САД со санкции против голем картел од Мексико за борба со незаконскиот риболов

САД со санкции против голем картел од Мексико за борба со незаконскиот риболов во Мексикански Залив.

Министерството за финансии на САД денеска воведе санкции против пет мексикански лица поврзани со Заливскиот картел (Gulf Cartel), една од најопасните криминални организации во Мексико, поради нивна вмешаност во криминални активности поврзани со незаконски, непријавен и нерегулиран риболов, шверц со луѓе и наркотици во Мексикански Залив.

-Согласно Законот за безбедност на морепловството и спроведување на риболовните регулативи, САД мобилизираат 21 федерална агенција и канцеларија, предводени од Стејт департментот, Националната управа за океани и атмосфера и Крајбрежната стража на САД, во координиран, сеопфатен пристап на владата за справување со незаконски, непријавен и нерегулиран риболов и поврзаните закани за поморската безбедност низ светот преку Меѓуагенциската работна група на САД за незаконски, непријавен и нерегулиран риболов, се вели во денешното соопштение на портпаролот Метју Милер.

Се наведува дека САД се глобален лидер во одржливоста и управувањето со риболовните ресурси, и со партнери низ целиот свет се борат против криволовството и криминалите поврзани со природата.

-Незаконскиот, непријавен и нерегулиран риболов може да се појави во различни форми и може да биде поврзан со големи, координирани напори на транснационалните криминални синдикати. Ова ги оштетува океанските екосистеми и ги загрозува заедниците кои зависат од одржливо управувани риболовни ресурси за прехранбена сигурност и животна егзистенција, изјави Милер.

САД остануваат посветени на градење на посилни правила и стандарди за управување со меѓународниот риболов и ангажирање со државите под чии знамиња пловат бродовите, како и крајбрежните. пристанишните и пазарните држави, а за промовирање одговорност и отчетност, се вели во соопштението.

МЗШВ исплати 140 милиони денари субвенции за пченица кон 3 420 лица

 Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека денеска е извршена исплата кон 3 420 лица во висина од речиси 140 милиони денари, за мерката 1.3 Финансиска поддршка за остварено и продадено производство на пченица.

Како што се наведува во соопштението, корисници на овие средства се земјоделски стопанства кои претходно имаат поднесено барање за директни плаќања по обработлива земјоделска површина со поледелски култури – пченица.

– Денес се изврши исплата кон 3.420 лица со вкупен износ 139.965.962,00 денари за мерката 1.3 Финансиска поддршка за остварено и продадено производство на пченица од Програмата за изменување и дополнување на Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството за 2024 година. Корисници на овие средства се земјоделски стопанства кои претходно имаат поднесено барање за директни плаќања по обработлива земјоделска површина со поледелски култури – пченица (барање за субвенции за засеани и ожнеани површини со пченица, подмерка 1.1) и оствареното производство го имаат продадено кај регистриран откупувач во период од 15 јуни до 5 септември 2024 година. Исто така корисници се и земјоделски стопанства кои произведената пченица ја користат за потребите на сопствениот преработувачки капацитет запишан во Регистарот на откупувачи на земјоделски производи. Висината на финансиската поддршка изнесува 3 денари по килограм, наведуваат од МЗШВ.

Ослободен од притвор синот на норвешката принцеза

Мариус Борг Хојби, синот на норвешката принцеза Мете-Марит, е ослободен откако помина една недела во притвор под сомнение дека извршил сексуални престапи.

Полицијата утрово објави дека нема да бара дополнителен истражен притвор за најстариот син на престолонаследничката, принцезата Мете-Марит.

Во моментов веќе не постои препознатлива опасност доказите да бидат отстранети, велат тие. Тие најавија и дека истражуваат натамошен можен сексуален прекршок, без да дадат повеќе детали.

Адвокатот на Хојби, Ојвинд Братлиен, изјави дека неговиот клиент ќе биде ослободен во текот на денот и тврди дека било погрешно воопшто да се стави Хоиби во истражен притвор.

На Хојби му беше одреден еднонеделен притвор во средата минатата недела. Пред тоа, се појавија нови обвинувања против 27-годишникот во врска со два наводни сексуални престапи - тие се најсериозните обвинувања против него до сега и потенцијално може да резултираат со неколку години затвор. Хојби ги отфрли овие наводи.

Од летото до него беа упатени неколку обвиненија, меѓу кои и напад на поранешни партнери и нанесување имотна штета, од кои некои и тој ги призна.

Мариус Борг Хојби е најстариот син на Мете-Марит и посинок на престолонаследникот Хакон. Иако припаѓа на кралското семејство, тој не ја носи титулата принц и не е официјален член на норвешкото кралско семејство./МИА

Теракотните икони од Виничко Кале претставени на изложба во Будва

 Во Археолошкиот музеј Стари град во Будва, Црна Гора, е отворена изложбата „Теракотните икони од Виничко Кале“, што заедничи ја организираат Јавната установа Музеи и галерии - Будва и Музејот „Теракота“ од Виница.

Изложбата е дел од програмата за одбележување на Денот на Општина Будва, а репрезентативната збирка на познатите теракотни икони посетителите ќе можат да ја видат до 15 јануари.

Авторки на изложбата се Јулијана Иванова, Благица Стојанова и Магдалена Манаскова, а на отворањето беше нагласено дека приказите на теракотните икони зборуваат за универзалноста на христијанскиот свет и цивилизацијата меѓу 5 и 6 век, што асоцира на оригиналност и сакрална естетика.

-По успешната презентација на изложбата во главниот црногорски град Подгорица, како и поради големата заинтересираност на посетителите, музејот „Теракота“ се претставува во еден од најголемите туристички центри на Јадранот. Отворањето на изложбата беше проследено со колеги археолози од Црна Гора, а имаше посетители од Будва, но и од повеќе земји во светот. Се надеваме дека посетеноста ќе биде уште поголема во текот на претстојните новогодишни и божиќни празници, кога расте и фреквенцијата на туристи и посетители на музејот, истакна Сара Даневска, директорка на Музејот „Теракота“.

На изложбата во Будва пред културната јавност се претставени 12 теракотни икони и осум пишани материјали. /МИА

притисни ентер