Пол Рид, инженер од Лутон, е првиот пациент кој е подложен на оваа експериментална терапија, а лекарите се надеваат дека тоа би можело да претставува голем напредок во лекувањето на ракот, објави Би-Би-Си.
На Рид му бил дијагностициран глиобластом, вид на рак на мозокот од кој повеќето пациенти умираат во рок од 18 месеци.
И покрај операцијата проследена со радиотерапија и хемотерапија, лекарите му рекле на Рид во јуни дека туморот повторно расте.
Лекарите му понудиле шанса да стане првиот пациент на клиничко испитување на новата терапија спроведена од Лондонската фондација Универзитетски болници (UCLH).
Во експерименталниот третман наречен CITADEL-123, хирурзите отстрануваат што е можно повеќе од туморот пред да вметнат мал медицински уред во черепот кој е директно поврзан со туморот со помош на цевка.
Медицинскиот тим потоа директно го инјектира лекот ATT001 во туморот, кој користи мали количини на радиоактивност за да помогне во поправка на оштетената ДНК во клетките.
Лекот, кој се дава еднаш неделно во период од четири до шест недели, ги убива клетките на туморот, но не им штети на здравите клетки.
„Оваа експериментална терапија беше спас за мене, пресреќен сум што ми се укажа шанса да бидам дел од ова клиничко тестирање“, изјави Рид.
Консултантот на UCLH, онкологот Пол Малхоланд, рече дека намалувањето на туморот на Рид е извонредно достигнување со оглед на тоа дека станува збор за многу агресивен рак.
„Нашата цел е да ја излечиме оваа болест“, рече тој, додавајќи дека туморите на мозокот не метастазираат низ целото тело, така што насоченото вбризгување на лекот директно во туморот е вистинскиот пристап во лекувањето.