Не би шпекулирал дали поранешниот вицепремиер Артан Груби е во Албанија или во Косово, но факт е дека не бил чист како солза. Ако бил чист како солза, немало да има потреба да биде бегалец од правдата, туку ќе дојде тука и ќе ја брани својата невиност, порача премиерот Христијан Мицкоски.
Тој денеска за време на неговата посета во Гевгелија, одговорајќи на новинарско прашање, посочи оти смета дека пораките кои ги испраќаат СДСМ и ДУИ не се пораки во насока на одлучна борба против криминалот и корупцијата.
Мицкоски потенцира дека коалицијата СДСМ и ДУИ беше заштитник не само на политичките криминалци, туку и на вистинските криминалци.
-Пораките кои што ги испраќаат во јавноста во врска со бегството на Груби, не се пораки во насока на одлучна борба против криминалот и корупцијата. Ние за ова алармиравме многу пати во минатото. Оваа коалиција која што функционираше беше навистина голем заштитник, не само на политичките криминалци, туку и на вистинските криминалци, рече Мицкоски.
Тој подвлече дека МВР, Бирото за јавна безбедност и СВР Скопје работат во насока на разбивање на една криминална група на подрачјето на градот Скопје, која што години наназад беше недопирлива за овие институции.
-Сведоци сме на една робусна акција на МВР, на Бирото за јавна безбедност и на СВР Скопје, во насока на разбивање на една криминална група на подрачјето на градот, која што години наназад беше недопирлива за овие институции. Но, она кое што го направија овие институции претставува исклучително значајно, затоа што само пред два дена се најдени околу 200 грама експлозив кои се доволни да кренат во воздух која било поголема зграда на Влада, на Парламент, рече Мицкоски.
Најави дека ќе продолжат во битката против сузбивање на криминалните структури, но и на повикување на одговорност на политичките криминалци.
-Со оваа влада граѓаните можат да бидат безбедни. Продолжуваме во нашата одлучна битка против сузбивање на ваков тип на криминални структури, но и на повикување на одговорност на политички криминалци кои што во изминатите седум години ја пустошеа Македонија. Повикувам граѓаните да бидат, мирни, спокојни и да знаат дека оваа Влада буквално води сметка за се она кое што треба да ја гарантира нивната безбедност, рече Мицкоски.
Мицкоски: Ќе продолжиме со борбата против криминалот и корупцијата, се останато е празна политика.
ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија, но и самата влада која што ја предводам прави се што може да испорача резултати. Ќе продолжиме со борбата против криминалот и корупцијата, затоа што само така можеме да ја вратиме надежта кај граѓаните, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски од Гевгелија, прашан за коментар во врска со бројките од последните анкети.
Се останато, потенцираше, е само гола и празна политика, која не носи додадена вредност.
-ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија и коалицијата но и самата влада која што ја предводам, прави се што може во овој момент да испорача резултати, да покажеме дека не сме исти како другите. Јавноста е објективна и таа преку ваков тип на јавно мерење кажува реално какви се состојбите во државата. Задоволен сум, но секогаш може подобро. Ќе работиме жестоко, немаме друг избор, рече Мицкоски.
Тој појасни дека првичната цел беше да го сопрат слободниот пад и да ја консолидираат состојбата во државата. Како што рече, очекува на пролет да дојдеме до точка нула и да почне да се развива државата.
-Првична наша главна цел беше да го сопреме слободниот пад, по што успеавме. Ја консолидиравме состојбата. Уште не сме дојдени до точка нула, очекувам на пролет, месец март или април, да дојдеме до точка нула и потоа да почнеме да ја развиваме државата онака како што имаме намера. Жестоко ќе работиме како влада, напорно и чесно, за да покажеме дека може да биде поинаку, додаде Мицкоски.