е многу важна и дека таа треба да се одвива автоматски, а не по барање, особено имајќи го предвид воведувањето на глобалниот минимален данок.

Министерката учествувала на панел-дискусија посветена на напредокот на имплементација на стандардите за автоматска размена на информации.

„iPhone 17 Pro“ ќе го красат шокантни промени во дизајнот

Според достапните информации, „Apple“ подготвува значаен редизајн за претстојните модели на „iPhone 17 Pro“.

Иако се очекуваше „iPhone 17 Air“ да биде најголемата тема на следната серија на „iPhone“ (поради неговата рекордна тенкост), моделите на „iPhone 17 Pro“ сепак би можеле да го преземат водството, затоа што се чини дека „Apple“ подготвува значителен редизајн.

Според извештаите, „iPhone 17 Pro“ и „Pro Max“ ќе се вратат на користење на алуминиумска рамка, напуштајќи го експериментот со титаниум по само две генерации.

Сепак, тука не завршуваат шокантните информации кога станува збор за дизајнот на новите „iPhone“ модели. Наводно правоаголната испакнатина за камерите на задната страна, ќе биде направена од алуминиум наместо од стакло.

За крај како шокантна се споменува дека горната половина од задната страна на уредот ќе биде изработена од алуминиум, додека долната половина од стакло. Стаклената долна половина ќе му овозможи на „Apple“ да продолжи да поддржува безжично полнење.

Испакнатината на камерата ќе биде поголема од онаа на претходните модели, но тоа не е изненадување бидејќи ова е тренд веќе некое време.

Доколку сите овие информации се остварат, тоа ќе бидат најголемите промени во дизајнот што ги доживеале некои од врвните модели на „iPhone“ на „Apple“ во последните години.

Извор: Б92

Руската рубља падна на најмала вредност од почетокот на војната во Украина

Руската Централна банка го утврди курсот на рубљата на повеќе од 105 рубљи за еден американски долар, што е нејзината најслаба вредност од првите денови на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Падот на рубљата доаѓа во услови на нов бран санкции насочени кон Газпромбанк и зголемени тензии со Западот, како и поради политиката на Кремљ која се чини дека фаворизира послаба валута.

Министерот за финансии, Антон Силуанов, изјави дека девалвацијата е „многу, многу поволна“ за руските извозници. Слабата рубља им овозможува на руските власти поефикасно финансирање на војната во Украина преку намалување на реалните трошоци за оружје и плати на војниците, пишува Москоу Тајмс.

Аналитичарите го поврзуваат падот на рубљата со неодамнешните санкции на САД насочени кон Газпромбанк и уште 50 меѓународно поврзани руски банки, како и со зајакнувањето на доларот по претседателските избори во САД.

На меѓународниот девизен пазар, рубљата падна на 107 во однос на доларот и 113 во однос на еврото. Централната банка го утврди курсот на рубљата на 110.49 во однос на еврото за денеска.

Слабеењето на рубљата ја намалува куповната моќ на руските граѓани, зголемувајќи ги цените на увозните производи.

Поранешниот информатор на ФБИ, Смирнов обвинет и за затајување данок

На Смирнов следната недела требаше да му се суди во Лос Анџелес поради лажните тврдења за Бајден и неговиот син, што републиканците постојано се обидуваа да го искористат во нивните напори да го отповикаат американскиот претседател. 

Поранешниот информатор на ФБИ, Александар Смирнов, кој беше обвинет поради лажни тврдења дека американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот син Хантер добиле мито од пет милиони долари од украинската енергетска компанија Бурисма, сега е осомничен и за затајување данок, објавија денеска американските медиуми.

Новото обвинение поднесено во федералниот суд во Калифорнија го обвинува Смирнов за затајување данок на приходи од повеќе од два милиони долари што ги добил од повеќе извори меѓу 2020 и 2022 година, пишува Еј-Би-Си Њуз.

На Смирнов следната недела требаше да му се суди во Лос Анџелес поради лажните тврдења за Бајден и неговиот син, што републиканците постојано се обидуваа да го искористат во нивните напори да го отповикаат американскиот претседател.

Смирнов се изјасни за невин по обвиненијата, а федералниот судија го одложи судењето за јануари.

Неговиот адвокат, Дејвид Чесноф, рече дека неговиот клиент енергично ќе се бори против најновото обвинение за затајување данок.

притисни ентер