Поранешниот информатор на ФБИ, Смирнов обвинет и за затајување данок

На Смирнов следната недела требаше да му се суди во Лос Анџелес поради лажните тврдења за Бајден и неговиот син, што републиканците постојано се обидуваа да го искористат во нивните напори да го отповикаат американскиот претседател. 

Поранешниот информатор на ФБИ, Александар Смирнов, кој беше обвинет поради лажни тврдења дека американскиот претседател Џозеф Бајден и неговиот син Хантер добиле мито од пет милиони долари од украинската енергетска компанија Бурисма, сега е осомничен и за затајување данок, објавија денеска американските медиуми.

Новото обвинение поднесено во федералниот суд во Калифорнија го обвинува Смирнов за затајување данок на приходи од повеќе од два милиони долари што ги добил од повеќе извори меѓу 2020 и 2022 година, пишува Еј-Би-Си Њуз.

На Смирнов следната недела требаше да му се суди во Лос Анџелес поради лажните тврдења за Бајден и неговиот син, што републиканците постојано се обидуваа да го искористат во нивните напори да го отповикаат американскиот претседател.

Смирнов се изјасни за невин по обвиненијата, а федералниот судија го одложи судењето за јануари.

Неговиот адвокат, Дејвид Чесноф, рече дека неговиот клиент енергично ќе се бори против најновото обвинение за затајување данок.

Фицо ќе отпатува кај Путин на 80-годишнината од победата над нацизмот

Словачкиот премиер Роберт Фицо, еден од ретките европски лидери кои останаа блиски со Кремљ, денеска најави дека ќе ја посети Москва во мај 2025 година за да ја одбележи 80-годишнината од победата над нацизмот.

„Со задоволство ја прифатив официјалната покана на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, да учествувам на овие важни прослави“, напиша Фицо на Фејсбук.

Тој рече дека е „врзан за наследството од борбата против фашизмот, за историската вистина за Втората светска војна и за улогата на Црвената армија во неа“.

Роберт Фицо, кој е на чело на земјата со 5,4 милиони жители, членка на ЕУ и НАТО, одлучи да ја прекине сета воена помош за Украина од минатата есен.

Тој повикува на мировни преговори со Русија, како и неговиот унгарски колега Виктор Орбан, единствениот лидер на ЕУ кој одржува блиски врски со Кремљ од почетокот на руската инвазија на Украина.

Во мај во Москва ќе престојува и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Кремљ соопшти дека сака да го направи 9 мај 2025 година „најголемиот празник во својата историја“, во контекст на подигање на патриотските и воените вредности во време на конфликтот во Украина./МИА

Георгеску негира дека сака да ги напушти НАТО и Европската унија

„Не сакам да го напуштам НАТО, не сакам да ја напуштам Европската унија. Меѓутоа, сакам да заземам став, а не да клечиме таму.“

Неочекуваниот победник од првиот круг на романските претседателски избори, екстремно десничарскиот Калин Георгеску негира дека сака да ги напушти НАТО и Европската унија и се чини дека омекна некои од неговите ставови во екот на протестите поради неговата победа.

Пред првиот круг од изборите во неделата, независниот десничарски политичар Георгеску (62) имаше поддршка од само 4 до 7 отсто од испитаниците во анкетите и неговата шокантна победа покрена прашања за тоа како е можно такво изненадување. Во вториот круг на 8 декември тој ќе се соочи со центристичката противничка Елена Ласкони.

Георгеску доби најмногу гласови од младите гласачи и Романците кои живеат во странство, а неговата кампања беше силно поттикната од ТикТок.

Стотици луѓе протестираа во неколку романски градови, изразувајќи незадоволство од независниот кандидат за претседател Калин Георгеску поради неговите ставови кои ги сметаат за антиевропски и поврзани со екстремистички идеи.

Георгеску претходно ги пофали романските фашистички политичари од 1930-тите како национални херои и маченици, беше критичен кон НАТО и романската проукраинска позиција и рече дека земјата треба да се ангажира наместо да ја предизвикува Русија.

„Не сакам да го напуштам НАТО, не сакам да ја напуштам Европската унија. Меѓутоа, сакам да заземам став, а не да клечиме таму, да не прифаќаме се, како што реков, треба да сториме се што е во наш национален интерес“, објави синоќа Георгеску на својот фејсбук профил./МИА

Кирков: ЈП Лајка не ги исполни очекувањата на скопјани

ЈП Лајка не ги исполни очекувањата на скопјани, кога ќе се смени градоначалничката Арсовска сите претпријатија ќе профункционираат.

„Внимателно го разгледав 9 месечниот финансиски извештај на ова Јавно претпријатие. Како советник и како активист, како љубител на животни некој кој најмногу се радуваше за отворање на ваков тип на претпријатие имам неколку забелешки за недомаќинското работење на ова Јавно претпријатие“, истакна советникот на ВМРО-ДПМНЕ Стефан Кирков во своето воведно обраќање на денешната седница за советнички прашања на Град Скопје, по однос на разгледување на финансискиот извештај и за целокупното работење на ЈП Лајка заклучно септември оваа година.

Кирков напомена дека претпријатието Лајка нема видливи резултати, исто така посочи дека единствено што може да се забележи е исполнети билтени на МВР од луѓе кои се нападнати од кучиња и незадоволни туристи.

„Функционира повеќе од 8 години и ние не можеме да се пофалиме дека гледаме видливи резултати. Напротив гледаме дека билтените на МВР се полни од луѓе кои се нападнати од кучињата скитници кои се во Скопје. Разговараме за град на култура, град на туризмот, сакаме да привлечеме туристи. А во сите оние портали каде се рекламира Скопје како град кој што треба да се посети стои забелешка “Внимавајте Скопје е преполно од кучиња бездомни“ и тоа е навистина жално“, дециден беше Кирков.

Според Кирков доколку се разгледа детално финансискиот извештај она што јасно се забележува е одлевање на огромна сума на пари од касата на Град Скопје. Јавно побара да добие одговори од надлежните на ова претпријатие се со цел да може да биде известена македонската јавност.

„Доколку го разгледате детално финансискиот извештај, ќе забележите дека има стотици илјади евра кои се одлеваат од касата на Град Скопје, пари на граѓаните. Ние како советници треба да знаеме каде завршуваат нашите пари. ЈП Лајка не ги исполни очекувањата на скопјани, ситуацијата во Скопје е алармантна, очекувам целосна ревизија во ова претпријатие и ќе побараме одговорност“ , заклучи Кирков.

Според него кога ќе се смени градоначалничката Арсовска сите претпријатија ќе профункционираат, не само ЈП Лајка, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер