Блумберг: Ле Пен се заканува дека ќе ја собори француската влада поради преговорите за буџетот

Лидерката на француската десничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен, се заканува дека ќе ја урне француската влада на тој начин што пратениците од нејзината партија ќе гласаат против усвојувањето на предлог-буџетот за следната година

Лидерката на француската десничарска партија Национален собир, Марин Ле Пен, се заканува дека ќе ја урне француската влада на тој начин што пратениците од нејзината партија ќе гласаат против усвојувањето на предлог-буџетот за следната година, доколку тој биде во парламентот во сегашната форма, пишува Блумберг.

Според американската агенција, Ле Пен го заостри својот тон во последните неколку недели откако се соочи со обвинувања за проневера на средства од ЕУ за финансирање на работата на нејзината партија во Франција.

Обвинителот препорача итна петгодишна забрана за вршење јавна функција, а Ле Пен негираше дека сторила нешто лошо и ги обвини обвинителите за задушување на демократијата.

По разговорот со францускиот премиер Мишел Барние, таа оцени дека предлог-буџетот за следната година има многу недостатоци и дека владата има малку време да го отстрани.

Ле Пен рече дека црвената линија за нејзината партија се мерки кои ќе ги загрозат приходите на домаќинствата.

Доколку Ле Пен одлучи да се приклучи на гласањето за недоверба на владата, таа би можела да го урне кабинетот на Барние, а со оглед на недостатокот на мнозинска поддршка во парламентот, се очекува Барние да ја искористи уставната одредба позната како 49,3 за да го заобиколи Националното собрание и да го помине буџетот во декември.

Како што се проценува, ваквиот начин на усвојување на буџетот би можел да доведе до изгласување недоверба на владата, за што би била потребна поддршка и од екстремната десница и од левичарската алијанса Нов народен фронт. Двете групи го критикуваа владиниот предлог-буџет.

Ле Пен, сепак, рече дека екстремната десница не сака да биде, како што ја нарече, „агент на хаосот“, бидејќи се обидува да изгради репутација за одговорност пред идните избори, по значајните придобивки на европските и парламентарните избори претходно оваа година.

Според Блумберг, клучното прашање е дали судиите ќе одлучат дека каква било забрана на Ле Пен да извршува јавна функција треба веднаш да се спроведе, бидејќи тоа потенцијално би можело да ја исклучи од претседателската трка во 2027 година, каде, според последните анкети, таа и понатаму води. Одлуката на судиите се очекува на почетокот на следната година.

Ле Пен никогаш немала поголема моќ од јунските избори на кои владејачката коалиција на францускиот претседател Емануел Макрон го загуби мнозинството во парламентот.

Трошоците за задолжување во Франција во однос на Германија дополнително се зголемија денеска бидејќи инвеститорите гледаат ризик во усвојувањето на францускиот буџет за следната година.

Русин осуден на 14 години затвор за испраќање видеа од руската армија на Украинци

Рускиот државјанин Никита Журавел денеска беше осуден на 14 години затвор откако беше прогласен за виновен за велепредавство за наводно испраќање видео од руската војска до украинските разузнавачки служби.

Окружниот суд во Волгоград соопшти дека Журавел „не се согласува со политиката на Руската Федерација“ и дека преку интернет се допишувал со претставник на украинските безбедносни служби и извршувал задачи за него.

Обвинителите изјавија дека Журавел снимил воз полн со воена опрема и воени авиони во 2023 година, а потоа го испратил видеото до претставник на украинската агенција за безбедност.

Журавел веќе отслужува казна од три и пол години за палење на Куранот пред џамијата што му беше изречена во февруари.

Активистите за човекови права велат дека Журавел е политички затвореник и дека бил претепан додека бил во притвор.

Тој беше претепан од 15-годишниот син на Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченија. Кадиров дури објави видео на социјалните мрежи и го пофали својот син, што предизвика гнев во јавноста.

Бројот на судења за предавство и шпионажа нагло се зголеми во Русија откако претседателот Владимир Путин влезе во војна со Украина во февруари 2022 година.

Правната дефиниција за предавство е проширена за да го вклучи обезбедувањето на нејасно дефинирана „помош“ за странски земји или организации, што ефективно го изложува на кривично гонење секој што е во контакт со странци. /МИА

Се упокои Митрополитот г.Тимотеј, утре Света Литургија на Плаошник

Утре, со почеток во 9:00 часот, во храмот на Свети Климент Охридски на Плаошник ќе биде отслужена заупокоена Света Архиерејска Литургија.

Со болка во срцата и со искрено сочувство, ја известуваме јавноста дека денеска, 25.11.2024, на споменот на Светиот Јован Милостив, се упокои во Господа нашиот возљубен архипастир, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Свештенството, монаштвото и верниот народ на Дебарско-кичевската епархија се обединети во молитвата за покој на неговата душа, со надеж на воскресение и светло блаженство. Неговиот живот и служба беа светол пример за пастирска љубов, пожртвуваност и посветеност кон Црквата Божја.

Утре, со почеток во 9:00 часот, во храмот на Свети Климент Охридски на Плаошник ќе биде отслужена заупокоена Света Архиерејска Литургија, со која ќе чиноначалствува викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.

Посмртните останки на Митрополитот Тимотеј ќе бидат изложени за проштално збогум од почетокот на Светата Литургија, па сѐ до крајот на вечерната служба истиот ден.

Вечен ти спомен, достојнопочитуван и секогаш споменуван наш сакан архипастиру!

Дебарско-кичевска епархија

Поезија од младата Милица Пауновска од Неготино промовирана во Данска

Книгата поезија „Нецелосна" од младата  Милица Пауновска од Неготино изминативе неколку дена беше промовирана во Данска, информираа вечерва од нејзиниот тим во Неготино. Притоа потсетија дека е ова прва книга на Пауновска, преведена на данскa

Книгата поезија „Нецелосна" од младата Милица Пауновска од Неготино изминативе неколку дена беше промовирана во Данска, информираа вечерва од нејзиниот тим во Неготино. Притоа потсетија дека е ова прва книга на Пауновска, преведена на дански јазик.

- Вљубеници во пишаниот збор беа на промоцијата на книгата. Тие истовремено можеа да другаруваат со уште еден македонски производ, дегустирајќи квалитетно тиквешко вино. Знаете, да се направи извонредно вино е исто така уметност, подвлекоа од тимот на Пауновска.

Притоа нагласија дека следува промоција на оваа книга и во Германија и Швајцарија, каде исто така ќе се има можност да се дегустираат и македонски вина, нагласувајќи дека младата поетеса е своевиден амбасадор на државата, македонскиот збор и нашите квалитетни вина. /MИА

притисни ентер