Денеска во Јакутск, најстудениот град во светот, температурата е -31°C. Што е и добро, со оглед на тоа дека во текот на зимата таму температурите паѓаат и до -50°C, а најниската температура досега измерена во овој руски град е -71 степен (поточно во селото Ојмјакон, кое се смета најстуденото место на земјата).
Најстудениот месец во Јакутск е јануари, а жителите на градот преземаат дополнителни мерки на претпазливост за да се заштитат. Меѓутоа, воздухот е доволно студен за да ви ја вкочани изложената кожа, па постои постојана опасност од смрзнатини.
Каков е животот таму?
Киун Б. пораснала во Јакутск, Сибир, и го документира својот живот на нејзиниот канал на Јутуб, каде што има над 1,4 милиони претплатници. Нејзините видеа имаат милионски прегледи. Пред десетина месеци таа објави видео наречено „Одгледување на 22 деца во најстудениот град на светот“, кое до денес има околу 21 милион прегледи.
Во тоа видео таа опишува дека денот на таткото Александар Павлов започнува со сечење на мраз за семејството за тоа да има доволно вода тој ден. Семејството Павлов има 22 деца, од кои 18 се посвоени. Осум од нив сè уште живеат во семејниот дом, додека другите пораснале и основале свои семејства. Училиштата не работат кога надвор е многу студено.
Киун вели дека градот има функционален јавен превоз кој функционира и во услови на екстремен студ. Зеленчукот и овошјето се многу скапи во тој град, па често користат замрзната храна.
Како се забавуваат?
Во едно видео таа опишува како граѓаните се забавуваат кога е екстремно студено. Луѓето со деца ги поминуваат викендите дома на топло, а само во сабота пазаруваат за да се снабдат со намирници. Помладите слободното време го поминуваат лизгајќи на мраз, посетувајќи музеи, или кино, или одат на шопинг.
Зошто мештаните не се преселуваат на потопло место?
Некои велат дека не го сакаат студот, но се навикнати на него. „Кога температурата ќе падне под -50°C чувствувате студ, тешко се дише и не ви е до ништо“, вели еден граѓанин.
"Во зима е убаво. Ми се допаѓа зимата овде", "Сакам да патувам. Работам овде и сакам да одам на патувања, но не би живеела на друго место", додаваат други жени.
Киун вели дека мештаните се навикнати на студот и дека и покрај предизвиците не сакаат да живеат во потопло место.