Бројот на џиновските панди во дивината достигна 1900, со стабилен раст од 80-тите години

Бројот на џиновските панди во дивината достигна околу 1900, при што нивниот број стабилно се зголемува од 80-тите години на минатиот век, пренесе кинеската новинска агенција Синхуа.

Податоците беа презентирани за време на конференцијата „Глобални партнери на пандата 2024“, што се одржа во Ченгду, провинцијата Сичуан.

Бројот на големи панди во дивината се зголеми од приближно 1100 во 80-тите години на минатиот век на сегашните 1900. Како резултат на ова, Меѓународниот сојуз за заштита на природата го промени статусот на овој вид од „загрозен“ во „ранлив“, изјави Гуан Жију од одделот задолжен за шуми и степи во Кина.

Во Кина досега се изградени 67 резервати за големи панди.

Во 2021 година е создаден Националниот парк за големи панди, кој ги опфаќа делови од провинциите Сичуан, Шенси и Гансу. Таму се спроведува програма за адаптација на пандите кон животот во дивина.

САД со санкции против голем картел од Мексико за борба со незаконскиот риболов

САД со санкции против голем картел од Мексико за борба со незаконскиот риболов во Мексикански Залив.

Министерството за финансии на САД денеска воведе санкции против пет мексикански лица поврзани со Заливскиот картел (Gulf Cartel), една од најопасните криминални организации во Мексико, поради нивна вмешаност во криминални активности поврзани со незаконски, непријавен и нерегулиран риболов, шверц со луѓе и наркотици во Мексикански Залив.

-Согласно Законот за безбедност на морепловството и спроведување на риболовните регулативи, САД мобилизираат 21 федерална агенција и канцеларија, предводени од Стејт департментот, Националната управа за океани и атмосфера и Крајбрежната стража на САД, во координиран, сеопфатен пристап на владата за справување со незаконски, непријавен и нерегулиран риболов и поврзаните закани за поморската безбедност низ светот преку Меѓуагенциската работна група на САД за незаконски, непријавен и нерегулиран риболов, се вели во денешното соопштение на портпаролот Метју Милер.

Се наведува дека САД се глобален лидер во одржливоста и управувањето со риболовните ресурси, и со партнери низ целиот свет се борат против криволовството и криминалите поврзани со природата.

-Незаконскиот, непријавен и нерегулиран риболов може да се појави во различни форми и може да биде поврзан со големи, координирани напори на транснационалните криминални синдикати. Ова ги оштетува океанските екосистеми и ги загрозува заедниците кои зависат од одржливо управувани риболовни ресурси за прехранбена сигурност и животна егзистенција, изјави Милер.

САД остануваат посветени на градење на посилни правила и стандарди за управување со меѓународниот риболов и ангажирање со државите под чии знамиња пловат бродовите, како и крајбрежните. пристанишните и пазарните држави, а за промовирање одговорност и отчетност, се вели во соопштението.

Усвоен нацрт-закон за Медитеранските игри „Приштина 2030“

„Со усвојувањето на овој нацрт-закон, Медитеранските игри се прогласени за прашање од посебен интерес за Република Косово, одразувајќи го стратешкото значење што овој проект го има за нашата земја“, рече Османи.

Владата на Косово го усвои денеска Нацрт-законот за Медитеранските игри кои ќе се организираат во косовската престолнина во 2030 година, со кој се предвидува организирањето на тој спортски настан да биде прогласено за прашање од особено значење за државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Заменичката-министер за спорт, Даулина Османи, претставувајќи го нацрт-законот рече дека тој доаѓа како „резултат на длабока анализа на локалната правна рамка и меѓународните практики на организирање слични мултиспортски настани“.

„Со усвојувањето на овој нацрт-закон, Медитеранските игри се прогласени за прашање од посебен интерес за Република Косово, одразувајќи го стратешкото значење што овој проект го има за нашата земја“, рече Османи.

Со нацрт-законот се формира Организациски комитет на Медитеранските игри 2030, како независна структура со статус на невладина фондација задолжена да ја води активноста.

Претседател на Комитетот ќе биде косовскиот премиер, Албин Курти, кој рече дека преку организацијата на овој настан Косово ќе добие модерна спортска инфраструктура, но и ќе се промовира на меѓународната сцена.

„Медитеранските игри 'Приштина 2030' се најголемиот спортски настан во земјата и регионот и преку инвестиции директно ќе придонесе за подобрување и унапредување на спортската инфраструктура, додека преку гостопримството ќе придонесе за меѓународно претставување и промоција на нашата република“, рече Курти.

Приштина го доби правото да ги организира Медитеранските игри на Генералното собрание на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри што се одржа во Грција во септември минатата година.

Бојковски: Нацрт-буџетот на Арсовска без советници

Денес на седницата на Град Скопје, се обрати советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Бојковски кој реагираше поради тоа што смета дека советниците се изоставени од процесот на креирање на буџетот за 2025 година

Бојковски објасни што значи процесот на изработка на нацрт-буџет.

„Нацрт-буџет значи учество на сите советници со предлози – советници што се избрани од граѓаните. Согласно програмата што била доставена за време на изборите, таа програма може да трпи и измени затоа што потребите на граѓаните можат да се разликуваат од потребите пред 3 или 4 години. Или, во најмала рака, некоја дополнување со нови предлози или со стари предлози што пред 3 години не биле направени, оваа година да се направат“, истакна Бојковски

Бојковски кој има долгогодишно искуство во локалната самоуправа додаде дека оваа ситуација е без преседан.

„Сум бил 4 години претседател на Совет, 4 години сум бил член на Управен одбор на ЗЕЛС, 4 години сум бил потпретседател на Комитет на Совети на Република Македонија и не можам да разберам дека и претходните 3 години немало нацрт-буџет или немало креирање на буџет во согласност со советниците“, рече Бојковски.

Бојковски упати повик до администрацијата и градоначалничката Данела Арсовска да го променат пристапот и да вклучат повеќе страни.

„Јас ве замолувам како администрација секретар, и ја замолувам госпоѓа Арсовска да не вклучи во работата со администрацијата на Град Скопје во креирање на буџетот за 2025 година. Да направиме еден нацрт-буџет да ги усогласиме сите работи што треба да сe усогласат, за кога ќе имаме седница со точка на дневен ред буџет за 2025 година да немаме разногласие, да немаме дополнителни амандмани, да немаме дополнителни различни мислења, па прекинување на седница, па некоја друга ситница или да се доведеме до ситуација да мора да го изгласаме до рок “, истакна Бојковски.

Бојковски предупреди дека граѓаните и советниците треба да бидат вклучени во креирањето на буџетот за 2025 година.

„Мислам дека ако се такви намерите, не е добро затоа што граѓаните и советниците треба да бидат вклучени во креирање на буџетот 2025 година,“ нагласи Бојковски.

Бојковски ја истакна потребата од поширока консултација со месните и урбаните заедници, невладините организации и останатите релевантни групи.

„Вклучување на месни заедници, урбани заедници, авторитети, таргет групи, невладини организации. Затоа што, тоа е буџет, пари на граѓаните, и мислам дека треба да знаат за што ќе бидат потрошени парите во 2025 година“, заклучи Бојковски.

Советник од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Тони Бојковски

притисни ентер