Џонатан Пауел назначен за нов советник за национална безбедност на Велика Британија

Џонатан Пауел, поранешен шеф на кабинетот на поранешниот премиер Тони Блер и клучен преговарач во мировниот процес во Северна Ирска, денеска беше назначен за нов советник за национална безбедност во Владата на Велика Британија.

Пауел, кој исто така служеше 10 години како дипломат во британското Министерство за надворешни работи, беше еден од творците на Договорот за Велики петок, кој во голема мера стави крај на тридецениското насилство што ја потресе Северна Ирска од доцните 1960-ти.

„Со искуство во помагање да се преговара за Договорот од Белфаст (Велики петок) и работејќи на некои од најсложените конфликти во светот, тој е квалификуван да ја советува владата за предизвиците што претстојат и да се ангажира со колегите ширум светот за заштита и унапредување на британските интереси“, се вели во соопштението на британскиот премиер Кир Стармер. /МИА

Орбан предвидува дека новата американска влада на Доналд Трамп ќе ја прекине помошта за Украина

Новата американска администрација на Доналд Трамп ќе прекине да дава помош за Украина во нејзината борба против руската инвазија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан пред состанокот на Европскиот совет во Будимпешта.

Орбан е домаќин на самитот на ЕУ еден ден по состанокот на Европската политичка заедница, на кој присуствуваа лидери на ЕУ и највисоки претставници од 47 европски земји.

На денешниот состанок на Европскиот совет војната во Украина ќе биде една од главните теми.

Повеќето од највисоките функционери на 27-те земји на ЕУ веруваат дека снабдувањето на Украина со оружје и пари е клучно за безбедноста на континентот. /МИА

Претерување со шеќер и сол е штетно по здравјето

Познато е дека за да се одржи и  подобри здравјето на срцето, постојат одредени намирници што треба да се избегнуваат во исхраната.

Така, д-р Лирој Лот од Њујорк сподели листа намирници коишто се лоши за кардиоваскуларниот систем. Лекарот наведува оти, во таа смисла, конзервираниот зеленчук и овошје се некаде на врвот на списоков, поради големата количина сол и шеќер. Тој истакнува дека далеку попрепорачливи се свежите овошја и зеленчук. Исто така, треба да избегнувате конзервирана храна воопшто, токму поради големата содржина на натриум (сол), којашто може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања, висок крвен притисок и мозочен удар.

На листата на американскиот доктор се најде и белиот ориз. Тоа е рафинирана житарка што брзо се претвора во шеќер во телото, што значи и повеќе маснотии. Во овој поглед, не треба често да се јаде ниту бел леб, бидејќи тој е исто така рафиниран јаглехидрат.

Сирупите за слатки и замрзнатите колачи се, исто така, на листата поради високата содржина на шеќер. Лекарот советува да избегнувате и преработено месо што, обично, е богато со сол и заситени масти. Во таа смисла, солта е штетна за срцето бидејќи го зголемува крвниот притисок.

Кога станува збор за напитоците, д-р Лот особено го нагласува пивото. Според објаснението, овој пијалак го оштетува срцето на неколку начини. Претерувањето, имено, може да го оштети самиот срцев мускул.

Патем, и Лот и здравствените власти воопшто ги советуваат граѓаните - и мажи и жени да го ограничат внесот на алкохол.

На овој список се и енергетските пијалаци. Нивната содржина на кофеин потенцијално ги зголемува отчукувањата на срцето и крвниот притисок. Дури и кечапот и другите сосови може да претставуваат опасност поради високата содржина на шеќер и сол. /МИА

притисни ентер