Новогодишната ноќ поминала мирно и без поголеми безбедносни нарушувања

Новогодишната ноќ поминала мирно и без поголеми безбедносни нарушувања, е генералната оценка на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

На територијата на имало 33 приведувања и 28 сообраќајни незгоди од кои три со тешки телесни повреди.

-Од кривично-правно аспект на територија на државата се направени 29 кривични дела и приведени се 33 лица од кои 14 се поврзани со трговија со дрога на различни локации. Имало околу 28 сообраќајни незгоди од кои три со тешки телесни повреди, а за среќа немавме сообраќајни несреќи со најтешки последици така што генерално можам да заклучам дека имавме мирна и стабилна безбедносна состојба на теротирија на Македонија,- изјави – Панче Тошковски – Министер за внатрешни работи.

Но и оваа година пукањето петарди е сериозен проблем по здравјето и безбедноста на граѓаните посебно помладите. Тринаесет годишно момче останало без делови од прстите како последица од петардата која испукала во неговата десна дланка. Детето е примено на Ургентниот центар од каде велат дека генерално дежурните лекари за разлика од лани имале 30 отсто помалку пациенти, третирани од повреди во сообраќајки и физички пресметки но и странски државјанин во алкохолизирана состојба со повреди на главата.

-Имаме едно дете 13 – годишно коешто е со тешка повреда на раката од петарда кое е оперирано на Детската клиника за хирургија и најверојатно ќе биде со инвалидитет на раката. Направени се околу 35 прегледи од кои девет се сообраќајки со лесни телесни повреди и тие пациенти се пуштени на домашно лекување. Имаме двајца пациенти со физички напад од кои едниот е задржан на опсервација и денеска ќе биде пуштен дома,- изјави– Игор Мерџановски – Ургентен центар.

81 итен пациент имале на УК за хируршки болести Свети Наум Охридски од каде велат е вообичаен број како и во другите денови. Имале петмина повредени во сообраќајки и тројца повредени во тепачки. Дежурните доктори извршиле три оперативни интервенции. Д-р Небојша Настов сепак алармира на зголемениот број на малолетни пациенти поради повреди предизвикани од петарди во изминатите денови.

-Пред новогодишните празници педесетина повредени лица од петарди претежно малолетници на возраст од 12 до 17 години. За жал, тоа е најверојатно некој тренд, се користат се поголеми петарди со се поголемо барутно полнење и оставаат многу поголеми оштетувања односно траен инвалидитет кај децата за жал,- изјави – Небојша Настов – ГХБ Наум Охридски Скопје.

Од Токсикологија пак велат дека граѓаните ги послушале советите за умерено конзумирање на алкохол. Во текот на новодишната ноќ 18 лица се затруле со алкохол, најмладиот бил четиринаесетгодишник.

-Прегледани се 21 пациент од кои 18 како акутни труења со алкохол. Од тие 18 четири се од женски пол, 14 се од машки пол. Најмладата пациентка е 17 години а најстарата е 26 години. А кај машките најмладиот пациент е 14 години а најстариот е 38 години. Морам да потенцирам дека имаме помалку пациенти од минатата година,- изјави – Андон Чибишев – Клиника за токсикологија.

Од примените пациенти на Токсикологија еден е третиран поради тоа што измешал алкохол и таблети.

Први снимки од крвавата пукотница во Вашингтон, полицијата го блокира градот (ВИДЕО)

Четворица мажи и една жена се ранети во пукотница што се случила во вчера вечерта по локално време во Вашингтон.

Според полицијата три лица се пренесени во болница, додека две сами дошле во болница.

Според локалните медиуми, пукањето се случило на Хари Томас Веј, кој се наоѓа во близина на Универзитетот Галодет.

Полицијата добила дојава околу 20:15 часот по локално време. Кога патролите пристигнале на местото на настанот, затекнале двајца мажи и една жена со прострелни рани.

Тие се префрлени во болница во тешка, но свесна состојба. Подоцна, двајца други мажи дошле во болница и исто така биле застрелани на истото место.

Според првите информации, сите ранети во престрелката се познаваат. Засега се верува дека мотив за злосторството се нејасни врски.

Полицијата ја опколи целата област.

Блинкен во посета на Сеул среде политичка криза во Јужна Кореја

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска треба да пристигне во Јужна Кореја, која е зафатена од политичка криза.

Блинкен ќе се сретне со својот јужнокорејски колега Чо Те-џул за да разговараат за „сојузот меѓу Јужна Кореја и САД, соработката со Јапонија, прашањата поврзани со Северна Кореја, како и за регионалните и глобалните предизвици,“ соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.

Посетата доаѓа во период на политички хаос во Јужна Кореја, откако претседателот Јун Сук-јеол на 3 декември воведе воена состојба, која Парламентот набрзо ја поништи. Обидот за негово апсење беше спречен од неговата лична заштита.

По посетата на Јужна Кореја, Блинкен ќе отпатува за Јапонија, а потоа и за Франција, каде што ќе разговара за војната во Украина и кризата на Блискиот Исток.

Годинава почнуваат активностите за филмот, серијата и документарецот за Тоше Проески

Подготовките и првичните активности поврзани со снимањето на играниот филм, серијата и документарниот филм за Тоше Проески, според најавите, треба да почнат во текот на оваа година.

Конкурсот во врска со снимањето ќе биде објавен од Македонската радио-телевизија, а станува збор за проект којшто треба да се реализира во рок од две години.

Во проектот ќе бидат вклучени повеќе копродуценти, а министерот за култура и туризам Зоран Љутков се надева дека ќе има копродуценти речиси од сите национални телевизии на Балканот, бидејќи постои многу голема заинтересираност.

- Средствата ќе бидат обезбедени од буџетот на државата преку Министерството за дигитализација, а проектот ќе го води Македонската радио-телевизија. Во проектот ќе бидат вклучени многу повеќе копродуценти, се надевам дека ќе бидат копродуценти речиси сите национални телевизии од Балканот, бидејќи навистина има многу голема заинтересираност, изјави неодамна Љутков на брифинг со новинарите.

Дополнително, се размислува и за музичко шоу за млади таленти кое што би го носело името на Тоше Проески.

Тоше беше еден од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена. Роден е на 25 јануари 1981 година во Прилеп, како второ дете на Никола и Доминика Проески. Неговиот талент првпат е забележан на детскиот фестивал „Златно славејче“ во 1992 година, на кој настапува со песната „ Јас и мојот дедо“, испеана на влашки јазик и компонирана од Христо Христовски – Муларот.

Под мотото „Образованието е одговорност на сите“ на 5 октомври 2007 година го одржува својот последен концерт на Градскиот стадион во Скопје. Концертот беше поддржан од УСАИД, а имаше хуманитарен карактер. Парите од билетите се искористија за петгодишниот проект за основно образование финансиран од фондацијата. По неговата смрт на истиот датум беа одржани уште неколку концерти во негова чест.

Загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години.

Секоја година во неговото родно Крушево се одбележува годишнината од смртта, а во негова чест маратонци го трчаат ултрамаратонот од Нова Градишка до Крушево.

Постхумно, е прогласен за почесен граѓанин на земјава и е погребан со најголеми државни почести. Од тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, постхумно е одликуван со Орден за заслуги.

Во неговото родно Крушево на 25 април во 2011 година беше отворена националната установа „Спомен куќата за Тоше Проески“ која што до ден денешен е посетувана од неговите обожаватели и бројни музички ѕвезди.

Спомен куќата претставува материјализација на целиот негов животен пат и низ содржините обезбедува хронолошки приказ на неговото детство, тинејџерските години и периодот кога го достигна врвот на својата музичка уметничка кариера./МИА

притисни ентер