Започнува „Златна лира“ - Фестивал на музичките уметници на Македонија

Во Музејот на македонската борба вечерва ќе биде отворено 18. издание на Фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна лира“. Фестивалот е во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ), а ќе се одржува до 9 ноември.

Како што посочуваат организаторите, оваа година Фестивалот ќе понуди десет исклучителни концерти со богат и разновиден репертоар, на кои ќе бидат претставени дела од македонскиот камерен опус, како и композиции на светски автори.

-„Фестивалскиот подиум ќе ги пречека уметниците и камерните состави: Пијано трио (Татјана Петрушевска – обоа, Марјан Милошевски – фагот и Петар Макариевски – пијано), Горан Начевски (баритон) и Николета Конти (пијано), Весна Ѓиновска-Илкова (сопран) и Кристина Светиева (пијано), Дуо пијано Божиновска – Димовска, Лазар Соколов (саксофон) и Емилија Кабранова – Филипова (пијано), Елена Атанасовска Ивановска (пијано), Владимир Костов (виолина) и Цветанка Созовска (чембало), триото „АУРА“ (добитници на наградата „Златна лира“ во 2023 година) и Даница Стојанова (пијано), посочуваат од СМУМ.

Оваа година, можност да настапат на фестивалскиот подиум ќе имаат младите музичари Иван Стојанов (пијано), Ана Кузмановска (виолина), Лина Николоска (виолина) и Антица Николоска (виолина).

На свеченото затворање на фестивалот на 3 ноември ќе биде доделена и наградата „Златна лира“ што СМУМ традиционално ја доделува на музички уметници или ансамбли за врвни уметнички достигнувања во текот на изминатата година.

Во рамките на својата редовна концертна програма, фестивалот „Златна лира“ традиционално ќе ја отстапи својата сцена и на младите уметници со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на концертната кариера.

Фестивалот „Златна лира“ се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Блумберг: Ле Пен се заканува дека ќе ја собори француската влада поради преговорите за буџетот

Лидерката на француската десничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен, се заканува дека ќе ја урне француската влада на тој начин што пратениците од нејзината партија ќе гласаат против усвојувањето на предлог-буџетот за следната година

Лидерката на француската десничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен, се заканува дека ќе ја урне француската влада на тој начин што пратениците од нејзината партија ќе гласаат против усвојувањето на предлог-буџетот за следната година, доколку тој биде во парламентот во сегашната форма, пишува Блумберг.

Според американската агенција, Ле Пен го заостри својот тон во последните неколку недели откако се соочи со обвинувања за проневера на средства од ЕУ за финансирање на работата на нејзината партија во Франција.

Обвинителот препорача итна петгодишна забрана за вршење јавна функција, а Ле Пен негираше дека сторила нешто лошо и ги обвини обвинителите за задушување на демократијата.

По разговорот со францускиот премиер Мишел Барние, таа оцени дека предлог-буџетот за следната година има многу недостатоци и дека владата има малку време да го отстрани.

Ле Пен рече дека црвената линија за нејзината партија се мерки кои ќе ги загрозат приходите на домаќинствата.

Доколку Ле Пен одлучи да се приклучи на гласањето за недоверба на владата, таа би можела да го урне кабинетот на Барние, а со оглед на недостатокот на мнозинска поддршка во парламентот, се очекува Барние да ја искористи уставната одредба позната како 49,3 за да го заобиколи Националното собрание и да го помине буџетот во декември.

Како што се проценува, ваквиот начин на усвојување на буџетот би можел да доведе до изгласување недоверба на владата, за што би била потребна поддршка и од екстремната десница и од левичарската алијанса Нов народен фронт. Двете групи го критикуваа владиниот предлог-буџет.

Ле Пен, сепак, рече дека екстремната десница не сака да биде, како што ја нарече, „агент на хаосот“, бидејќи се обидува да изгради репутација за одговорност пред идните избори, по значајните придобивки на европските и парламентарните избори претходно оваа година.

Според Блумберг, клучното прашање е дали судиите ќе одлучат дека каква било забрана на Ле Пен да извршува јавна функција треба веднаш да се спроведе, бидејќи тоа потенцијално би можело да ја исклучи од претседателската трка во 2027 година, каде, според последните анкети, таа и понатаму води. Одлуката на судиите се очекува на почетокот на следната година.

Ле Пен никогаш немала поголема моќ од јунските избори на кои владејачката коалиција на францускиот претседател Емануел Макрон го загуби мнозинството во парламентот.

Трошоците за задолжување во Франција во однос на Германија дополнително се зголемија денеска бидејќи инвеститорите гледаат ризик во усвојувањето на францускиот буџет за следната година.

Почина митрополит дебарско-кичевски, г. Тимотеј

Со длабока тага во срцата и со смирение пред волјата Божја, свештената бигорската Обител извести дека денеска се упокои во Господа нашиот сакам и возљубен митрополит дедо Тимотеј.

- „Целото братство на бигорскиот манастир на чело со нашиот Старец и Игумен епископот Партениј изразува искрено сочувство до целото свештенство, монаштво и верниот нарадот на Епархијата како и до сите кои го познаваа нашиот Митрополит“.

Монаси и монахињи Бигорски, Рајчица, Пречиста и Кнежино манастри

Дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј починал денеска во болница каде бил неколку дена на лекување поради проблеми со срцето, објави релгија мк.

Владиката Тимотеј беше столб на стабилноста во сите црковни премрежја и како голем духовник животот го посвети на Макеоднската Православна Црква, вели Бранко Ѓорѓевски новинар и аналитичар посветен на црковните прашања.

Тимотеј на јавноста и беше познат по изјавите во медиумите за црковните прашања. Владиката Тимотеј е роден како Славе Јовановски на 20 октомври 1951 во Младо Нагоричане, Кумановско. Во 1976 дипломирал на Богословскиот факултет. Во Рим ги завршил ориенталните студии и магистратрирал.

На Богословскиот факултет во Скопје извесно време Јовановски работел и како професор, а е поставен и за в. д. ректор на Македонската православна богословија. Во 1981 година примил монашки потстриг во бигорскиот манастир. Од 1981 бил назначен за Митрополит австралиски и администратор на Дебарско-кичевската епархија. Со Австралиската епархија раководел до 1995 , од кога продолжил да раководи со Дебарско-кичевската епархија како Митрополит Дебарско-кичевски.

Јавна расправа за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство

Иако жените се повеќе се охрабруваат да пријават насилство поради силната законска рамка, случаите заглавуваат во институционалните лавиринти.

Иако жените се повеќе се охрабруваат да пријават насилство поради силната законска рамка, случаите заглавуваат во институционалните лавиринти, а сторителите најчесто несакционирани поради ниската законска имплементација – беше заклучокот на денешната собраниска комисија за еднакви права меѓу мажите и жените. Повеќе претставници на ресорни министерства, невладини организации и пратеници се согласија дека е потребно да се издвојуваат повеќе средства од буџетот, да се унапреди мултисекторската соработка, но и да се зголеми едукацијата на сите релевантни чинители.

- Мора да обезбедиме пари во националниот буџет, во буџетите на министерствата, во буџетите на општините затоа што без да обезбедиме пари сите законски измени се апсолутно непотребни,- Елена Димушевска – национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

-Градење на капацитетите исто така на судиите, на адвокатите, на обвинителите за да знаат што вели законот и кои се соодветните минимални казни и соодветните процедури,- Лесли Милер – УНИЦЕФ.

Од МВР алармираат дека доминантни се пријавите за телесна повреда при семејно насилство, чиј сторител според Кривичниот законик се гони по воља на жртвата наместо по службена должност, па жртвата често поради страв и притисок од сторителот одбива тоа да го стори. Од МВР бараат поголема заложба од страна на сите институции за препознавање на оваа појава.

-Таквите жени најчесто во полициската практика се повторуваат, тоа се жени кои што втор, трет четврти пат пријавиле насилство во семејството. За жал ваквите случаи најчесто завршуваат со фемицити и тоа е показателот колку ние како инститиции не умееме да ги препознаеме ваквите семејства,- Жаклина Посароска – МВР.

Анализите на УНДП покажуваат дека се повеќе растат формите на дигитално насилство врз жените, нешто што оттаму нагласуваат дека нашите закони не го препознаваат и третираат..

-Моментално ниту еден сервис во државата да не го покрива овој тип на насилство, не постои ниедно советувалиште во земјата кое што е подготвено за да врши советување во однос на технолошки овозможено насилство, а да не зборувам дека најмногу треба да обратиме внимание на превенција односно работа со млади,- Кристина Пленчиќ – УНДП.

Анализа на Центарот за истражување и креирање на политики покажува дека во делови од југозападниот регион во земјава нема кризен центар, шелтер и центри за жртви на силување, за што заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски најави отварање на нови 10 специјалнизирани сервиси за жените жртви на насилство.

притисни ентер