Асанж: Слободен сум бидејќи признав вина за новинарството

 Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж (53) денеска изјави дека е ослободен од затвор затоа што се изјаснил за виновен за новинарство, а не затоа што функционирал правниот систем, објави Гардијан.

Тој им рече на европските парламентарци дека е неопходно да се изјасни за виновен по обвиненијата за американска шпионажа бидејќи правните и политичките напори за заштита на неговата слобода не се доволни, пишува Гардијан.

-На крајот ја избрав слободата наместо недостижна правда. Денеска сум на слобода по години поминати во затвор затоа што се изјаснив за виновен за новинарство, рече Асанж пред Комитетот за правни прашања и човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа на ПССЕ во Стразбур во своето прво јавно обраќање по неговото ослободување во јуни.

Тој рече дека се надева оти неговото денешно сведочење може да послужи за да ги истакне слабостите на постојните заштитни мерки и да им помогне на оние чии случаи се помалку јавни, но кои се исто толку ранливи. Асанж рече дека слободата на говор е на „мрачна раскрсница“.

Асанж истакна дека новинарите не треба да бидат прогонувани затоа што ја вршат својата работа.

-Новинарството не е криминал, нагласи Асанж.

Мицкоски: Владината коалиција е стабилна, ни треба силна и конструктивна опозиција

Коалицијата има двотретинско мнозинство, ова не е коалиција што се бори за својата стабилност. Хармонијата и колегијалниот дух владее во коалицијата.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во обраќањето по повод 100 дена Влада повторно нагласи дека владината коалиција е стабилна и дека и покрај различните мислења за одредени прашања, сепак сите коалициони партнери се обединети околу стратешките прашања.

Изминатите 100 дена од работата на Владата ги оцени како успешни и рече дека она што го прави горд и задоволен е тоа што сите оние кои добиле шанса, во најголем дел ја исполниле дадената можност без разлика од која политичка партија доаѓаат.

- Коалицијата има двотретинско мнозинство, ова не е коалиција што се бори за својата стабилност. Хармонијата и колегијалниот дух владее во коалицијата, на моменти нормално е да постојат и различни мислења, но тоа не значи дека не се согласуваме за стратешките прашања, рече Мицкоски.

На опозицијата и порача да биде конструктивна и силна и наместо со обвинувања, да се натпреварува со политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните.

- Има такви кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ направило премногу отстапки на коалиционите партнери и такви кои велат дека ВМРО-ДПМНЕ ги поништи своите коалициони партнери. Ги слушам сите тие гласови кои доаѓаат од опозицијата од кои едната се обидува да опстане на политичката сцена, а другата преку националистичка реторика се труди да се врати на политичката сцена. Тие мислат дека ако испраќаат такви пораки ќе внесат раздор и недоверба во таа коалиција. Можам да ги разочарам и да им кажам дека не само што не се успешни, туку таквото нивно однесување го зајакнува заеднички дух. Не смееме да се вратиме кон овие политичари кои поминаа децении во македонската политика, а ќе останат запаметени по корупција и многу предавства на сметка на личните интереси. Нема да навлегувам зошто ДУИ во изминатите 21 година не успеа да ги постигне стратешки цели, зошто СДСМ на лага се обидуваше да ја задржи својата власт. Имам да им порачам на двете партии дека имаме потреба од силна и конструктивна опозиција со која ќе се напреваруваме за политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните, рече Мицкоски.

Во однос на забелешките дека процесот на именување на кадри оди бавно, премиерот рече дека не треба да се избрзува и дека понекогаш е подобро да се направи еден вистински чекор, отколку да се направат три чекори па потоа да се враќаме пет чекори назад.

- Не можеме да зборуваме за брзина на именување на кадри затоа што многупати во минатото во јавноста имаше критика дека многу брзо се партизирале институциите, многу брзо се именувале партиски кадри, се менувале професионалци... Апсолутно се сложувам со тоа затоа што не секогаш треба да реагирате многу бргу за да покажете некаква силина и дека се што било претходно, не чинело. Покажавме како Влада дека се што било добро од претходната влада, сме го продолжиле како што беше и случајот со странските инвестиции, рече Мицкоски.

Песков: Новиот генерален секретар на НАТО и е добро познат на Москва

Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, и е добро познат на Москва, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакнувајќи дека Руте, како премиер на Холандија, зазел непомирлив однос кон Русија.

-Господинот Руте ни е добро познат, тој и претседателот Путин поминаа повеќе од еден час на преговарачката маса, изјави денеска Песков, коментирајќи го назначувањето на Руте за генерален секретар на НАТО, пренесуваат руските медиуми.

Тој истакна дека „некогаш постоела надеж за градење добри, прагматични односи“.

-Потоа, знаеме дека Холандија зазеде прилично непомирлив став, став кој целосно исклучува какви било контакти со нашата земја, затоа не мислиме дека ќе се случи нешто значајно ново во политиката на Алијансата, заклучи Песков.

На денешниот состанок на Северноатлантскиот совет, во седиштето на НАТО во Брисел, Јенс Столтенберг му ги предаде овластувањата на новиот генерален секретар на организација Руте.

Руте: НАТО ќе се посвети на изградба на побезбеден свет за нашите граѓани

- Моја обврска ќе биде да работам на спроведување на ова и на приспособување на нашата Алијанса на се покомплексниот свет. Не постои ништо што не можеме да го постигнеме заедно, рече Руте. 

Сојузниците во НАТО се соочуваат со сериозни предизвици и мора да работиме на справување со нив, согласно определбата за изградба на побезбеден свет за милијарда наши граѓани, порача новиот генерален секретар на Алијансата, Марк Руте, на прес-конференција во Брисел по неговото денешно стапување на должноста.

- Моја обврска ќе биде да работам на спроведување на ова и на приспособување на нашата Алијанса на се покомплексниот свет. Не постои ништо што не можеме да го постигнеме заедно, рече Руте.

Тој посочи дека за време на неговиот мандат на чело НАТО ќе се посвети на три главни приоритети – обезбедување гаранции дека Алијансата ќе може да одговори на сите закани, поддршка на Украина во борбата против руската агресија и справување со растечките глобални предизвици поврзани со евроатлантската безбедност.

Руте воедно му се заблагодари на досегашниот генерален секретар Јенс Столтенберг за неговата работа, како и на сите земји членки на НАТО за нивната поддршка при неговиот избор на новата должност во раководењето со, како што рече, најуспешната воено-политичка алијанса во историјата.

притисни ентер