Судијата на Менхетен, Хуан Меркан, следната недела ќе одлучи дали ќе го прифати барањето на Трамп, кое го поднесе пред изборите, за отфрлање на оваа пресуда, јавува Би-Би-Си.
Во мај, поротата во Њујорк го прогласи Трамп за виновен за фалсификување деловни досиеја, што произлегува од обидот на Трамп да ги прикрие надоместоците на неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен, кој ѝ платил на Сторми Даниелс во 2016 година да молчи за наводната сексуална врска со Трамп.
Адвокатите на Трамп тврдат дека неодамнешната одлука на Врховниот суд на САД со која на претседателите им се доделува одреден степен на имунитет од гонење се однесува на одредени аспекти на овој случај, и затоа обвинението и осудата треба да бидат отфрлени.
Обвинителството тврди дека Трамп со фалсификувањето на овие документи всушност сакал да го прикрие своето влијание врз изборната кампања во 2016 година, односно да ја намали штетата што би била предизвикана од обелоденувањето на наводните афери.
Во текот на судењето, судијата Меркан не ги прифати аргументите на адвокатите на Трамп дека овој случај треба да биде отфрлен врз основа на неговиот претседателски имунитет.
Судењето се одржа неколку месеци пред претседателските избори претходно оваа недела, и пред Трамп да извојува убедлива победа над демократите.
Доколку судијата ја отфрли осудителната пресуда, случајот завршува таму, но доколку одлуката биде спротивна, пресудата ќе се изрече на 26 ноември.
Експертите тврдат дека има мали шанси за изрекување казна поради обврските на Трамп поврзани со транзицијата во Белата куќа пред инаугурацијата во јануари, како и сложеноста на изрекувањето на казната на актуелниот претседател.
„Мислам дека најверојатниот исход во овој случај е судијата да го одложи изрекувањето на казната до крајот на мандатот на Трамп“, рече Даниел Чарлс Ричман, професор на Правниот факултет во Колумбија.