Авион итно слета поради чуден мирис во кабината, стјуардеса заврши во болница

Стјуардеса на австралискиот Qantas била итно пренесена во болница откако „необичен мирис“ вчера довел до неочекувано пренасочување на летот.

Боингот 737 бил во воздух повеќе од два часа пред да слета на пистата на аеродромот Кингсфорд Смит во Сиднеј, нешто по 21 часот, според податоците објавени на веб-страницата Flight Aware.

Компанијата „Квантас“, која е национална авиокомпанија на Австралија, одговорила за Фокс Бизнис дека чудниот мирис во авионот предизвикал пренасочување на летот.

„Авионот од Сиднеј до Велингтон се врати во Сиднеј откако беа примени извештаи за необичен мирис во кабината“, рече портпаролот.

„Авионот безбедно слета и ќе биде прегледан од инженери пред да се врати во употреба“.

Портпаролот додаде дека стјуардеса била пренесена во болница на лекарски преглед, но не ги откриле нејзините симптоми или здравствената состојба. Патниците и пилотите не биле загрозени.

Наводно, немало чад во кабината и пренасочувањето не било третирано како итно слетување.

Претставник на компанијата додаде дека Qantas работи на обезбедување сместување и алтернативи за патниците погодени од пренасочувањето.

„На патниците ќе им биде обезбедено сместување и ќе бидат пренасочени на следниот достапен лет“, се вели во соопштението.

„Се извинуваме што им го прекинавме патувањето и им благодариме за разбирањето.“

Qantas активно го истражува инцидентот. Засега нема дополнителни информации.

Националниот комитет на Македонски Концепт избра двајца потпретседатели на партијата

Националниот комитет на политичката партија Македонски Концепт на својата последна седница одржана на 20.12.2024 година ги избра Јасмина Арсовска и Васко Алексовски за нови потпретседатели на партијата.

Јасмина Арсовска е дипломиран економист со долгогодишно искуство во областа на ревизијата, сметководството и финансиското управување. Таа е лиценциран судски вештак и успешен претприемач, посветена на личен и професионален развој.

Васко Алексовски е доктор на науки од областа на клиничката биохемија при Медицински факултет на УКИМ, со повеќе од две децении искуство како раководител на клиничка биохемиска лабораторија. Тој е еден од основачите на Македонски Концепт и активен член на Унијата на Европските Федералисти на Македонија.

На седницата, Националниот комитет го усвои годишниот извештај за работа и завршната сметка за 2024 година, донесе план за работа за 2025 година и одлука за учество на Локалните избори 2025 година. Направени беа и измени на Статутот на партијата.

Со ова, Македонски Концепт потврдува дека останува посветен на своите програмски цели и визија за демократска, европска и напредна Македонија.

Македонски Концепт

Премиера на претставата „Бог на колежот“ на 24 декември

Во Македонскиот народен театар на 24 декември ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Бог на колежот“, по мотивите на „God of Carnage“ на Јасмина Реза, а во адаптација и режија на Весна Петрушевска.

Ова е седмиот проект на Македонскиот народен театар во оваа сезона.

Во претставата играат Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Симеон Мони Дамевски, Наталија Теодосиевa како и децата од Актерската школа на Весна Петрушевска.

Преводот на текстот е на Рајна Кошка-Хот, како сценограф се потпишува Татјана Христоска, костимограф е Наталија Терзија, а сценските движења се на Кренаре Невзати-Кери.

Изборот на музиката е на Весна Петрушевска, а автор на сонгот „Пепел и мрак" е Игор Џамбазов.

-Оваа копродукциска претстава нуди можност да се погледнеме кои сме макар на 90 минути за време кога публиката е учесник во арената, се вели во соопштението на МНТ.

Првата реприза е закажана за 25 декември.

Обвинителството ги истражува причините за смртта на декан на Економски факултет Скопје

Обвинителството ги истражува причините за смртта на професорот Кожухаров, декан на Економски факултет Скопје

Обвинителството ги проверува причините за смртта на лицето во водите на Црна Река. Се работи за професорот д-р Сашо Кожухаров, декан на Економски факултет и проректор за наука и развој на Универзитетот „Скопје“, кој беше најден мртов во својот автомобил излетан во Црна река, потврдуваат од Обвинителството.

Оттаму појаснуваат дека Основното јавно обвинителство Кавадарци презема повеќе дејствија за испитување на причините за смртта на 64-годишен скопјанец, кој на 16 декември беше пронајден починат во својот автомобил во водите на Црна Река, на територија на Општина Росоман.

- Веднаш по настанот беше извршен увид на лице место, а при првичниот преглед на телото на починатиот не се констатирани видливи траги на насилство. Издадена е наредба за обдукција, а обдукцискиот наод се уште се изготвува и не е доставен до обвинителството. Освен тоа, наредени се и дополнителни лабораториски анализи, соопштија од Обвинителството.

Со цел испитување на настанот, надлежниот јавен обвинител издал и барања до мобилни оператори за проверка на листинзи и податоци од базни станици за евентуална телефонска комуникација.

- Воедно, од АД ЕСМ – Подружница ХЕЦ Тиквеш побарани се информации дали во временскиот период на настанот е вршено испуштање вода од браната на хидроелектраната и дали при таков испуст се подига значително нивото на водата во Црна Река на критичната локација. Врз основа на сите овие наоди и информации, Основното јавно обвинителство Кавадарци целосно ќе го провери настанот, се вели во известувањето од Обвинителството.

притисни ентер