Ахмет Бозкурт, сопственикот на хотелот „Исијас Гранд“ и архитектот Ердем Џилмаз, се осудени на 18 години и пет месеци затвор, јави Би-Би-Си.
Синот на Бозкурт, Мехмет Фатих, е осуден на 17 години и четири месеци, стои во соопштението. Хотелот, во југоисточниот град Адијаман, беше домаќин на училишен одбојкарски тим од северниот дел на Кипар под контрола на Турција, како и голема група туристички водичи, кога ненадејно се случи разорниот земјотрес минатиот февруари.
Тројцата мажи се осудени за „предизвикување смрт или повреда на повеќе од едно лице од намерно невнимание“. Премиерот на кипарските Турци Унал Устел рече дека казните се премногу мали и дека властите ќе поднесат жалба.
"Сопствениците на хотелот не ја добија казната што ја очекувавме. Но, и покрај тоа, сите, од одговорните за изградбата на хотелот до архитектот, се осудени. Тоа нè направи делумно среќни", вели Устел.
Повеќе од 50.000 луѓе загинаа во Турција и Сирија во земјотресот од 6 февруари 2023 година. Околу 160.000 згради се урнаа или беа сериозно оштетени, оставајќи 1,5 милиони луѓе без покрив над главата.
Турската влада неколку недели подоцна објави дека стотици луѓе се под истрага и дека се уапсени речиси 200 лица, вклучително и градежни изведувачи и сопственици на имот. Група од 39 луѓе, вклучително момчиња и девојчиња, наставници и родители од Турскиот колеџ за образование во Фамагуста, отпатуваа во Адијаман на одбојкарски турнир кога се случи земјотресот.
Преживеале само четворица родители. Успеале да излезат од урнатините, а загинале 32 лица, меѓу кои сите деца. Одбојкарската екипа ја избра седумкатницата „Исијас Гранд“, заедно со дури 40 туристички водичи кои беа таму на тренинг.
Тоа беше еден од најпознатите хотели во градот. Но тој колабирал за само неколку моменти. Според научната анализа, чакал и песок од локалната река биле измешани со други градежни материјали за да се формираат носечките столбови. Големото уривање на згради во земјотресот предизвика жестоки критики од турската влада за охрабрување на градежен бум без доследно спроведување на градежните правила, кои беа заострени по претходните катастрофи.